Нема оправдување за реваншизмот, другари!

15.11.2017 17:52
Нема оправдување за реваншизмот, другари!

„Бакрачески не е деградиран на ниво на медицинска сестра, туку е раководител на Одделот за аритмии во Заводот за превенција“. „Бакрачески се договорил со Заев да се откаже од трката за градоначалник за да се врати на позицијата директор на Кардиолошкиот завод во Охрид“.

Ова се двата клучни „аргумента“, со кои некои се обидуваат да ја побијат информацијата што јас ја пласирав, дека поранешниот градоначалник на Охрид, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, е деградиран и дека врз него се спроведува политички реваншизам. Не навлегувајќи во мотивите за ваквото „аргументирање“, ќе се потрудам да ги разјаснам нештата.

Прво, според она што јас го знам (а веќе напишав дека, сосема случајно, нештата ги знам од прва рака), не постои никаков договор меѓу Заев и Бакрачески овој вториов да се врати на позицијата директор на Заводот за кардиологија во Охрид. Тоа е лага насочена и кон Бакрачески, но и кон Заев.

Второ, тоа што Бакрачески е назначен за „раководител на оддел“, не значи буквално ништо. Сите лекари специјалисти во Кардиолошкиот завод во Охрид се раководители на оддели. Вклучувајќи го и сопругот на директорката.

Трето, Бакрачески е основач на интервентната кардиологија во Охрид и неговата желба била (и сè уште е) да работи во тој оддел. Тоа е одделот каде што се интервенира врз пациенти во животно загрозувачки ситуации (инфаркти, на пример), каде што се врши категоризација, каде што се редат стентови итн. Човекот едноставно сака да работи таму каде што работел и каде што се потврдил како солиден стручњак. Не со муабети, туку со статистики. Неговото префрлање во Одделот за аритмии, објективно, е деградација. Тоа е како Сашко Кедев да го отстраните од операциона сала, како на Жан Митрев да му забраните да оперира.

Четврто, од деградирањето на Бакрачески, најголема штета ќе имаат пациентите во Охрид и во регионот. Неговата плата сега ќе биде незначително помала од таа што би ја имал кога би работел во Одделот за интервентна кардиологија. Но, пак ќе нагласам, пациентите ќе загубат еден добар мајстор на својот занает.

Петто, се изнаслушав многу приказни и критики за тоа колку Бакрачески бил лош директор на Заводот и потоа лош градоначалник. Еве, тој веќе не е ни едното ни другото. Ако има нешто повеќе од тоа, повелете, има органи на прогонот, пријавете, нека си ја вршат и тие работата. Но, дајте му на човекот да го работи она што најдобро го знае. Тоа е во наш, општ интерес.

И шесто, тоа што многу „медицински сестри“ во изминатите десет години станале „кардиолози“ и „главни оператори“, а многу кардиолози станале хаусмајстори (пост на Фросина Ременски), е сериозен аргумент. Но, затоа го соборивме режимот на Груевски, меѓу другото. Сега ние на ист начин ќе се однесуваме, или ќе покажеме дека сме подобри?

Нема оправдување за реваншизмот, другари. Едноставно, не ни личи. За ова не се боревме. Не, ние се боревме за правда, за стандарди, за почитување на луѓето и на вистинските вредности. Имајте го тоа на ум.

Извор: Плусинфо
Слика: Rembrandt Harmenszoon van Rijn