Учебници, криминалци, крв и драма во македонската академија

17.11.2017 11:06
Учебници, криминалци, крв и драма во македонската академија

Секој има право на образование, а ова право е гарантирано со Устав. Сепак, каква е фукцијата на образованието доколку истото не приднесува кон прогрес не само во науката туку и во општеството воопшто? Ние сме граѓани на оваа држава, плаќаме даноци, ги почитуваме обврските, но и си ги бараме правата. Токму затоа, кога на државните униврзитети, финансирани од буџетот на државата ни се нудат учебници кои освен што се навредливи, дискриминирачки, и не ги почитуваат основните постулати на научен труд, тогаш прашањето станува општествно и политички важно.

Неколку години водиме битка за ревизија на учебниците кои содржат навредливи и дискриминаторски содржини. Некогаш сме успешни, некогаш помалку, некогаш воопшто. Во ред, тоа е процес. Сепак, решив да споделам еден пример на учебник по предметот Криминалистича психологија од авторката Лилјана Баткоска. Учебникот е дел од наставата на Универзитетот „Св. Климент Охридски“. Примерот го избрав за да сфатите колку е зачмаена нашата академска средина и колку е комплицирана битката за нешта кои се јасни дури и за мали деца.

Во учебникот по криминалистичка психологија, во поглавјето со наслов Психолошка мапа на злосторството, се наоѓа тематската единица „трансвестизам“. Имајќи предвид дека транс луѓето се една од најранливие групи во однос на насилство и убиства, сметав дека тематска единица го разработува злосторството од омраза врз основа на родов идентитет. Транс луѓето се многу често жртви на насилство и убиства, за што говорат релевантни документи и извештаи на меѓународните организации како Амнести, Human Rights Campaign и др. Во 2016, само во САД, забележани се најмалку 23 убиства на транс луѓе. Во оваа бројка не влегуваат стотиците случаи на брутално насилство, претепување, силување и други форми на насислтво со кое се соочуваат транс луѓето.

Но, проф. Батоска има друга идеја. Таа во својот учебник трансвеститите ги мапира како криминалци кои „можат да се однесуваат насилнички само во моментите на нивните неконтролирани пориви кога имаат незапирливи потреби да се облечат како спротивниот пол и ако при тоа ги открие некој или ги попречи“. Нивото на несериозност, да не речам бесмисленост содржано во овој исказ ме колебаше дали воопшто да продолжам да пишувам за учебников или само да споделам копија од истиот. Сепак, во име на дисксија и со намера да укажам на невистините ќе цитирам неколку факти кои ја побиваат професорката.

Трансродните луѓе се групата која е најмногу афектирана од злосторства од омраза. Според истражувањата на националната коалиција на програми против насилство од САД, повеќе од две третини од жртвите на убиства кај ЛГБТ заедницата и лицата кои живеат со ХИВ се трансродови жени. Каква е таа криминалистичка психологија кога од жртвите прави убијци? Каква е таа наука која една од најранливите групи на насилство ги дефинира како насилници?

Простете, ама освен петпарачка, јас друг термин немам во моментов. Професорката понатаму продолжува: Насилствата на трансвеститите можат да бидат многу брутални, иако ретки, насочени кон женскиот пол, како чин на „одмазда“ заради тоа што природата „ги казнила“ не давајќи им целосно женски изглед.“ Нема потреба да навлегувам во дискусја, колку и да е професионална, за содржина според која трансвеститите се одмаздољубиви бидејќи се казнети од природата. Бадијала и наводниците. Професорке, недозволиво е вакви несериозни (да не употребам полош збор иако заслужува) реторики во учебник за високо образование.

Професорке, срамота е!

Чудно, многупати сум се дружела со трансродви луѓе и никој не ме нападнал заради одмазда затоа што сум женско. Но, што знам јас. Еве професорката знае повеќе од мене за трансвеститите. Сепак, учебник има напишано. Според Баткоска, трансвеститите се луѓе кои „со оваа девијантност со пресоблекувањето во облека од спротивен пол и со соодветно имитирање на движењата, доживуваат сексуално задоволство“.

За жал пофесорката ја демантира целокупната наука која трансвестизмот го поврзува со родовиот идентитет. Изборот на облека е чин кој го потврдува посакуваниот род, а не чин со кој се постигнува оргазам или сексуално задоволство. За тоа е потребен сексуален чин, професорке. Конечно, професорката разликува добро што е сексуална ориентација, а што родов идентитет, но и тука внесува параноја па вели: тоа што некои од хомосексулците облекуваат облека од спротивен пол значи само начин за да ги привлечат партнерите кои се сеуште неодлучни и бисексуалци, а не доживување задоволство преку облеката.

Професорке, професорке. Не, професорке, ова не само што не е така туку и не се случува!

Верувајте, хомосексуалците немаа потреба да се маскираат за да најдат партнер бидејќи што побогу ќе прават со тој партнер ако не можат да се соблечат и бидат интимни. Логика, барем грам логика во исказиве да имаше.

За крај, носам уште една лоша вест. Комисијата за заштита од дискриминација не утврди дискриминација во овој учебник. Се работело за плурализам на мислења. Кога мислењето ти е глупаво, не базирано на факти и докази, кога мислењето дискриминира и навредува, кога со твоето мислење погрешно наведуваш генерации на студенти, тоа не е слобода на говор туку свесно поткопување на основите принципи на образованието и науката.

Народниот Првобранител утврди дискриминација, но професорката и универзиттот одговорија дека учебникот нема да се менува. Ним им е добар. Со среќа студенти. Другари, за ова ние плаќаме даноци, за државата на овој начин да нè образува. Гледате колку е лесно да се напише учебник. Сè што ви треба е мислење, а тоа го имаме сите.

 

Слики: од филмот The Adventures of Priscilla, Queen od the Desert