Доделување награди на најдобрите филмови снимени со мобилен на 8. „Мобил фестивал“

17.11.2017 12:08
Доделување награди на најдобрите филмови снимени со мобилен на 8. „Мобил фестивал“

Во Кинотека на Македонија утревечер (18 ноември) во 20 часот ќе се одржи финалната вечер на Фестивалот за филмови снимени со мобилен телефон „Мобил фестивал“, кој го организира продуцентската и дистрибутерска куќа „КТ филм и Медиа“ од Битола.

Ќе бидат прикажани победничките филмови што пристигнаа на нашата адреса на повикот за учество на фестивалот за снимање краток филм со мобилен телефон. Повикот беше отворен од јули, а пристигнаа дваесетина филмови од македонски и 500-ина филмови од автори од светот. Најдобриот филм што ќе го избере четиричлено жири ќе ја добие наградата „Ратка Илиева – Лале“, а таа се состои од стипендија од Универзитетот за аудио-визуелни уметности од Скопје ЕСРА во износ од 3.000 евра. Годинашниот „Мобил фестивал“ се одржува под слоганот „Сите се мобилни“.

Ќе бидат доделени и награди за: оригинална идеја, најиновативен филм, приказна и награда за најдобар филм во домашната програма „Млади таленти“.

Ќе бидат прикажани и видеа од работилниците одржани во рамките на „Мобил фестивал“, а кои се реализираа во соработка со гимназијата „Никола Карев“ и С.О.С. Детско село. Најсреќните десетмина во публиката ќе добијат награда, бесплатни влезници за филм од репертоарот на киното „Милениум“, а за публиката ќе има и други награди и изненадувања.

Во рамките на фестивалот, неделава во Кинотеката на Македонија беа прикажани два играни филма. Станува збор за бугарскиот хит „Слава“ и за чилеанскиот драма-трилер „Хесус“, кој раскажува за генерациската разлика и неморалниот живот на тинејџерите и филмот е во официјална конкуренција на фестивалите во Сан Себастијан, Торонто и др.

Фестивалот го поддржуваат Агенцијата за филм на Република Македонија и Град Скопје.