Стразбуршката заклетва и многујазичноста на ЕУ

12.11.2017 22:57
Стразбуршката заклетва и многујазичноста на ЕУ

Сте слушнале ли за Стразбуршката заклетва?

Во 842 година двата внука на Карло Велики, Луј и Карло, во еден двојазичен документ на старофранцуски и на старогермански, се заколнале дека нема да војуваат еден против друг и дека ќе го бранат наследството на својот дедо против нивниот чичко Лотар.

Документот е необичен затоа што и двата текста, иако напишани на различни јазици, имаат иста важност. Дотогашните договори се склучувале на еден ,„договорен“ јазик, а потоа биле преведувани на други јазици. Но во овој договор јазиците се „паритетни“, што значи имаат иста важност.

Стразбуршката заклетва (Sacramenta Argentariae) е основа на јазичната политика на Европската Унија.

Европската Унија во моментов има 28 членки со 23 јазици. Секој од овие јазици е паритетен и има иста важност. Една одредба на Европската Комисија, на пример, напишана од бугарскиот комесар на бугарски јазик, важи за сите членки на Унијата. Но за Комисијата работат неколку илјади преведувачи, кои подоцна од овој документ ќе создадат истоветни документи за кој било друг јазик на членките. Но тој „превод“, на пример на германски, не е превод туку го има истото значење како и оригиналот, што значи дека е создаден нов оригинал на друг јазик. Од практични причини, три од овие 23 јазици се избрани за „процедурални“ јазици. Тоа се англискиот, францускиот и германскиот јазик.

Политиката на ЕУ е да ги поттикне граѓаните на многујазичност со истовремено почитување на идентитетот на сите земји-членки. Таа има за цел граѓаните на ЕУ покрај мајчиниот, да владеат уште два други јазика.

Европската Унија наместо да се одлучи за еден заеднички јазик, на пример англискиот, избрала едно многу покомплицирано, поскапо, но и подемократско решение.

Проблемите што се појавуваат од толкувањето на различните оригинали се разрешуваат пред Европскиот суд на правдата. Но тоа е веќе друга тема. (Понатамошни информации: https://ec.europa.eu/education/policy/multilingualism_en)

Извор: Фејсбук профилот на авторот

Слични содржини

Европа / Балкан / Историја

ОкоБоли главаВицФото