Со носталгија против неолиберализмот

10.08.2010 10:53
Со носталгија против неолиберализмот

Социјализмот повторно често се споменува. Најмногу во секојдневниот живот, а малку поретко во медиумите и академскиот дискурс. Но ни трага носталгија за него во политиката.

Носталгија не е вистинскиот израз: тоа повеќе е мислењето дека времето на социјализмот не било толку лошо и дека на тој дел од нашето минато му се нанесува неправда. Помал дел од тоа чувство навистина извира од вообичаениот механизам на носталгијата: како што минува времето, добрите нешта се задржуваат повеќе во сеќавањето од лошите; човекот претставува еден вид оптимист наназад. А поголемиот дел од вештачката ренесанса на социјализмот е поврзан со капитализмот во кој живееме. Капитализмот навлезе во тешка криза, и на Западот, првпат по Втората светска војна, се појавуваат сериозни двоумења за него како за систем. Поголемите двоумења можеби се јавуваат во оној дел од светот кој на сопствената кожа го искуси социјализмот. Тоа не е ни чудно.

Материјално во моментов живееме значително подобро отколку пред 20 или 30 години. Но на многумина од овие простори им се чини дека се незаштитени, дека живеат несигурно, дека се помалку задоволни. Тоа неизбежно е поврзано и со општественото уредување. Психолошки во односот кон капитализмот сме таму каде што бевме и спрема социјализмот пред крајот на втората половина на 80-те години – капитализмот на луѓето сè уште им се чини повеќе или помалку саморазбирлив, а истовремено сè помалку сигурен и сè повеќе општествено неправеден. Затоа ја губи легитимноста. Социјализмот (сè уште) не претставува алтернатива за капитализмот, но се отсликува во попозитивно светло.

Односот кон капитализмот постепено се менуваше. Истапивме од социјализмот речиси без премислување, а капитализмот беше прифатен како природна нужност и во наивното верување дека менува сè на подобро. Не бевме ни свесни дека од југосоцијализмот, кој веќе долго тонеше во криза, упаднавме право во западниот капитализам кој тогаш повеќе од десетина години се неолиберализираше и стануваше посуров. Тогаш не размислувавме ни за тоа дека нашиот скок во новиот општествен поредок е дел од тектонскиот потрес во кој се распадна комунизмот-социјализмот, што го забрза исчезнувањето на социјалната држава на Западот; социјалната држава во многу нешта беше дете на натпреварувањето меѓу двата големи идеолошки система.

Ако тогаш направевме мирна споредба на двата система, можевме да избегнеме многу проблеми, на пример, оние кои трајно ги предизвикува лошо испланираната и лошо водената приватизација.

Несреќниот социјализам доживеа типична судбина на губитник: демонизација, дотолку повеќе зашто му се прилепуваше вината за повоените жртви. Од друга страна, капитализмот се чинеше уште почудесен бидејќи автоматски се поврзуваше со истовременото осамостојување. Дваесетина години подоцна, ниедна партија не заговара социјализам. Левицата не сака да има ништо со него, десницата го прикажува како црн ѓавол. И што се однесува на изборот, веќе досега се чинеше глупаво да се повикуваме на него, а така ќе биде и во иднина. Во интелектуалните кругови на него се повикуваат само ретки поединци. Поголемите медиуми со силна доза на слепило шират главно неолиберални погледи, иако токму тие погледи придонесоа за нивната катастрофална положба.

Разликите меѓу капитализмот и социјализмот се, се разбира, големи. Но постојат повеќе социјализми, како и капитализми. Југословенскиот – и словенечкиот, во неговите рамки – беше специфичен, постепено омекнуваше, но две нешта, исто како и целиот источен комунизам-социјализам, го доведоа до остриот крај: отсутноста на демократија и државната (општествената) сопственост. Токму затоа беше осуден на неуспех.

Но за Словенија тоа тешко можеме да го кажеме. Во социјализмот таа ги постави темелите на своето стопанство кои во голема мера ја носат нашата економија и денес. Не можеме да му замеруваме на словенечкиот социјализам за недостатокот на економско- развојната виталност.

Второ, во словенечкото општество за време на социјализмот имаше поголема еднаквост отколку сега. Тоа беше неговата втора голема карактеристика.

Британскиот социолог Ричард Вилкинсон (соавтор на книгата „Еднаквоста е среќа“), врз основа на низа меѓународни истражувања докажува дека нееднаквоста е причина за речиси сите општествени болести на развиениот Запад. Сите истражувања докажуваат: колку се поголеми разликите меѓу богатите и сиромашните, толку се поголеми и социјалните проблеми. Општествата со помала еднаквост, категорично тврди Вилкинсон, се дисфункционални.

Сега се наоѓаме во деликатен, можеби пресвртен период: имаме криза која претставува криза на неолибералниот капитализам и која трае. Имаме незадоволство и спомени од пропаднатиот социјализам. Имаме демократија во која може да се зборува за сè и кога начелно можат да се натпреваруваат и различни општествени системи. Некои нешта стануваат појасни: социјализмот не беше целосно негативен и неперспективен систем. Неолиберализмот не претставува никаков чудесен развоен модел, а општеството кое виси на конец тој го расипува и унесреќува. И поради сè поголемите еколошки проблеми тоа е цивилизациски погрешен пат. Притоа, сегашната криза се „лечи“ на сметка на масите и зачувување на статус квото; според списанието Spiegel, сега има повеќе богаташи отколку пред избивањето на кризата.

Неолиберализмот, под плаштот на наводната неидеолошкост, шири изразено идеолошко верување дека за него не постои алтернатива. Нашата политика не сака да расправа ни за капитализмот ни за социјализмот, и за себе мисли или тврди дека е неидеолошка, односно, надидеолошка. А притоа веќе размислува и се чувствува повеќе или помалку неолиберално. Во тој поглед забрзано се американизираше. Тоа го определува и нејзиното водење на општеството. За волја на вистината, ние не сме класична неолиберална држава, но секој ден сме сè поблиску до неа. Политиката немарно ја користи кризата како изговор за оваа преобразба. На тој начин ја турка Словенија во ќорсокак, во сè подлабока идна криза. Приватизацијата, либерализацијата и другите догми на неолиберализмот и понатаму ги зема како апсолутни вистини.

Во излезот од таа мисловна вкопаност може да ни помогне и социјализмот. Неговото целосно негирање или дури сместување во категоријата апсолутно зло дава – како што веќе рековме – поттик за каков и да е капитализам. Оживувањето и копирањето на нашиот изминат социјализам не е можно, а ни здраво, посебно поради неговиот демократски дефицит. Но тој содржеше одредени начела и механизми кои се употребливи и денес; пред сè, во заедничкото постоење на разните облици на сопственост и поголемата социјална еднаквост.

А пред сè, рехабилитацијата на социјализмот би помогнала да се разбие монополот на неолибералниот капитализам, вкоренет меѓу елитите. Тешко е да се замисли нешто поризично и „покомунистички“ од тоа да се напушти мислата за алтернатива. Понудата на општествениот развој треба да се прошири и на социјализмот, разните видови капитализам, нивните можни комбинации и облици кои допрва се осмислуваат. Веќе само по себе е болно еден дел од своето минато да се пикне во бункер. Само со мирен поглед на него можно е да се исправи сегашноста и малку појасно да се погледне во иднината.

Социјалистичката „носталгија“ се шири меѓу народот, а политиката и понатаму молчи за големите прашања во врска со општественото уредување. Тој молк е кусоглед, зборува за недостаток на совест и го зацврстува статус квото. Порано или подоцна ќе биде прекинат од притисокот на кризата, некое ново движење или партија, или немир во општеството.

Ако еднаш сепак започне сериозна јавна расправа за тоа каде бевме, каде сме и каде одиме, ќе биде можно да се размислува и делува повеќе или помалку радикално. То ест, или да го подобриме капитализмот – и тоа веќе капитализмот го доживеа во своето минато – или да го испратиме во историјата. Тоа ќе биде едно од основните прашања на човештвото во следните десетлетија. Исто така и на Словенија.

Која, значи, некогаш можеби повторно ќе живее во социјализам.

Извор: Mladina

 Во држава каде што се градат

 Во држава каде што се градат споменици на жртви на комунизмот, барок и сл. тешко дека ќе имаме вакви дискусии во догледно време. Затоа Словенија е таму каде што е, светлосни години пред нас. 

Boze...Koj li vi gi pisuva

Boze...Koj li vi gi pisuva kolumnive? Ili voglavno se romanticarski socijalisti (sto ne e opravduvanje da se bide vo zabluda) ili pak totalni ignoranti za temite koi gi pisuvaat (ovoj komentar se odnesuva samo na politicko-opstestvenite temi-poveketo od niv). Dali voopsto avtorot znae koja e razlikata pomegu socijalizam, kapitalizam i nacizam? Moj dobronameren sovet e da prorascepka malku za nivnite ekonomski sistemi (dovolno e za niv) i da sogleda denes vo koj sistem zivee SAD i UK, a kamoli drugite "kapitalisticki" drzavi. 
p.s. Koga nekoj ke kaze deka Makedonija e kapitalisticka zemja (sto se podrazbira vladeenje na individualnite prava od koi proizleguva pravoto na sopstvenost...potoa so pravoto na sopstvenost sekoja individua moze da pravi sto saka i kako saka se dodeka ne povreduva direktno i materijalno nekoja treta licnost)mi se place. Zalosno e kolku se nema poznavanje na toa sto se kritikuva! Na avtorot ocigledno ne mu teknalo deka odamna kapitalizmot (od samoto negovo raganje kako ideja) e ispraten vo istorijata. "Statism" e deneska opstestvenoto vladeenje. Povtorno, proveri si sto ova znaci i potoa pravi sporedbi!

ОкоБоли главаВицФото