Дубравка Угрешиќ: Популистичкиот вирус зарази баш сè

16.11.2017 00:47
Дубравка Угрешиќ: Популистичкиот вирус заразил баш сè: културата, медиумите, однесувањето, модата

Вашиот последен роман „Лисица“, ми се чини, продолжува таму каде што застана „Форсирање на роман река“. Конечно сè се распадна, а со тоа и книжевноста. Тоа што тој роман од крајот на осумдесеттите го детектираше како беда на писателскиот живот, со сите негови заткулисни пикантерии, денес се чини уште потажно. Каква е врската помеѓу двата романи?

Вистина е дека постојат заеднички точки, но двата романи се навистина различни – структурно, композициски, наративно, жанровски – тешко можам да ги ставам на иста полица. Меѓутоа, ликот на Флагус од „Форсирање на роман река“, кој е пародиска референца на Воланд кај Булгаков, во овој во мојот роман воскресна на Загрепски разговори, една година пред да падне Берлинскиот ѕид, би можел да послужи како симболична врска. За разлика од Воланд, Флагус е зло што не носи добро. Неговите идеи за „книжевните хамбургери“, за „стандардизацијата“ на книжевното производство по пат на тотална книжевна контрола се гротескна антиципација на книжевната реалност што ќе дојде, или што е веќе дојдена.

Денес, триесет години подоцна, во поинаква политичка, идејна, културна и морална општествена констелација, идеите кои се појавуваат во „Форсирање на роман река“, звучат поинаку. Па, сепак, со многу воопштување, би можело да се каже дека живееме во време на стандардизација на вкусот, помеѓу другото и на книжевниот вкус, значи дека веќе ги џвакаме „книжевните хамбургери“. Владее глобалниот пазар, а кој ги држи конците – не знаеме. И како веќе и да не нè интересира премногу.

Фејсбук слава

А што се однесува до нашите книжевни региони, не се распадна книжевноста, туку книжевниот систем. Секоја поединечна литература: хрватската, српската, босанската, во ова четврт столетие мораше да се ресетира, од она практичното, како што е издаваштвото, до тнр. теориско ниво. Практично требаше да се рестартира историјата на националните книжевности, да се воспостават нови стандарди, вреднување и нови книжевни врски и референци, кога пукнаа „природните“, темели, а пред сè заедничкиот јазик.

„Лисица“ е роман што настанал во она што се означува како посттранзициско време и ја отвора темата на книжевноста во неолибералниот капитализам. Според Вас, кои се клучните промени во современата книжевност и колку навистина се променила нејзината природа?

Глобалниот пазар и дигиталната култура предизвикаа клучни промени. Една од тие клучни промени е губењето на ексклузивноста: денес, апсолутно секој може да објави книга. Авторите веќе не се ограничени од филтри, а тоа досега беа издавачите, уредниците, книжарниците, критичарите, библиотеките, географската позиционираност на авторот и општествените кодови, односно општествената перцепција на некои занимања. Денес секој може да биде свој мајстор, да издаде своја книга на интернет, да создаде база на фанови, да научи како да добива „лајкови“ од интернетската околина. Денес може да се „наместат“, да се фабрикуваат оценките во облик на ѕвездички или пак нивното отсуство. Фејсбук е школа за дигитална социјализација, која нè учи како да се позиционираме на општествениот пазар.

Изјавата „тој е популарен на фејсбук“ е позитивна квалификација. На сметка на таа „популарност на пазарот“ постепено исчезнува сериозното вреднување на книжевниот текст. Тоа, се разбира, сè уште постои, но се повлекло во белите академски кули (притоа не мислам дека „академското“ вреднување е единственото сериозно вреднување, затоа што блогерите, „книжевните активисти“, често се поинтелигентни критичари од оние „службените“). Авторите, издавачите, пазарот – сите бараат своја гратификација, своите инстантни пет ѕвездички. Ова отсуство на сериозна евалуација постепено води во општа книжевна запуштеност и на читателот и на авторот (а тука се и другите алки: критичари, уредници, издавачи).

Во некои од облиците на запуштеност спаѓаат, на пример, имитацијата на сериозен книжевен текст (наместо автентичен текст) и нејзино непрепознавање од страна на читателот; потоа апропријација на туѓ текст и идеја од страна на авторот и непрепознавање од страна на читателот; укинување на книжевниот континуитет и со самото тоа прогонување на одличноста од полето на книжевното вреднување. Како резлултат на тоа, извонредноста веќе не се смета за вредност. Популистичкиот вирус не го заразил само политичкиот живот, туку баш сè, културата, медиумите, однесувањето, модата. Ги намаливме етичките стандарди, ги намаливме и оние естетските.

Кога ја гледате состојбата во книжевноста на постјугословенските земји, под закрила на нивните јазични војни и граници, колку се разликува позицијата на писателот од онаа што ја обележуваше југословенскиот период?

Таквото прашање бара сериозно истражување што некој ден, некој можеби и ќе го прифати. Денешните постјугословенски режими продуцираат евтина идеолошка магла за тоталитарниот југословенски систем, репресиите во културата, за „мракот“ од кој, благодарение на храброста на оние што владеат со нас, ете, конечно излеговме. А што е со репресијата на популистичките режими?

Во Хрватска, денес е доволно да се дигнат оние половина милион бранители, колку што велат дека ги има, и да си земат право да ги саботираат театарските претстави; да побараат своја партиципација во училишната настава по современа историја, иако не се квалификувани за тоа; да побараат во наставните програми да има повеќе веронаука, „национален идентитет“ и слични работи. Ако денес културата се сфаќа како национална слугинка што ќе му ги чисти чевлите на Анте Готовина, на пример, зашто така одлучил општиот консензус, тогаш се заканува опасноста културата тоа и да стане. Значи, слугинка.

Важен композициски сегмент на „Лисица“, па дури и носечка наративна линија на романот, е приказната за руската авангарда. Тргнувате од Пиљњак, кој го преведувавте од руски, а потоа романот носи цела редица други епизоди што ја осветлуваат руската авангарда во сета нејзина трагичност. Целата Ваша кариера е проникната со ова икслучително важно книжевно движење, што значи тоа за Вас и како го гледате во контекст на денешната книжевност?

Некои елементи на романот „Лисица“ се појавија многу одамна, можеби пред 40 години, кога прв пат бев во Москва. Книгата есеи „Забрането читање“ ја објавив во 2000 година. Во таа книга се наоѓа есеј со наслов „Писател во егзил“. Дозволете ми овде да се цитирам себеси, односно извадок од тој есеј...

Курсот на Шехерезада

Постојат егзиланти кои еднаш заминуваат, палејќи ги сите мостови зад себе, стануваат диви луѓе. Егзилантот тешко се откажува од стекнатата слобода, тој ги развива сетилата и станува чувствителен на секаква стапица. Тој луто од себе ја тргнува секоја етикета, тој одбива да го стават во кој било вид, да биде сведен на претставник на земјата од која има пасош, да биде член на кое било семејство. Со еден збор, тој станува непријатна личност, човек што гњави. Тој одбива да се вдоми. Со тек на време, развива животински инстинкти, станува илегалец, ги менува своите брлози, не може да се фати. Ако и се вдоми, останува странец во сопствениот дом, со секогаш подготвен куфер што стои покрај вратата. Тој станува уривач на норми, го чеша секоја стега, се навикнал на живот без вообичаениот ред. Со време се стопува со своето обвинително лице. Тој станува непријател на предавниците, тој се сели во илегала каде што еднаш беше втеран, тој станува субверзивен, зашто еднаш го обвиниле за субверзија, тој станува одметник зашто го обвиниле за одметништво.

Во еден момент, писателот го среќава егзилантот во себе, се помирува, состојбата наречена егзил станува негова вистинска состојба. Правејќи круг, писателот помирено се враќа во својата вистинска куќа.

Се чини дека руската авангарда најстрасно ја следеше идејата за „уметникот предавник“ и за уметничкото дело како „предавство“. Руската авангардна култура разработи богати стратегии на „предавство“ на воспоставените уметнички начела, востановените жанрови, востановените вредносни хиерархии и книжевни традиции. За авангардните уметници, уметничкиот чин бил чин на субверзија. Уметноста имала своја неприкосновена автономија, а за одбрана на таа автономија сите средства беа дозволени. Темелната уметничка постапка на руската авангардна книжевност било предавството, отстранение, зачудност, разбивање на воспоставените книжевни норми, изневерување на очекувањата на читателите. Во таа смисла писателот бил предавник, лисица, а метафората на предавството била заштитен знак на секое вистинско уметничко дело.

Ми се чини дека руската авангарда сте ја вовеле во својот роман како показател дека да се пишува, сепак, значи нешто многу повеќе од простиот чин на гребење на хартијата. Ова движење на своја кожа ја почувствува целата сила на теророт. Па споредено со него, денешните маки на писателите изгледаат невино. Се чини дека нема вистинско пишување, како од родот на лисицата, без вистинска жртва?

Во романот се спомнува и приказната за Шехерезада. Да не заборавиме дека Шехерезада својот курс по креативно пишување, а кој траел илјада и една ноќ, не го платила во кеш. Наместо пари, таа ја заложила сопствената глава.

Исто е интересно во тој контекст и промислувањето на годините на големи терори и страдања, колку и да биле страотни, врз книжевноста делуваат некако поттикнувачки (барем руската авангарда посведочи за тоа). Како во денешни рамки гледате на тоа, постои ли денес можност за книжевност со таква верба во важноста, сепак и наспроти сè, да се создава?

Авангардните движења започнале пред сталинистичкиот терор и воведувањето на доктрината на социјалистичкиот реализам. Големите авангардни дела – сето тоа настанало во вортексот на револуцијата и европскиот модернизам, во вртлогот на промените што се случувале на сите нивоа. Револуцијата донела еманципација, нови уметнички стандарди, нови теории, нови перспективи, нова уметност.

Митскиот симбол на лисицата, како и нејзината антиципација во книжевноста, а вие ја спомнувате и во контекст на Пиљњак и констатацијата дека лисицата е тотем на писателот, како и во контекст на поделбата на писателите на ежеви и лисици, што ја направи Исаија Берлин, е близок на животот на писателот токму според неприпаѓањето. Поточно, по двојната неприпадност, по престојот во двата света. Значи ли тоа дека единствената вистинска судбина на писателот е изгнанството и неприпаѓањето?

Неприпаѓањето е дел на психограмот на уметникот. Многумина книжевници се набљудувачи. Тешко е да се биде набљудувач и да се припаѓа. Притоа, неприпаѓањето не ја исклучува емпатијата и другите чувства.

Имате долгогодишно искуство на емигрантски живот. Се чини дека во денешната книжевност, емигрантското искуство е речиси нужно за успешен писател, па изгледа како и да нема книжевност без тоа искуство. Според Вас, колку влијае емиграцијата врз писателот и неговото формирање?

Да беше емигрантското искуство нужно, корисно, и да беше предуслов за успешност, многумина писатели би потрчале. Тоа сепак ретко се случува, зашто писателите се свесни за огромните ризици на таквиот чин. Книжевноста, како и секој друг вид уметност, се држи до просечноста. Таа мисла ја ставив во уста на еден од моите ликови во „Лисица“.

Големите „играчи“

Просечноста, меѓу другото, подразбира способност за прилагодување на својата околина и на нејзините стандарди. Во таа смисла, побезбедно е да се биде гениј во своето село, отколку да се изложиш на „фрленоста во светот“. Чинот на самоисклучување (или исклучување) од овие или оние причини нè враќа на почетокот: сосема сме сами во светот, правилата што сме ги научиле повеќе не важат, никој не нè сака, ниту нè мрази, светот е апсолутно рамнодушен кон нас. И каде да се тргне од таа нулта точка?

Исто така една од болките на рецентната книжевност е предимензионираното сфаќање на важноста на автобиографското во текстот. Сингер пишувал дека во неговите книги има многу автобиографски детали, но дека тие не би значеле ништо доколку не се во функција на книжевниот текст како свет за себе. Вие во „Лисица“ настојувате да покажете слична работа, па се поигрувате со биографското како важна алатка, но и со јасен сомнеж кон улогата на автобиографското во романескното. Сепак, како гледате на улогата на автобиографското во романите?

Жанрот автобиографија е прилично искомлициран поради популистичкиот став дека секој има право на своја автобиографија, а потоа и на авторско сведување на сопствената биографија на ниво на трач. Автобиографиите се популарни бидејќи, едноставно, го задоволуваат гладот за трач на читателите. Затоа, меѓу останатото, „Speak, memory“ или „Зборувај, сеќавање“ не е популарна книга. Автобиографијата е конфесија, облик на „верски“ жанр. Со автобиографијата настојуваме да се прикажеме себеси подобри отколку што сме, го одоброволуваме Него, Слушателот, Оној што ќе ни потврди дека нашиот живот е вреден за внимание и ќе ни ги прости гревовите. Интеренетот ја отвори можноста сите да оставиме отпечаток од сопствениот прст (социјални мрежи, селфи, инстаграми, форуми, твитање, влогирање, блогирање и десетици други дигитални облици) и на тој начин тажното лице на модерниот нарцизам се претвори во општ карневал. Со други зборови, правото на изложување на сопствениот задник не ѝ припаѓа само на Ким Кардашијан. Тоа право го остваруваат илјадници жени и мажи и деца (!) ширум светот.

Уделот на автобиографското во книжевниот текст за мене, секогаш бил полициско, а не книжевнотеориско прашање. Во „Лисица“, на мое големо задоволство, заплеткав многу работи и тоа до таа мерка што моите пријатели, кога го читаа романот, секој час скокаа на интернет за да проверат дали постои тоа за што пишувам. Деталите за коишто тие беа уверени дека се автобиографски, никогаш не се случиле и обратно. Но, кога им поставив едноставни прашања што се однесуваат на лабавите фабулативни сврзници во романот, како, на пример, дали Дора е ќерка на Бојан; и дали мислат дека Ира Ферис му е ќерка на Дојвбер Левин; и нели Белочкин дошол во Америка од Владивосток – одговорите не ги знаеја.

„Лисица“, иако не прикажува многу весела слика и иднина на книжевноста, сепак не е песимистичка книга. Би рекол дека повеќе повикува на одбрана на книжевноста, на потребата таа повторно да биде сфатена како нешто повеќе од игра. Вие сепак верувате во книжевноста и дека ракописите не горат?

Немам ништо против книжевноста да се сфаќа како игра. Љубопитноста, играта и хуморот се показатели на човековата интелигенција. Големите писатели биле големи „играчи“, како еден Владимир Набоков, или Џејмс Џојс. Симболот на лисица што го развивам во романот, не сугерира само на значења како предавство, итрина и измама (што е доминантна западноевропска симболична слика на лисицата), туку и заводливост, амбивалентност, моќ за трансформација, поседување магични моќи, на оностраното, осаменоста. Имено, во Јапонија лисицата е полубожество што ги пренесува божјите пораки. Таа може да стекне божји статус, правото на своите девет опашки дури по илјада години. Тогаш станува „небеска лисица“. Неа ја прогонуваат ловџиите за да го одерат нејзиното крзно и да го продадат. Значи, лисицата не ја ловат затоа што украла кокошка, туку за да заработат од нејзиното крзно.

Лисицата е губитничка, нејзините измами се ситни, нејзината победа се сведува на парче сирење што ќе падне од устата на гавранот, каква иронија! Тие симболизациски сенчења ги пренесов на полето на книжевноста. Историјата на литературата помалку е историја на лаворови венци, а повеќе на историја на ризици, прогони, дисидентство, дискриминација, понижување. Лавровите венци ретко паѓаат на писателските глави, тие се резервирани за кралеви, војсководци, диктатори и – бизнисмени, како Ивица Тодоровиќ, кој, ете, цела Хрватска си ја намотал околу вратот како да е шал. Опашките од лисици на познатата слика на Бројгел „Просјаци“ што ги украсуваат облеките на просјаците и инвалидите, се симболичен сигнал дека се работи за „човечки отпад“.

И покрај сè, јас верувам во книжевноста. Ракописите не горат. На пример, сигурна сум дека песните на босанските поетеси Ферида Дураковиќ, Адиса Башиќ и на многу други ќе остават запис за ова време на оваа географска точка и ќе ја надгласат книжевната рамнодушност на регионалните културни средини. Евгениј Замјатин во своето писмо до Сталин вели дека вистинската книжевност ја создаваат „лудаци, пустиници, еретици, сонувачи, бунтовници и скептици“. Таа позната фраза на Замјатин ја знам одамна, сум ја складирала некаде во мозокот, како некаква ментална тетоважа, како свој код. Од неодамна забележувам дека сè почесто се потсетувам на таа фраза, сè почесто ја цитирам, со чувство дека сум здодевна, зашто сите ја знаат. Изненадувачки е што толку малку луѓе ја знаат оваа фраза и нејзиниот автор, а и оние што ја знаеле, во меѓувреме ја заборавиле. Причина за тоа е што денес книжевноста не се поврзува со лудило, испосништво, ерес, фантазирање, бунтовништво и скептицизам. Оние што го читаат Пауло Коељо и другите суперславни писатели, книжевноста повеќе ја поврзуваат со слава и пари.

Извор: OSLOBOĐENJE

ОкоБоли главаВицФото