1020 hPa
87 %
6 °C
Скопје - Пет, 24.01.2025 17:59
Дебитантскиот филм „Исцелител“ на македонскиот режисер Ѓорче Ставрески ја освои наградата на публиката „Фишер“ во рамки на програмата „Балкански преглед“ на 58-от Солунски филмски фестивал.
Тоа e единствената награда што се доделува во балканската програма и прва награда доделена на македонски филм во 58-годишното постоење на фестивалот.
Балканската програма оваа година беше исклучително престижна, учествуваа 10 филмови. Mеѓу нив беа и годинашниот добитник на Сребрена мечка на берлинскиот филмски фестивал, романскиот „Ana Mon Amour“, потоа добитникот на Фипресци наградата на Софискиот филмски фестивал, српскиот филм „Requem for Mrs. J“ и уште еден романски филм, учесник во официјална конкуренција на Локарно – „Charleston“.
„Сѐ уште сум под огромни импресии. Големо задоволство во моментов ми е што наградата на публиката ми покажа дека филмот кој се движеше на тенка линија помеѓу драма и комедија целосно допре до интернационалната публика. Се смееја на хуморот, се плашеа за главниот јунак, навиваа за среќна завршница. Имав две прекрасни проекции, а во релаксирана атмосфера слушнав коментари кои ми покажаа колку сме блиски како култури, особено притиснати од нашите апсурдни балкански неволји. Се надевам на добар прием и кај нашата публика“, изјави режисерот Ставрески.
Извор: Радио МОФ