Претприемач осуден на пропаст зашто нема гаража во која ќе започне бизнис

16.11.2017 12:45
Претприемач осуден на пропаст зашто нема гаража во која ќе започне бизнис

Скопје, 16 октомври 2016

Јован Мартиновски, млад претприемач од Скопје, вели дека и покрај тоа што има многу добри идеи за бизнис, моментално е осуден на пропаст и неуспех затоа што нема гаража во која би ја започнал нивната реализација.

„Погледнете ги само Гугл, Амазон, Епл. Сите тие почнале во гаражи, а сите знаеме до каде стигнаа денес. Постојат и цел куп други компании кои почнале во гаражи, а денес се меѓу најмоќните во светот. Знам и такви што почнале во мала канцеларија во трговски центар во Влае, па денес се средни бизниси. А замислете колкави би станале да имале гаража“, раскажува Јован.

Тој истакнува дека поради овие причини, сите свои активности ги насочил кон купување гаража.

„Побарав кредит од една наша банка. Сè им објаснив убаво и се надевам дека оттаму ќе имаат слух за мене и конечно ќе добијам неколку илјади евра кои планирам да ги потрошам за набавка на гаража“.

Тој додава дека побарал поддршка од неколку бизнис-инкубатории очекува да ја добие нивната помош.

„Да одлучувам јас, веднаш би ги доделил парите. Што и да ви велат, без гаража нема ништо од бизнисот. Но, никогаш не се знае со банките и бизнис-инкубаторите. Останува да чекам и да се надевам на најдоброто. Но, ми се чини дека мојата моќна бизнис-империја е на дофат“, вели Јован на крајот од разговорот.

Тој објави и оглас во ги повикува граѓаните кои имаат некаква вишок гаража, да му ја донираат или бесплатно да му ја отстапат на користење додека да се стабилизира неговиот бизнис.

Извор: Njuz