Жителите на Македонија не се четири пати поотпорни на загаден воздух од европските!

16.11.2017 02:59
Жителите на Македонија не се четири пати поотпорни  на загаден воздух од европските!

Во секој момент, на седницa на Владата, очекуваме да биде разгледан и усвоен ПРЕДЛОГОТ ЗА ПРАГОВИТЕ НА ИНФОРМИРАЊЕ И АЛАРМИРАЊЕ ЗА ПМ10.

Во недостаток на мерки кои ќе бидат активни во тек на целата критична, грејна сезона, првенствено за Скопје, од 15 октомври до 15 април, сметаме дека единствено нешто што останува како некаква можност за реагирање од страна на локалната власт и ЗАДОЛЖИТЕЛНО спроведување на КРАТКОРОЧНИТЕ МЕРКИ се токму Праговите на информирање и алармирање за PM10.

Примарната функција на праговите е заштитна, а безбедно ниво на ПМ10 нема. Затоа, неопходно е алармантната состојба да биде прогласена соодветно реалноста и опасностите по здравјето на секој жител, а не соодветно избегнување на бројот на вклучувања на тој аларм. Ако град Скопје не може да донесе сет мерки кои ќе важат во тек на целата грејна сезона, тогаш прагот ќе мора да ја отсликува реалноста на загадувањето со ПМ10, а не да ја избегнува истата.

Како граѓани на едни од најзагадените градови во Европа, во нашето барање доставено и до Владата на РМ, а според препораките на СЗО, ЕЕА и по подобрите европски примери очекуваме:

- Прагот на информирање за PM10 честиците да биде 50 μg/m3, а никако повисок од 75 μg/m3, два дена последователно.
- Прагот на алармирање да биде поставен на 70 μg/m3, но не повисок од 100 μg/m3, два дена последователно.
- никакви дополнителни услови да не влијаат на надминувањето на праговите!

Токму затоа, граѓанската иницијатива О2 коалиција за чист воздух, НЕ СЕ СОГЛАСУВА со предлогот на МЖСПП.

МЖСПП на 09.11.2017година на состанокот на Интерсекторската група го презентираше предлогот што треба да го усвои Владата:

- прагот на информирање да биде 100 μg/m3 два дена последователно
- прагот на алармирање 200 μg/m3 со намалување до 150 μg/m3 до 2022 година, два дена последователно.
- да бидат надминати праговите постојат дополнителни услови и тоа:

1. овие вредности да бидат измерени на 50% од поставените мерни станици во градот

2. и добивање на прогноза за стабилна временска состојба во нареден период .

 

Граѓанска иницијатива - О2 коалиција за чист воздух

 

 

 

 

* СЗО препорачува изложеноста да не е поголема од 20 μg/m3 годишно со максимално 3 дена годишно над 50 μg/m3, без дополнителни услови.

** Клучното кај двата прага е нивото и времетраењето. Колку што се овие две вредности подолги и повисоки, толку се последиците по здравјето подраматични и штетата за сите граѓани е далеку поголема.

*** (Праг на информирање за ПМ10 ги дефинира пониските концентрации, кои, откако ќе бидат надминати, се ризик за човековото здравје при краткотрајна изложеност и е потребно навремено информирање на ранливата категорија граѓани, децата, хронично болните, бремените жени, постарите лица ...)

**** (Праг на алармирање за PМ10 е кога концентрациите достигнале ниво и времетраење, при што и кратка изложеност носи голем здравствен ризик за целото население и согласно Законот веднаш стапуваат во сила итни мерки кои, во најбрз можен рок, ќе го намалат нивото до дозволеното)