Обратно броење

14.11.2017 04:27
Обратно броење

косата поцрнува
срцето пее
кожата е мазна
и мека на допир
смртта се враќа таму
од каде што дошла

*

сосема ненадејно
чадорот се претвора во бастун
бастунот во дрво
дрвото во зима
зимата во печка
печката во чај
чајот во чад

*

длабоко во јамата
полна со тела
еден часовник
продолжува
да чука

*

гулабите
се степаа утрово на терасата
ја измачкаа целата со крв
кој да им каже
дека и утре ќе има трошки

*

Во спомен на Игор Исаковски

15 декември е лош датум игоре
тато си замина тој ден
малку пред празниците
кога толпите
уште не тргнале на пазар
и мртвите спокојно се шетаат
по новогодишни подароци

*

едниот чаршаф под бебето
другиот врз мртовецот
што точно се случува
меѓу чаршафите

*

има такви денови
морето исфрла мртов делфин
туристите се собираат околу него
зборуваат растревожени еден со друг
така стануваат
луѓе

*

во огледалото - човек
во човекот - огледало
бескрајна верига
од луѓе и огледала
ниту еден камен
наоколу

*

пред да ја сретнам
имаше мачка
по мене
исто така си зеде
како ли е
во интервал
од две мачки
да бидеш
со човек

*

знам дека малку по малку
ќе ја наполнам со книги
нејзината половина од креветот
при секое влегување во собата
ќе се штрекнувам
небаре таму некој лежи

*

патеката станува сè потенка
среде дрвјата ги оставаме
нашите змиски кожи
напролет
едно дете ќе праша
мамо што е тоа

*

кој си ти
дочув глас оддалеку
кој си ти
се приближи гласот
кој си ти
на крајот прашав
никој не одговори

*

прв спомен
во детска количка сум
нозете ми се влечат по асфалтот
не е ли преголем за количка
прашува дедо
уште го барам одговорот

 

Превод од бугарски: Иван Шопов
Слики: Elicia Edijanto

Владислав Христов (1976, Шумен), бугарски поет, писател, новинар и фотограф. Објавувал во бројни списанија за литература во Бугарија и во светот. Автор е на книгите „Фотографии на деца“ (кратка проза, 2010), „Енсо“ (поезија, 2012), „Фи“ (поезија, 2012), „Германии“ (поезија, 2012) која е преведна и на германски, „Обратно броење“ (поезија, 2016) и „Продолжуваме напред“ (публицистика, 2017). Добитник е на повеќе награди за хаику и кратка проза. Член е на „The Haiku Foundation“ и три години по ред е вклучен во редот на стоте најкреативни хаику-автори во Европа, а негови хаику песни се вклучени и во учебници за хаику на јапонските универзитети. Живее и работи во Софија како уредник во Бугарското национално радио.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото