1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
Кога првпат во огледалото забележав дека лицето на татко ми изгледа несразмерно, го прашав зошто е тоа така, но тој само се насмевна, го остави чешелот со кој не успеа да ја прикрие ќелата и ме погали по главчето. Години подоцна претпоставив дека, иако одговорот е едноставен и се должи на асиметричноста на нашите тела, татко ми го избегна повеќе за да го избегне соочувањето со сопствената несоврешност, видлива само од перспектива на другоста, отколку од која друга причина. Но, тогаш имав бујна фантазија и помислив дека од другата страна на огледалата живеат други луѓе. Идентични на нас, но со искривени лица. Ги имитираат нашите движења (ох, колку ли мора да е тешко да чекаш скриен зад огледалото сè додека не се појави некој и ти да правиш сè што прави тој, без ни мала можност за застранување, без прилика за оригиналост!), а ноќе излегуваат за да јадат од нашите фрижидери, да вршат нужда во нашите бањи, да претураат по нашите фиоки со документи и други ситници, да нè набљудуваат додека спиеме, без да нè допрат или нè покријат ако грбот ни е гол, оти тоа би ја нарушила совршената рамнотежа меѓу двата света. Затоа кога бев мала, ако се разбудев во текот на ноќта, останував некое време будна за да наслушнувам дали некој можеби шета низ куќата. Некогаш, чекав скриена и наеднаш се појавував пред огледалото за да уловам барем некој погрешен гест, задоцнета мимика, влакно што штрчи... Не се сеќавам кога престанав да верувам во постоењето на двата света. Веројатно откако во огледалото останав да се гледам само себеси.
Слика: Скот Листфилд