Дарба

17.11.2017 15:13

Трагична ми е дарбата, божем стара казна.
Кој ли предок згрешил за да плаќам јас?
Сè што допрам се претвора во зборови
Како во легендата за кралот Мидас.

Близок ми е кралот мртов чија рака
Проколната, ете, во злато претворала сè,
Од глад умрел оти лебот сув од злато
Не можел да го јаде, ни водата да ја гризе.

Се вѕурам ли в небо – се наоблачува од зборови,
Како ли да гризнам од јаболката обвиени в бои?
И љубовта, ја допрам ли, се обликува во фрази,
Тешко мене, тешко мене осудена на фалби.

Тешко мене, леле, дрвјата не ронат лисје,
Наесен сал зборој паѓаат стари, пожолтени,
Ги љубам високите гори, но се нишаат тие
Под бремето на слеаните одгласи.

Би сакала сите зборој да ги зберам на едно место,
Да ги запалам, да го соголам од нив светот,
А би се збрчкало телото на еден таков свет, знам,
Ко принцот од бајките со свински кожув.

Со зборовите истовремено ќе изгори и светот
Залепен од нивната внатрешна страна, ко в албум...
Дали јас не знам да го раздвојам ил’ не се ни двои
Овој свет од светот на моите сегашни зборови?

Превод: Лидија Димковска

Ана Бландијана (1942) е псевдоним на Отилија Валерија Коман, романска писателка. Дебитирала во 1959 година во списанието Трибуна од Клуж. Првата стихозбирка, „Прво лице множина“ ја објавила во 1964. Член е на Академијата „Стефан Маларме“ во Париз и на Европската академија за поезија. Добитничка е на „Хердеровата награда“ за книжевност во Виена 1982 и на наградата „Виленица“ (Словенија, 2002).

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото