Куси-куси раскази, преглед 03 -09 август

09.08.2010 12:41
Куси-куси раскази, преглед 03 -09 август

Даниела Јакимовска

Затоа моите идоли не се околу мене

Сигурна сум дека секој човек во светот има барем една роднина што никогаш ја нема запознаено (освен од разговорите на своите родители). Таков беше и случајот со мене. Всушност, јас не познавав многу од моите роднини, а и не гаев некоја посебна желба за запознавање. Како и да е, факт е дека имаат некаква врска со мене, а јас ништо не можам да сменам околу тоа. Роднините можеш да ги сакаш, да ги мразиш, едвај чекаш да ги видиш или да се гадиш од помислата дека треба три пати да те бакнат.

Мојата мајка, пак, постојано ми наоѓаше маани и велеше дека истите сум ги наследила, од кој друг ако не, од роднините. Сум личела на таа, сум била грбава како овој, тврдоглава како оној. И сепак, сите тие мани ќе и’ ги простев само ако забележеше едно нешто. Ако сфатеше дека секој човек е индивидуа сам по себе. Ако забележеше дека нејзинито дете е уметнички настроено. Но, таа тоа не го стори.

Сè пропадна во вода.

Сенки

Ја сочувствувам топлината. Жедта ми го гори грлото, но не се откажувам. Барем додека постои течноста која пасивно ќе ме смири и напои. Белата боја на постелнината целосно го возвишува умот. Самата создавам допири од кои воопшто не зависам, ама убави се, посматрајќи ги отстрана. Креветот, сам по себе, створува една ситуација, ситуација на страсти само... нема кој да ги возврати за да станат магични. Сенките на телото во оваа затемнета просторија го прават ова чувство од посебен карактер.
Почнувам да размислувам. Запознав, или јас само мислам дека запознав, луѓе кои всушност и не ги знам, само со нив делам заеднички фаворити. Запознав и неколкумина на кои им ја најдов добрата страна, а тие ја пронајдоа идеалната позиција под мојата кожа. И сè уште ќе запознавам, а некои и ќе бидат наметнати за да ги запознаам. И кога веќе времето не сака да запре, нека се случи и тоа.
Несмасно собраната коса и независните допири ќе останат секојдневие сè додека не го наместам следниот аларм за денот пред роденден.

Тони Павлески

Изгрејсонце

Здраво! Штотуку си го дознав името. Не прашувајте се како. Едноставно. Јас сум бебе од четири дена. Утрово ме носеа со нешто што испушташе страшни звуци. Го викаа автомобил. Потоа ме симнаа од него и ме внесоа во една голема просторија. Многумина кружеа околу мене и нешто весело разговараа. Некои од нив почнаа да се ѕверат во мене и да викаат: - Благојче, Благојче! – Па, си реков: најверојатно тоа сум јас. Нели и вие така мислите. - Ете, дојде и моето време! Ќе им покажам јас на овие околу мене, само да потпораснам малку.
А еден, пак, педа поголем од мене постојано се обидува со прст да ме шибне в очи. Слушам, му викаат: - Погали го бато – а потоа со писок го тргаат од мене. И тој ќе си го добие, има време. А јас добар сум. Еве, ги премерувам сите околу мене и по малку кашлам. Сум се засркнал при раѓањето од плодовата вода, од негрижа на болничарките. Само уште некој ден, и тоа ќе помине.


Lizard Queen

Дијалог

ТОЈ: Те сакам.

ТАА: Ќе врне.

ТОЈ: Многу те сакам.

ТАА: Ќе истури.

ТОЈ: Сакам да живееме заедно.

ТАА: Ни треба чадор.

ТОЈ: Ме слушаш ли?

ТАА: Да, не нè собира под еден, ни требаат два.


Nu Tella

Невиност

Имав 19 години кога првпат имав секс. Без љубов, во свеќи и романтична атмосфера која се губи низ одѕвонувањето на болката во моите уши. Сè што паметам беше врелината во мојата карлица и крв врз чаршавот. После веќе беше лесно. Беше убаво. Спонтано се случи љубов. Научив да водам љубов. Сакав со телото и со душата, онака, наивно, детски.
Една вечер кога ненајавена дојдов дома порано, го фатив со друга. Само оние кои некогаш се нашле од оваа страна на очајот, понижувањето и мизеријата знаат како се почувствував. Но успеав да најдам доволно сила и љубов во себе за да му простам.Тогаш ја изгубив својата невиност...

Љубовник

Кога бев во основно, дознав дека татко ми има љубовница. Никогаш не успеав да му простам. Денес, после 10 години, дознав дека мајка ми има љубовник. И’ простив. Бидејќи денес и јас имам љубовник.

Старецот

Старецот беше поранешно воено лице. Уште кога и’ служеше верно на војската, во своите најубави години, го подучуваше синот Иван да умее да си ја сака земјата и да и’ служи верно, со својот живот, до крај. Пред својата куќа имаше јарбол на кој секое утро го креваше знамето гордо, со чувство на мир и восхит кон она на што му служел и во кое верувал. Иван продолжи по неговите стапки. Повеќе за да му ја исполни желбата на стариот, отколку од љубов. Загина во немирите во 2001 година. И сопругата почина некоја година подоцна, од рак, а ќерката се омажи во Амстердам. Сега овој старец беше сам, со изгниени идеали и влажни ѕидови во малата соба. Знамето одамна го запали. Ги запали сите спомени, кои горат во пламен на кој солзите не му можат ништо. Солзите на еден поразен, осамен старец...

Случајна средба

Вчера, кога доаѓав од работа накај дома, две куќи подолу од нашата здогледав еден човек. Ме потсети на некој и излегов да се уверам или разубедам во своите сомнежи. И да! Тоа беше тој! Мојата стара љубов, мојата вистинска, наивна, силна љубов од пред 20 години. Тој веднаш ме препозна. Се израдува што ме гледа. Започнавме да поприкажуваме и како на филмска лента забрзано да ги одмотуваме годините што нè двојат. Ми рече дека не сум се изменила воопшто. Тој беше сменет. На местото каде некогаш до рамената му паѓаше коса во која ја нурнував својата душа, имаше западњачка кратка фризура, зачешлана во патец, проседа. Врз очите носеше очила со диоптер. На раката бурма. Ме праша дали сум мажена. Му реков да, додека голата дланка ја сокрив во десниот џеб, кришум. Кога си замина, го гледав и не можев да ги сопрам солзиве да паѓаат. Тоа беа истата насмевка, истите чекори и движења, дури и истиот мирис. Но тоа не беше истиот човек, оној кој зеде дел од мене со себе преку океанот. Во тој момент, навистина го пуштив да си оди...

Гитара

Уште се сеќавам. Пополека ја зеде акустичната гитара во рацете, тенки и обвиени во змијулави вени, сини. Свиреше лесно, како да е лесно да се свири толку убаво, толку боженствено. Гласот го пушти одвај, тивко, но можев да го слушнам чкрипецот што доаѓаше од неговото грло. Вибратото, Боже, ми создаваше армија од мравки што маршираат под секоја пора на кожава. Пееше без напор, во занес кој беше испишан врз неговото лице. Врз затворените капаци што подскокнуваа, а веѓите му се искривуваа грчевито нагоре, понесени од емоциите на неговата душа. Немаше сенки, немаше духови ,ни демони. Бевме сами, ние во собата – јас, тој и музиката што се кршеше од ѕидовите и се ронеше врз нашите темиња. Тогаш, последен пат свиреше за мене. Се удави следната пролет, 29 мај, 97. Велат дека се предозирал. Сеедно, кога веќе го нема. Неговата музика не познава сенки ни демони...

 

Владимир Кузмановски

Грб... цвеќе... детелинка

Поштарот ја донесе неделната пошта, што по обичај ми „следуваше“ од некои напумпани, со пари, фирми, кои се трудеа да ја намалат мојата свест за она што навистина ми е потребно. Јас, стоејќи на чардакот, го наслушував ветерот, кој звучеше милостив кон мислата што ја навлекуваше во умов,а...
еден парталав човек ми се приближи, упатувајќи го димот од лулето накај мене, собирајќи ги парталите од својата кошула в раце,изговарајќи го зборот кој мене како и да не ми прилега на психичкиот статус во себе си:
- „Младичу!“
Го погледнав колку да има доем , ... сепак го следам!
- „Земјата се врти, ќе се најдеме и ние еднаш од кај сонцето,ќе проговори и нашиот живот со волшебни моменти!“ - продолжи човекот!
Зборовите ми го кренаа погледот погоре, а очиве, ги сетив, како блескаа од неизбежна реплика:
- „ДА!“ - му реков!
- „ ...сонцето ќе нè огрее и нас! Но, шилецот на времето ја демне нашата среќа!“ - продолжив.
- „Само,... ќе бидеме ли ние тогаш со исправен 'рбет пред говорот на волшебството или ќе бидеме само опаковка со пројден рок, на која ќе биде испечатен најпривлечниот дизајн?!“ Човекот ги прими зборовите со проѕирен поглед ... чешајќи се по големата запуштена брада, повлече од лулето и тргна кон ливадата со детелинки.

Краток опис... длабок продор!

Ќе ги исчисти ли сонот, рацеве измачкани во бистра мисла, за да потоа достојно се поздравам со тебе?! Или ќе остане лузна од спомени, наредени како слики на филмска лента, та цело време ќе морам да ја сокривам од очите бистри, и да ја чувам од воскреснување по секој изговорен твој збор?!
Засега останувам со раката широкот крената, и ќе го одпоздравувам секој миг од твојата силуета, секој чекор на твојата усна, која упорно се растревожува, а не пушта крик...! Затоа што секогаш се надевам на средба, во оваа дупка од време, на ова парче тишина!

 

Цветанка Рујан Колева

По нагорна линија

Тој не е мој. Никогаш не бил мој. Не ни сакам да биде мој. Целосно мој. Нема такво припаѓање. Глупости. Чисти зелени глупости. Патетични збора за предавање. А нема такво храње.
- Си го храниме егото додека кажуваме колку сме се божем предале. Гнасен начин на прихрана е овој кон себе. Лажен.
Па не мораш тоа гласно да го кажеш. Ама за тоа те сакам. Затоа сакам да си разговарам со тебе , онака. Кога ќе ми се смачи, или тебе ќе ти се смачи, ќе прекинеме со овие средби кои ми заличуваат на сеанси.
-Во градов нема ни еден саглам психоаналитичар. Последниот пофален, заминал за Италија. Пред година и нешто. Таму имало берба. Ах...пак залетав кон овошјето. А за што зборувавме?
- За нешто што е невозможно, а залажува.
Залажувањата го тераат човештвото напред.
-Одам, од тука слушам како почнаа да врескаат по мене. На Весна и се обесени на вратот. Их! ми се смачи и од неа.
Не зборуваме за смачување. Рано е.

Мечтаење

Ги влечеше ко магнет едни луди и млади светици. Им зборуваше во стихови. Тие пополека се соблекуваа за него. Одненадеж налета на курва.
Таа бараше повеќе од зборови. Первезно уживање. Фатално за двајцата.
Курвата разбра дека нема сили да биде курва во тој дует.
Тој разбра дека не може повеќе да ја сака курвата на сопствениот глас.
Ја избричи брадата. Тој.
Ја пушти косата. Таа.
Запрепастено зјаеја во себе. Не можеа да се препознаат во таа празнина помеѓу пенисот и вагината.
Така настанала илузијата.

Другарка ми

Секоја планина своја тежина, поговорката. Болката секој сам си ја носи. Господ или не знам кој, вели другарка ми, му дава маки на секој човек. Следствено коj колку може да истрпи.
Затоа има разни болештини по светов. Сите офкаат. И од малку и од многу. Најчудно е што каква и да набедија се анализира, стои со мега, хипер, максимум и слично. Постојано од мравка – слон. Никако бе, никако, обратно и прекинав да бидам судија. Аман! Ебати минорноста.

Ну Телла и Мечтаење на

Ну Телла и Мечтаење на Цветанка!

Дијалог-краток,јасен,силен и

Дијалог-краток,јасен,силен и конкретен!

Владимир (за некое време) :)

Владимир (за некое време) :) и Nu Tella (горе-долу од сите по нешто). :)

Од расказите пристигнати оваа

Од расказите пристигнати оваа недела најсилен впечаток ми оставија две минијатури.
Дијалогот на Lizard Queen се издвојува од останатите. Максимум ефект на минимум простор!
А добар е и „Љубовник“ на Nu Tella. Кратко, едноставно, сурово, соголено.

Љубовник - генијално!

Љубовник - генијално!

Sto e rabotava sto se

Sto e rabotava sto se vklucivte i ocenuvacite (Gorgi i Nikola Gelevski-Petar Pank) vo komentarive pod nedelniot izbor na raskazi? Dali toa e nekoja novina vo odnos na noviot ciklus na konkursov, dali ke prodolzi, ili otsekogas bilo taka, (jas sum mislel deka vie ke komentirate na krajot, kako za rezultatite na pr., a vas vsusnost) ve imalo samo pod drugi iminja. Inaku, mene bi mi bila poubava vtorava varijanta, iako prvata bi bila poocekuvana, povobicaena za konkursi. Pozdrav!

A be Gelevski ne samo sto se

A be Gelevski ne samo sto se javuva kako Petar Pank vo komentari, ne samo sto najverojatno ima uste par nick name-ovi pod koi ostava komentari, nego sto posto i raskazi pod psevdonim praka na konkurscevo. Ne za drugo nego nekoja kniga da dobie od izdavackata kuka Templum. Mora nesto da ostane i vo kukata.

Нек биде ултра либерален

Нек биде ултра либерален конкурсов! Што да не?! Ианака нема некакви пари и почести зад сето ова... Само добра волја и љубопитност да се читаме едни со други:)
Ваљда, Анонимен, може и едното и другото: да се коментира и на неделно ниво, а и после, се разбира. Но, важно е авторите да бидат поттикнати, а не обесхрабрени да испраќаат раскази.

Мене навистина овој пат ми се

Мене навистина овој пат ми се допаѓа Nu Tella ,особено минијатурниот Љубовник и Гитара.Колку што успеав по датумот да сфатам,станува збор за Jeff Buckley,или се лажам...

Дијалог, Невиност и Гитара! 

Дијалог, Невиност и Гитара! 

 И јас би го издвоила

 И јас би го издвоила расказот „Љубовник“ затоа што е сублимирано во неколку реченици. Ефективно, баш кус кус расказ, барем јас така го перцепирам конкурсов.

Nu Tella e NO COMMENT. spored

Nu Tella e NO COMMENT. spored mene THE BEST. ...
ostanav bez tekst..

Ете и јас да се согласам со

Ете и јас да се согласам со повеќето од коментарите...Ну Тела,одлично,полн погодок!Со овие раскази овој автор/авторка ме заинтересира да ги ѕирнам останатите негови/нејзини дела(сеуште не знам дали е машко или женско,но не е ни бито),и да,ми се допаѓаат сите!Ми се допаѓа разноликоста,бегањето на авторот од еден затворен шаблон,способноста да се има смисла за хумор,да се пишува понекогаш во колумна стил а најчесто длабоко и ефикасно!Би сакала да читам уште од овој автор!

komentar

Зошто да ја  величаме  само љубовта  меѓу мажот и жената. Тука ни се појавува еден прекрасен расказ  за љубовта кон  децата  и  нивната  палавост. Духовито, кратко  и  јасно. Расказот ИЗГРЕЈСОНЦЕ како  препорака  за  убавина.

 Можеби јас не сум токму ама

 Можеби јас не сум токму ама во гореспоменатиот текст не забележав величење на таква љубов...?

 Не е до тебе, Анонимен, до

 Не е до тебе, Анонимен, до тој над тебе е. Коментарот нема врска со расказот.

ОкоБоли главаВицФото