Пратеници, ако сакате борба против корупцијата почнете од себе!

15.11.2017 04:33
Пратеници, ако сакате борба против корупцијата почнете од себе!

Приказнава со патните трошоци за пратеници е коруптивна до даска и тоа го знаеме со години.

За секоја досегашна злоупотреба на патните трошоци пратениците треба да одговараат согласно Кривичниот законик. Тука треба да има темелна истрага од страна на јавното обвинителство, затоа што постои голем сомнеж за проневера на народни пари. Против сите пратеници кои досега проневериле пари треба да се покренат кривични постапки!

Фактот дека пратениците не го сменија коруптивниот закон досега е показател дека немаат волја да ја започнат борбата против корупцијата од сопствениот двор.

Инаку, мое лично мислење е дека пратениците не треба да имаат право на бесплатен јавен превоз. Треба да си го плаќаат превозот како што си го плаќаат и сите други граѓани.

Дали пратениците надвор од Скопје треба да добиваат надомест за патни трошоци?

Дефинитивно треба да добиваат надомест за патни трошоци, но само ако користат јавен превоз (автобус или воз), и тоа само по приложување на автобуски или возен билет. Сè друго би било привилегии, дискриминација и понижување на граѓаните кои користат јавен превоз, и кои плаќаат даноци од кои пратениците земаат плата.

Уште нешто. Сè додека пратениците, министрите и градоначалниците не почнат да користат јавен превоз, јавниот превоз нема да се подобри.

Со користење на јавен превоз пратениците, министрите и градоначалниците ќе дадат и позитивен пример во насока на намалување на загадувањето кое е најгорлив проблем со кое се соочуваат најголемите градови во Македонија!

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Милчо Велјаноски