Вистината за Бог е недостижна

14.11.2017 01:15
Вистината за Бог е недостижна

Зигмунт Бауман

Неодамна во Хрватска излезе превод на книгата со разговори помеѓу двајца значајни полски мислители, еден кој доаѓа од полето на теологијата, но и антропологијата на културата и историјата, Станислав Обирек и другиот, Зигмунт Бауман, социолог и филозоф, есеист со светски углед.

Името на книгата, разговорот помеѓу овие два духа што се длабоко упатени во широките спектри на човечката култура, е „За Бог и човекот“. Овде, поимот на Бога треба да се сфати мошне широко и без предрасуди – како симбол на нешто што останува вечна тајна за човекот, со самото тоа и симбол на човечките когнитивни, морални, творечки и други ограничувања, и како идеја, која во себе носи поттик за колку што е можно поцелосно и поодговорно живеење и дејствување, кое ќе биде во состојба да ги премости конфликтите и недоразбирањата, без оглед на различноста на погледите и вистините во кои се верува.

Потребно е да се нагласат овие тематски, односно мисловни ширини, за да не дојде до погрешно сфаќање на оваа книга – таа не се однесува само на хоризонтот кој е интересен за оние што практикуваат религии, туку за секого, без оглед на личните внатрешни определувања и верувања, кој би сакал сопственото битисување да го исполни со поставување прашања кои се однесуваат на длабочините и противречностите на постоењето генерално.

Прифаќање на искушението

Исклучително е интересен и поттикнувачки делот од разговорот кој се врти околу поимот искушение – животот без искушенија е ропство, предавање на рутината, а животот после предавањето на искушението исто така често се чини како заробен живот, додека само состојбата на искушението е краток момент на слобода. Но, отворањето и ризикот од средба се единственото што преостанува, зашто човекот не може да живее одвоен и затворен од другите луѓе, затоа прифаќањето на искушението е конститутивно за моралноста.

Затоа е прекрасна идејата, и нејзината реализација, во еден дијалог да се сретнат двајца, условно кажано, „спротивно“ поставени интелектуалци, два духа израснати од различни образовно конститутивни подлоги, кои вака поставени една наспроти друга или една до друга, заеднички продираат до сознанија кои се покажуваат доволно големи и јасни за да ја опфатат одвоеноста на исходот.

Станислав Обирек

Сенката на тоталитаризмот

Како и на секој дијалог, и на овој му се потребни неколку воведни страници за сè „да застане на нозе“, читателот да се воведе во темата околу Бога и човекот, и да се опреми со заборавени или недоволно јасни знаења. Така, Обирек, преку мислата на еден познавач на религиите, потсетува дека „Кога човекот се среќава со светоста, не може да се спознае себеси како центар на вселената ниту да го гледа Бог од тесниот агол на сопствените потреби и желби“, додека Бауман заклучува дека човекот е Божји партнер во создавањето на моралниот свет, токму преку човечката способност за спротивставување на злото. Без човекот, вели Бауман, Божјото создавање морален свет нема да помине. Понатамошниот след на разговорот се движи околу наследството на монотеистичкиот Бог, каде Зигмунт Бауман воспоставува паралела помеѓу поимот на монотеизмот и поимот на вистината – двата поими се агонистички, двата можат да функционираат само во контекстот „војна до истребување“, зад двата поими нè стигнува сеништето на тоталитаризмот. Зашто, за жал, мноштво вери главно распрснуваат мноштво анимозитети и различни степени на агресија меѓу луѓето, а мислата што ја истакнува Обирек, и која на сите им пружа шанса за соживот и напредок е едноставна – Бог е Еден, а Неговата слава може да се пренесува на многу начини.

Надежта и осаменоста

Така и двајцата исклучително образовани соговорници, кои божем спорат околу вистината, уживаат во своето спорење (а, читателот ги збира плодовите на врвното интелектуално задоволство), стравувајќи случајно да не ја досегнат вистината, зашто тогаш ќе исчезнат причините за спорење. Но, за среќа, заклучуваат, вистината е недостижна, во тоа е и нејзиниот шарм, па спорот односно дијалогот продолжува околу многу други широки и интересни нешта – и околу националните мечти и митови, и околу други теми од социјалната проблематика (значи не само метафизичко теолошки прашања), како што е на пример ерозијата на општествената доверба, денешниот свет во кој исчезнува чувството на солидарност меѓу луѓето...

Зашто, некогаш светот, предупредува Бауман, повикувајќи се на размислувањата на американскиот политиколог Роберт Д. Патнам, бил поделен на општествени тела, кои пак биле фабрики на солидарноста, додека денешниот свет е раситнет на поединци, оптоварени со обврската за самоопределување и самодоверба, во услови на дефицит на норми и фрагилност на социјалните врски, што како резултат дава заемен сомнеж и сопарништва меѓу луѓето.

Едно поглавје од книгата е посветено на таканаречената убава книжевност, чии одлични достигнувања се повикуваат со помош на човечката мисла, како што се размислувањата на Џ. М Куци, автор кој во своето пишување се дистанцира од сите обиди за изнаоѓање конечни решенија, кога се во прашање потрагите за причините и почетоците на нашиот свет, неговиот развој и траење. Куци, мошне промислено, се дистанцира од сите пронаоѓачи на конечни одговори – како оние религиозните, така и атеистичките, или пак оние кои се темелат на еволутивните модели какви што развива делото на Ричард Докинс. И Бауман и Обирек заклучуваат дека книжевноста може да биде инспиративна за именување на она што го поттикнува нивниот разговор – непознатото, и ја сфаќаат како вистински „раствор на идеологии“.

Понатамошните преокупации на оваа извонредна есеистичка книга во темите како надежта („ако човештвото има надеж, тогаш таа е токму во надежта“), осаменоста на човекот во виртуелните светови, одроденоста и создавањето нови традиции...

Има ли Бог?

Станислав Обирек на крајот од овие разговори истакнува дека една од најбрзо растечките групи луѓе во светот во моментов, кога станува збор за верските одредби, „нонс“, се луѓето кои отворено декларираат недостаток на интерес за која било религиска припадност. Тој заклучува дека тоа е добра вест за сите, и за верниците и за неверниците, зашто посочува на недоволоноста на досегашните облици на припадност, а воедно повикува и на нови размислувања за историјата и историјата на религијата.

Во овој период од годината кога човекот секогаш одново е принуден да размислува за темелните прашања на своето постоење, не е залудно да се насочиме кон литература како оваа. А, се прашуваме што се случува со Бога, во страв дека по завршувањето на читањето на оваа книга ќе останеме без тој круцијален одговор. Па, како што вели Зигмунт Бауман, а нема причина да не му поверуваме – никогаш веродостојно нема да знаеме ни дали има ни дали нема Бог, но и дека нашата човечност се темели токму на неможноста за стекнување такво знаење и нужноста на животот без него.

Извор: http://www.novilist.hr

Слични содржини

Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Општество / Свет / Живот / Теорија
Никола Гелевски
Општество / Став / Живот / Теорија
Општество / Активизам / Теорија
Општество / Балкан / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото