ЕУ против климатските промени: сè се менува за сè да остане исто?

17.11.2017 13:32
ЕУ против климатските промени: сè се менува за сè да остане исто?

По повеќе месеци преговарање за реформата на Европскиот систем за тргување со емисиите на гасови од стаклената градина во четвртокот беше постигнат компромис помеѓу Европската комисија, парламентот и земјите членки. Промените се однесуваат на „забрзување на редукцијата на емисијата и зголемување на резервите за пазарна стабилност со цел забрзување на намалувањето на преголемата понуда на буџети за тргување со јаглеродни поени. Новите мерки ќе вклучуваат осигурување на европските индустрии од ризици на „течење на јаглерод“. Ќе се осмислат и нови механизми за помош на индустриите и енергетските сектори во иновацијата и инвестициските предизвици во транзицијата на нискојаглеродна економија. Со други зборови, баш и нема моментална промена.

Прашањето за „прилагодување “ на економијата на Европската унија со договори за климатски промени прво е политичко прашање, а дури потоа технолошко. А, сепак, токму со аргументи од вторава група се оправдува континуираното продлабочување на дисфункционалните и директно штетни политики: без разлика дали се работи за автомобилите на дизел гориво или ЕТС (Европски систем за тргување со емисиите на гасови од стаклената градина). Но, таканаречената транзиција на европската економија кон „зелена“ не почна со самитот во Париз 2015 година, како што понекогаш може да изгледа, туку трае подолга низа години и подразбира поголем број зелени политики чија ефикасност е изразено прашална. Затоа, технолошката неподготвеност на Европската унија треба да се посматра како резултат на политичката индоленција за промени кои како приоритет би поставиле што било друго освен профитот (планетата, луѓето, општеството). Оваа недела во Бон се одржува конференција на Обединетите нации за климатските промени ЦОП 23 која има за цел да го продолжи спроведувањето на политиките донесени во Париз пред две години. Со исходите од конференцијата ќе се позанимаваме идната недела зашто во моментов на оваа тема порелевантни се настаните во Европскиот парламент каде земјите членки постигнаа компромис со парламентот и Европската комисија на тема Европскиот систем за тргување со емисиите на гасови од стаклената градина. Очекувано, зелените се незадоволни.

Фингираниот „лидер“

За нештата да бидат јасни, од перспектива на климатските промени и зачувување на планетата за идните генерации, единствено задоволувачко решение се поригорозните жестоки финансиски казни за испуштање гасови во атмосферата. Но, первертираната обратна логика на ЕУ повторно одобри субвенции за фосилните горива, што е и суштината на ЕТС системот. Да се потсетиме, ЕТС на компаниите им дава одредени поени кои можат да ги потрошат или да тргуваат со нив. Од една страна ЕУ го преплави пазарот со такви субвенции кои станаа многу евтини, а тоа ја собори цената на јаглеродот и загадувањето на околината го направи уште поевтино, додека од друга страна европските фирми го преместија валканото индустриско производство во неевропските земји и за тоа уште добиваат „џепарлак“ во облик на јаглеродни поени. Ова воедно е вториот дел од одговорот на прашањето како Данска и Германија можат да имаат толку високи проценти енергија добиена од обновливи извори (првиот е очигледно голем број електрани на обновливи извори).

Реформата“ на ЕТС системот се однесува на периодот после 2020 година. За жал, политичкото брендирање е поважно од содржината. Споровите не се решени, но беше нужно да се постигне договор за ЕУ и натаму да може да ја фингира својата улога на „лидер“ во обновливите извори на енергија. И покрај фактот дека оваа година Кина ја проби целта за производство на енергија добиена од сонцето поставена за 2020 година и покрај тоа што европските производители на соларни панели уште минатата година предупредуваа токму на ваков развој на настаните. Притоа, минатиот месец Кина отиде чекор понатаму, па одеднаш затвори дури 40 проценти од фабриките на јаглен кои ги кршеа еколошките закони. Европската расправа, пак, се сведуваше на прашањето кој смее да добива средства од фондот за чиста технологија. Целта на западните земји членки беше да се исклучат фабриките на јаглен (и некои на природен гас) од фондот (сите погони кои произведуваат повеќе од 450 грама јаглерод диоксид по киловат час), додека источните членки тврдеа дека во тој случај нема да има напредок во имплементацијата на зелените технологии. Со други зборови, ЕУ води идентична расправа веќе со години и не ги решава проблемите што ја создаваат таквата расправа.

Ситуацијата е јасна и нималку едноставна. Навистина станува збор за работни места, но примарно се работи за инвестиции во технологии кои би ги зачувале работните места или би ги прилагодиле на барањата на таканаречените зелени економии. ЕУ имаше доволно години за да го реши тоа, но со континуирано имплементирање на погрешни политики проблемите само се перпетуираат од година во година. Затоа ни новиот европски „компромис“ со кој на западните членки им се овозможува профитирање од ЕТС системот, а на источните непречено согорување на јаглеродот, иако ќе биде нагласуван како уште една европска победа, впрочем е уште еден глобален пораз. Заклучокот е неизбежен: ЕУ не е подготвена за еколошки чиста економија. Од друга страна, земјите со помалку слободен пазар и помала демократија, како Кина, стануваат глобални лидери во производството и потрошувачката на обновливи извори на енергија.

Извор: http://www.bilten.org

ОкоБоли главаВицФото