1023 hPa
93 %
6 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 09:29
Лицето му има црти на клекната жена со хоризонтална вагина што збори. Двете бразди што конусно се спуштаат од носот кон врвовите на усните како надворешни мрсули, ја обликуваат инфантилноста на таа појава, а кога изгледаат како испеглани фалти на женско здолниште, му ја истакнуваат устата како полов орган на некоја кубистичка слика. Телото му е како откинат пропелер од некој потонат брод. Фацата му е скаменета меѓу презирот кон себе и кон остатокот од светот. Носот како да му е залепен неколку денови по раѓањето и на целата глава ѝ дава лик на скулптура од пластелин што излегла од работилницата по ОТО на некоја гимназија и отишла да му даде интервју на Чом. Се клати додека оди кон вас или додека се оддалечува и со тој страничен отклон остава впечаток дека никогаш нема да пристигне или да замине.
Ги стиснува очите како човек од Сечуан или како Команчи од Дакота и задолжително фрла со погледот десно, како трик кој треба соговорникот да го натера да мисли дека и тој мисли. Во слободен говор употребува до 25 зборови, дваесет и шестиот си го носи запишан на ливче што му го пополнува Горското началство.
Невиден регрес
Не верувам во немоќта на филмот, стрипот или расказот, да не правиме муабет за поезијата или романот, макар благо да го релјефираат ова испеглано бездушие и затоа повеќе ми се чини дека тој никогаш немал никаков допир со културата и уметноста, од високата до најпопуларната. Тој беше бројчето што го отклучи сефот, елементот што го заврте целиот механизам во правец на невидениот регрес, пазелче што ја заокружи сликата на македонската беда, а не уметник што ја нацрта таа грозотија. Тој беше пасвордот на македонската некултура, мрза и злоба, на тоа што поетите го викаат небиднина. Ако в недела го ослободи партијата, в понеделник може да го затвори државата. Ах, бе, Никола, зошто си толку затворен!?
Но, нема да можеме да се ослободиме од него дури и ако го затвориме затоа што од затворот ќе нè потсетува на карактерот во кој ја примивме неговата семка односно него како семка и ја оплодивме во македонската патетична материца. Неговата појава ја растресе македонската земја како тунгуски метеор, но во екот на таа страшна несреќа јас почнав да мислам дека има во таа апокалипса и нешто добро, можеби, си велев, нешто според народната: секое зло, за добро! Почнав да се надевам дека во тој тресок ќе настрада и македонската гнилеж, македонската аморфност, патетичност, извештаченост, мрза, затапеност и дека на таа чистина, како некоја грин филд инвестиција, ќе се роди нова, убава, модерна Македонија, ослободена од генетските и автоимуните болести. Арно, ама-не!
Санирање на Македонија
Штетата е направена според моите очекувања, дури и над тие проекции, груевизмот ја ошиша и најситната креација, паметта и љубопитноста и ја дотера земјата на салдо нула, како градежна парцела со пат и струја, но новите власти решија дека е подобро да ги присобереме расфрланите и оштетени тули, да ја офарбаме старата дограма, да го исправиме и туриме наново стариот пластифициран лим на крововите, демек да се закрпиме, испегламе, подновиме, освежиме, да ги поправиме штетите што ги стори груевизмот, а не да ја поправаме Македонија како штета. Штета, затоа што ова беше единствена историска прилика.
Но, не сум повеќе жесток како што бев порано. Сфатив дека ние сме сепак прашинка во една вмреженост на интереси, субјекти и процеси во кои мора да се почитуваат пошироките проекции како море во кое мора да се плива. Тие односи не ја гушат локалната креативност, но материјалите од кои домашниот политички фактор треба да ја направи утрешнината, се помалку или повеќе зададени. Нема, сакам да кажам, ништо од револуцијата! Тоа е фиксот број еден! Фиксот број два е дека енергијата и комплетната креативност мораме да ги насочиме во процесот на санирањето, не на реконституцијата на Македонија.
Не знам дали таа свест е резултат на анализата на ресурсите и на можноста тие да се чуваат и користат во еден ваков пристап, односно на ризиците дека оваа мала земја и уште помала нација, можат да ги растурат во неповрат при поместувања во самите основи на постоењето, но мислам дека треба да се прифати, да се поддржи и колку може да се освежи и воздигне, процесот што го води Заев со помош на партнерите од меѓународната заедница.
Тој процес не ги плафонира нашите очекувања и креативности толку ниско колку што се чини на прв поглед. Ако продолжат, со сите компромиси и компромитантности, реформите во правосудниот сектор, ако следната недела или една недела потоа го преселиме старото раководство на ВМРО-ДПМНЕ од плоштадот на ВМРО на плоштадот во Шутка, ако одбереме додавка на името и на пролет влеземе во НАТО и почнеме преговори со ЕУ, ако го продадеме ЕЛЕМ и вшприцаме уште некоја милијарда плус во папсаното стопанство и во осиромашеното население, ако ја растуриме телевизиската смрдлива багра што лупевскува по вредносните ганглии на нашиот човек заедно со размножените универзитетски фабрики за кретени и плус, ако се пласираме на Светското првенство во фудбал - ете ја Македонија на картата на пристојните места за живеење.
Еве, на крајот, и еден виц за добар викенд:
Во автобусот на Ниш-експрес, до мене седна лицето што ми се претстави како Тунтев.
Јас сум, ми рече додека автобусот влегуваше во Грделичката клисура, шеф на пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз во Собранието на Република Македонија.
Убаво, му реков, и кај сте тргнале?
Еве, ми рече, одам Охрид, да се одморам малку и да лапнам две-три илјади евра за патни и дневни трошоци.
Па, преку Ниш ли ќе одите во Охрид, ова е автобус за Белград, да не сте се збуниле случајно!?
Не, не сум се збунил случајно, ми рече и отиде да го замоли возачот да го симне на Предејане!
Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња