Книгите и писателите со кои го опишував груевизмот (5) - Еш, Бадју, Жижек, Нанси, Хегел, Блекмар, Бак-Морс

16.11.2017 13:26
Книгите и писателите со кои го опишував груевизмот (5) - Еш, Бадју, Жижек, Нанси, Хегел, Блекмар, Бак-Морс

ТИМОТИ ГАРТОН ЕШ, АЛЕН БАДЈУ, СЛАВОЈ ЖИЖЕК

Целата “револуција” од 1989/90 (која го насочи ваквиот 21 век) за многумина е сомнителна. За историските промени што настанаа во Варшава и Будимпешта Тимоти Гартон Еш го смисли терминот „рефолуција”, со оглед на тоа дека промените се случуваа со реформи одозгора, како одговор на револуционерните притисоци одоздола. Францускиот филозоф Ален Бадју целиот распад на источноевропскиот социјализам не го гледа како, низ неговите термини, Настан на Вистината. “Тоа дисидентско вриење и краткотрајната народна веселба не успеаја да се преобразат во стабилно движење милитантно верно на Настанот.”

Фамозниот Славој Жижек, пак, заговара повторување на гестот на Ленин, вклопувајќи се во современото психоаналитичарско разбирање за (не)можноста да се избегне враќањето на потиснатото. „Левицата денес”, пишува Жижек во својот текст Revolution must strike twice, „се соочува со опасноста сосема да пропадне. И најрадикалните интелектуалци потклекнуваат пред присилата да се дистанцираат од комунизмот. Токму затоа мораме одново и по ново да ја афирмираме Октомвриската револуција како Настан на Вистината. Да не заборавиме: интервенцијата на Ленин произлезе од околности кои не беа подобри и 'посоодветни' од денешните. Шокиран од фактот дека сите социјадемократски партии, освен српската, есента 1914 ја следеле 'патриотската линија', заземајќи страна во тогашниот воено-светски 'судир меѓу цивилизациите', на колку мислечки луѓе Ленин можел да се потпре?”

Револуцијата ѕвони два пати

ЖАН-ЛИК НАНСИ, БОРИС БУДЕН

Влијателниот француски филозоф Жан-Лик Нанси (во текст од 1994 година) во потиснувањето на комунистичкото минато ја гледа токму епохалната глупост на посткомунистичките промени. Глупоста на посткомунизмот Борис Буден, пак, ја гледа како ефект на забраната на мислење со која е прекриено политичкото рацио на посткомунизмот. Во посткомунистичките општества човекот најпрвин го лишуваат од политичката зрелост, прават од него дете во политичка смисла, а на крајот - политичка будала.

Југославија е иднината на Македонија?
 

ХЕГЕЛ

Уште Хегел го објасни механизмот („егземпларен случај на илузија“) со кој сегашниве десни болшевици се пресметуваат со „лажниот капитализам“ (кој, според нив, го направија „комуњарите“ со „лоповската приватизација“); но, десниве популистички болшевици не сфаќаат (или се прават дека не сфаќаат) дека нивното противење на тој „лажен“ капитализам и „лажна“ демократија всушност е противење на капитализмот и демократијата воопшто, т.е. дека тие се, а не екс-комунистите, вистинските политички наследници на најмрачните аспекти на социјализмот. Заправо, како што врви времето, јасно е дека нааканиот наци болшевизам не само што ги ползува тоталитарните матрици од времето на социјализмот, туку и придобивките од т.н. транзиција: речиси сите транзициони моќници, уредно плаќајќи рекет и бацувајќи рака, денес се во таборот на перверзната власт (која во еден екстремно недемократски амбиент дури користи и демократска реторика - што е врв на мимикријата и перверзијата!).

Јама за темел
 

СУЗАН БАК-МОРС

"Светот на сништата (израз на Волтер Бенјамин) укажува на минливоста на модерниот живот, на тоа дека околностите постојано се менуваат и на позитивен начин ја преиспитуваат традиционалната култура... Модерните светови на сништата се израз на утописки желби за таков тип социјален ангажман кој ќе ги надмине постоечките форми. Но, световите на сништата можат да станат опасни тогаш кога структурите на моќта инструментално ја користат нивната огромна енергија, кога ја мобилизираат таа енергија како алатка на силата која се врти токму против масите на кои треба да им создава добро. Сништата можат да придвижат општествени промени, но ако тоа не се случи, идните генерации токму заради тие сништа ќе веруваат дека историјата ги предала."

Светот на сништата и катастрофите
 

ЕЛИЗАБЕТ БЛЕКМАР

Моето навраќање кон епохалниот модернистички проект наречен Југославија не е излез на носталгијата и меланхолијата туку на мобилизацијата и еманципацијата. А дури и тој излез да го сфатиме како „носталгија“, станува збор за афективна и ангажирана носталгија која поттикнува тензии и немир, спречувајќи урнатините на модернистичката утопија да се пацификуваат, неутрализираат и да се замрзнат во историјата. Како што вели Елизабет Блекмар, токму носталгијата ги прави урнатините „немирни и вознемирувачки“, токму со нејзина помош тие потсетуваат не само на минатото, туку и на вредностите кои треба да бидат и наша иднина: солидарноста, одговорноста, почитта кон работата, грижата за светот, автономијата...

Југославија е иднината на Македонија?
 

Слики: Paco Pomet

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото