Аерозагадувањето не е „плукни-залепи“ проблем

13.11.2017 03:23
Аерозагадувањето не е „плукни-залепи“ проблем

ВМРО-ДПМНЕ издаде серија соопштенија во кои дневните покачени вредности на загадување со суспендирани честички во РМ ги искористи за спин, со крајна цел критика на работата на конкурентската партија на власт, СДСМ:

Спин: Веќе 6 месеци СДСM ветува но нема ништо преземено за да се намали загадувањето на воздухот во Република Македонија. Целокупната одговорност и сите институции кои треба да реагираат се во рацете на СДСM. Потребни се мерки веднаш. Стоп за популизмот и лажните ветувања. Во прашање е здравјето на илјадници граѓани. Наместо евтин популизам и декларативни заложби потребно е итно дејствување. Пред сè владата, но и Шилегов и останатите градоначалници на СДСM наместо парадирање треба да си ги засукаат ракавите и да почнат да преземаат мерки за почист воздух. Граѓаните очекуваат резултати.

[Извор: ВМРО – ДПМНЕ, веб страница, датум: 07.11.2017]

Контраспин: Главната партија во опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ, издаде серија соопштенија/изјави, во кои се извртува вистината околу начините и можностите за решавање на проблемот со аеро-загадувањето, со крајна цел да тврди дека партија на власт СДСМ и градоначалниците од оваа партија не презеле ништо за решавање на овој проблем. Тука ќе се осврнеме на едно од нив, посочено погоре.

Покрај тоа што веќе се најавени некои мерки (до душа, во истиот ден по соопштението на опозициската партија), извртувањето на вистината или спинувањето е главно врамено во временската рамка на проблемот, која е неспомената, и без која не може да се каже дека тоа што го тврди ВМРО-ДПМНЕ е вистина или факт.

Ова е така затоа што нема брза и ефикасна мерка (освен природата, ветерот, на пример, во комбинација со воздушниот притисок) што ќе доведе до инстант посериозно поместување на квалитетот на амбиенталниот воздух, т.е. ќе го намали загадувањето.

АНАЛИЗИТЕ СЕ ЕДИНСТВЕНИ ОКОЛУ ЗАГАДУВАЧИТЕ

Постојат повеќе извори за оваа проблематика, пред сè, на веб страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). Од тие извори може да види дека постојат повеќе фактори врз основа на кои може да се каже дали се преземени мерки или не и секако, и во едниот и во другиот случај, повторно е потребна одредена временска рамка за да се утврдат фактите со голема доза точност.

Тоа се наведува и во еден обемен документ наречен ИЗВЕШТАЈ ЗА ОЦЕНКА НА КВАЛИТЕТОТ НА ВОЗДУХОТ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ЗА ПЕРИОДОТ 2005–2015 ГОДИНА, кој е објавен во јуни 2017 година.

Истражувањето е правено од мешовит тим експерти од Финска и од МЖСПП, при што е заклучено генерално, дека освен кај сулфур диоксидот, нема тренд на подобрување или влошување во десетгодишниот период и дека состојбата со некои од загадувачите е многу сериозна:

Според анализата, забележан е значителен тренд на опаѓање во концентрациите на сулфур диоксид во десетгодишниот период. Ова се должи на промената на горивото кое било користено во некои топлани и користењето горива со ниска содржина на сулфур. Ваков сличен тренд не може да се види кај другите загадувачки супстанци. Концентрациите на суспендирани честички се на исто ниво во текот на десетгодишниот период, односно значително ги надминуваат граничните вредности во сите урбани средини во земјата. (стр. 57)

Загадувањето со суспендираните честички ПМ 10 и ПМ 2,5 се смета за едно од најoпасните по здравјето на луѓето и токму затоа е потенцирано и во заклучокот на оваа анализа:

Високите концентрации на суспендирани честички претставуваат сериозен ризик по здравјето на населението. Поради тоа треба итно да се спроведат мерки за подобрување на квалитетот на воздухот, кои ќе се однесуваат на главните сектори на емисии, односно греењето во домаќинствата, патниот сообраќај и индустријата.

Од заклучокот може да се види дека експертите се едногласни и околу тоа кој е главниот извор на загадување кога станува збор за супсендираните честички, а тоа е, пред сè, греењето во домаќинствата, односно оние домаќинства што се греат на дрво, па дури потоа во многу помал процент патниот сообраќај, т.е. возилата, па дури на крај индустријата.

Околу емитувачите на штетните суспендирани честички нема дилеми и тие се посочуваат и во други документи, извештаи и анализи на квалитетот на воздухот, како што се на пример Годишниот извештај за квалитетот на животната средина 2016, или пак План за подобрување на квалитетот на воздухот во агломерација на скопскиот регион, каде што се заклучува:

Јасно е дека доминантниот извор на емисии на суспендираните честички во Скопскиот регион е согорувањето од неиндустриски сектор (греење во домаќинствата) со 91% од вкупните емисии. Другите извори имаат мал удел во вкупните емисии на оваа загадувачка супстанца. (стр.27)

ПРОБЛЕМОТ Е СТРУКТУРЕН – 347 ИЛЈАДИ ДОМАЌИНСТВА НА ДРВА

Како што може да се види, проблемот е многу посуштествен, структурен – како да се замени еден начин на греење (на дрва), со друг (пелети, гас, парно, струја, итн.). Големината на проблемот може да се согледа и ако се земат податоците од Државниот завод за статистика од 2015 година, кои се наведени во една од погоре споменатите анализи, каде се вели дека од вкупниот број живеалишта во земјата (околу 560 илјади), дури 62 отсто го користат дрвото како примарен извор на топлина, 29 отсто струјата, 8 отсто се приклучени на централно парно греење, а 1 отсто на нешто друго.

Очигледно ова го знае и дел од новата структура во МЖСПП. Заменикот министер Јани Макрадули од СДСМ истиот ден кога е објавен спинот на ВМРО-ДПМНЕ, на еден настан изјавил дека „греењето во домаќинствата учествува со 62 отсто во загадувањето на воздухот“.

Ова значи дека за да се намали драстично најопасниот загадувач на воздухот во однос на човековото здравје, супспендираните честички, треба да се измени начинот на затоплување во домовите на околу 342 илјади домаќинства! Најдобар начин е гасификацијата, а потоа сè друго, вклучувајќи го и централното парно греење, но само на централи кои не користат мазут за затоплување, па дури и вклучувајќи ги пелетите како замена за дрвото, мерка која неефикасно и во многу мал обем се обиде да ја спроведе ВМРО-ДПМНЕ на крајот од својот мандат, пред сè, во Град Скопје.

Ако се појде од гореспоменатите бројки, се гледа извртената вистина односно спинувањето во однос на временската рамка.

Централната власт владее со институциите во Македонија нешто повеќе од 5 месеци, додека пак прозивањето на градоначалниците од СДСМ е речиси без основа, бидејќи ги презедоа канцелариите пред недела-две.

ПРВИОТ ЧЕКОР – РЕСТРУКТУИРАЊЕ НА БУЏЕТИТЕ

Дали се презема нешто или не од страна на СДСМ (и коалицијата) и на централно и на локално ниво, најрано може да се зборува барем по некоја недела кога ќе се видат конкретно буџетите на општините на локално ниво и централниот буџет. Дури потоа може да се оформи некаков заклучок и тоа за намерите на тие што се на власт. Зашто од издвоените средства и од тоа за што се наменети во секторите за заштита на животната средина, ќе може да се изведе заклучок дали сериозно се пристапува кон овој проблем и повторно со пропаганди и со спинови. Такви најави кои покажуваат дека нешто се мрднало од мртвата точка има.

На пример, веќе споменатиот Макрадули обелодени на истиот настан дека за првпат во буџетот ќе има посебна ставка за загадувањето – 3,5 милиони евра за борба со загадувањето. На локално ниво радува и намерата на новиот градоначалник на Аеродром, Златко Марин, дека ставката во локалниот буџет за екологија ќе зголеми за 20 пати. Но, треба да се има предвид дека досега овие средства биле минорни и безначајни. На пример, ставката што ќе ја зголеми Марин досега изнесувала 950 илјади денари или нецели 15 илјади евра, што значи дека сега се планираат околу 300.000 евра за оваа намена во Општина Аеродром. Тоа е драстично зголемување, но и тие 300.000 евра и оние новите во централниот буџет од 3.5 милиони евра, што ги најави Макрадули, се малку во однос на големината на проблемот. Затоа, со целосни заклучоци дали нешто прави новата власт и дали тоа го прави сериозно, треба да се почека, ако ништо друго барем до изгласувањето на буџетите, па да се даде првична оценка.

Сè дотогаш, загадувањето, особено аерозагадувањето е една фина тема преку која може да се ќари некој дневен политички поен плус за партијата, но реалноста да отсликува длабок минус за сите граѓани.

Поради сè погоре изнесено како аргумент, тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ околу тоа дека СДСМ не правел ништо во врска со намалувањето на загадувањето на воздухот е извртена вистина односно спин. СДСМ почнува активности, а колкави и какви ќе бидат тие треба да се погледне низ аргументи и низ целовитоста на проблемот.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.