Аца Лукас е Толстој за „Топ тема“!

18.11.2017 04:48
Аца Лукас е Толстој за „Топ тема“!

Фатиме, не морализирај!

Мислев дека некоја фрустрирана будала се обидува да ја компензира својата немоќ низ приказната за "скандалозното" присуство на Фатиме Фетаи во некој диско клуб, но гледам дека во меѓувреме, комплексите на непознатата особа, ескалирале во мала малограѓанска хистерија на умреженото просташтво.

Не ми текнува друг израз за изгубените во своите порази и за луѓето кои мислат дека во вредносниот хаос можат да пливаат раскомотени во морализаторски гуми со катарпиларски димензии.

Не можеле да смислат јавна обвинителка во диско клуб, веројатно не и на свадба, во авион, во автобусот број 67 за Зелениково, во "Рамстор" или крај базенот на хотелот "Русија" во дводелен костим за капење, оти кој нормален човек може да разбере во што е инкриминирачката предност на диско подиумот во однос на концертот на "Стинг" или на салата број еден на Кривичниот суд, да речеме. Да не правиме споредби, а можеби треба, но во сосема извртена вредносна смисла, со пастрмајлијадите и чкембаријадите и другите јади на кои одат премиери и претседатели и министри.

Ние не можеме да се правиме добри со тоа што ќе пропуштиме да забележиме дека се повеќе луѓе, секој ден, се повеќе напредуваат во зоната на ненормалноста, но можеме да бидеме беневолентни и да забележиме дека сето тоа веројатно е резултат на зголемената концентрација на пием честичките во воздухот и на радиоактивното дејство на дебатните емисии по овдешните телевизии.

Следниот пат ќе бидам таму и јас, ќе ја свртам обвинителката, па ќе ја потстиснам малку, па ќе ја однесам на шанк по "Џек",за кеиф и во мал диско поход против примитивноста која нема друга работа туку во нај нај нај обичните радости да наоѓа гадости.

Неверојатно.

Превоспитување

Што ќе правиме ако Катица Јанева посака да игра ламбада во некое диско!?

Или гангам!?

Го затвораме диското, нормално.

А ако џитне три екстазија и фати да шета по сите клубови!?

Ги затвораме сите клубови, нормално.

А ако сепак се појават слики на Катица во диско ритам!

Им ги затвораме профилите на мрчаторите, ги исклучуваме од интернет на три години и им го одземаме правото на глас во наредните сто изборни циклуси и топ-теми!

Мораме да почнеме со превоспитување, луѓе, нема друго!

 

Аца Лукас е Толстој за Топ тема!

Тој што ѓуска на Аца Лукас во некој клуб или под туш, е во супериорна естетска, морална, кулурна и санитарна позиција, во однос на оние што ги гледаат Влаткота и обеспасошениот му шеф што врти кругови во дворот меѓу слободата и самицата. Или Чом&Боби на своите топчиња на Телма. Или во однос на оние што гледаат преноси од таканареченото собрание на Републиката во пламен. Аца Лукас за овие некултури е Толстој. За бумбарите или за чевларските дуќани на Лилето, за утринските вклучувања на земјоделците од Ѓузумелци во темата за нуклеарната програма на Ким Јонг Ун, за терорите на утринските програми на сите радија или за култната емисија за македонските народни просерувања и онаа за турските баклави завиткани од милион пластови невкус со крупно мелена глупост како фил, да не правиме муабет!

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото