Дали „добриот роман е семоќен“?

18.11.2017 19:35
Дали „добриот роман е семоќен“?

(Игор Станојоски: „Диссомнии“, Антолог, Скопје 2017)

 

На стотата страница од својот најнов роман „Диссомнии“, трет по ред, по одличните „Гаргара“ (2014) и „Првиот универзитетски ден на мојата ќерка“ (2016), талентираниот романсиер Игор Станојоски експлицитно ни ја испишува својата теза дека добриот роман е семоќен, што се спровира буквално низ целиот роман со најразлични, видливи, помалку видливи и речиси невидливи раскажувачки конци: (...) тоа веројатно значи дека политиката почнува да се става во втор план и дека одново стануваме само луѓе, и книжевници кои знаат да ја ценат убавата литература. (...) Ова претставува уште една потврда на мојата теза дека добриот роман е семоќен. Ако веднаш ја сопоставиме со уште еден автобиографски, автореференцијален пасаж на самиот крај од романот, речиси флерт со потенцијалниот читател, целосно се ослободуваме од потенцијалниот, лебдечки ризик дека нема да можеме да уживаме во мајсторијата на книжевното писмо, не сложувајќи се со ставовиве на носечкиот лик на романот, јас-нараторот: Можев да го променам и начинот на раскажување и да ги исправам сите свои размислувања во чијашто погрешност сум се уверил отпосле, но сметам дека доколку не го сторам, тогаш ќе му овозможам на читателот од поблиску да го доживее раскажаниот период од мојот живот, да сочувствува и да соразмислува со мене, доживувајќи ме притоа како поблизок, по малку и како другар. Можеби и како неистомисленик – допуштам дека во нешто нема да се согласи со мене. Значи, стануваме само луѓе (читатели), книжевници кои ја сакаат убавата литература, неистомисленици со ист книжевен вкус, истомисленици со не-ист книжевен вкус, по малку и другари по текст, по молив... Текстуалната самосвест на Станојоски можеби не е доминантна, ама е значајна карактеристика на „Диссомнии“.

1.

Сосем е неважно дали романов е по мерка на вакви или на такви читатели; на овие или на оние; на верзираните или на обичните. Она што е најважно за овој роман на Станојоски е тоа што тој (и) жанровски ја проширува и ја збогатува современата македонска книжевност. Жанрот е и помодност, и тренд, променлив и повторлив формат и манир. Зададена боја на книжевната сезона, преферирана/предефинирана кројка на нарацијата, прет-а-порте́ на приказната, на темата, на синхронискиот творечки интерес низ книжевностите на различни јазици и простори, но во исто создавачко време... Но, тој (жанрот) е и врвен занает. Ниеден жанр сам по себе не располага со жигот дека нешто е или не е книжевност. Не постојат важни и неважни жанрови, постојат добро и лошо напишани книги; првите се во чисти, во комбинирани или во хибридни жанрови; вторите не е ни важно во што се. Станојоски ни демонстрирал суверено и прецизно, школски јасно и прегледно, како се пишува во жанр(ови) што речиси не се негува(ат) во домашната книжевност, но и како се комбинираат навидум неспоиви раскажувачки фактури,.. како сѐ се вплетува на крајот во една совршена мрежа во која се уловуваат и најпребирливиот и најситничавиот читател. Самата се чувствувам доброволно влетана во таа мрежа пред воопшто да бидам уловена на крајот, зашто Станојоски првото „браво“ ми го „украде“ уште на 14 страница. Само по неколку прочитани страници, авторот во една совршено концентрирана - ни преработена, ни недоработена, ни пренапишана, ни недопишана - нарација со беспрекорен ритам, во исто време го треснува капакот на лаптопот на писателот главен јас-лик во романот со тостерот кој штрекнувачки гласно ги исфрла испечените лепчиња. Ова подудирање на двата звука, ова раскажувачко нагодување да се појават во ист миг, во иста реченица!, постигнато само и единствено со зборови е совршен филмски ефект пресликан, отпечатен во прозен текст. Вербален еквивалент (или соодветник, како што Станојоски го помакедончува овој интернационализам во романот) на звучен филмски ефект. Ваквата постапка се повторува уште неколку пати во романот, со коинцидирање на грмење и други истовремени нарушувања на тишината во старата куќа на бабата и дедото на нараторот, починати во 90% од романот и живи во останатите 10%...

2017 година имаше повеќе квалитетни романи од домашни автори, но во контекст на жанровската свежина, покрај Давор Стојановски со „Собирачи на пепел“ (егзистенцијалистички роман по подолго време во македонската книжевност), го издвојувам само уште „Диссомнии“. (Имаше уште неколку романи кои имаа колажен жанровски концепт, но во нив не стануваше збор за хибридизација од позабележителен вид, ниту за прочистување / воведување / возобновување / враќање на жанровската книжевност во и на нашиот јазик, затоа не ги наведувам.) „Диссомнии“ е политички, љубовен, фантастичен, хорор, интригантен,.. интелигентен роман со богато сиже и вешта фабула, со напнатост, неизвесност, непредвидливост, лукави перипетии и маестрални подведувања на читателот под вештата раскажувачка стратегија на авторот; седнување на однапред смисленото место за читателот во текстот од страна на опитниот и вешт раскажувач. Ваквата секонтролирачка постапка на Станојоски не е манипулација на читателот, туку педантно спрoведување на жанрот. Онака како што е изведено, спроведувањето на жанрот повеќе прилега на заведување на читателот од секаква провениенција: на оној што е подложен и подготвен да биде заведен, но и на оние што изречно не сакаат или пренастојчиво сакаат да бидат заведени. Свесно го одложувам зборот „трилер“ сѐ додека можам, затоа што ми е преексплоатиран и преалчен за прешироките творечки сфери што се обидува да ги опфати и преземе во себе, иако сум наполно свесна дека токму тој е најсоодветната жанровска дефиниција за овој роман. „Диссомнии“ е книжевен трилер. Но, „Диссомнии“ е и одличен роман со совршена пишувачка контрола. Комплициран за пишување и за интерпретирање, но не и за читање, зашто Станојоски со својата раскошна дарба толку сигурно нѐ води низ текстот што едноставно, порано или подоцна, мораме целосно да му се препуштиме. Ако не по првата глава – тогаш сигурно по првиот дел; ако не по првите редови – тогаш сигурно по последните.

Дихотомиите, двојствата, се суштината на романов, негова совршена „одработка“. Скелет за мноштвото приказни, за „системот од приказни“, според зборовите на Станојоски, разресени низ текстот сѐ додека не се одбере совршеното место за нивно врзување во јазол или во панделка. Нема неврзана приказна; нема загубена приказна. „Диссомнии“ се состои од два дела, има две важни жени во него (Настја и Софче), има и уште еден фиктивен женски лик – Каролина Јаневска. Нејзиното место во романот е многу лирско и интересно, но нејзината основна функција е да оствари дури три дихотомни релации за подобро исцртување на ликовите: нараторот и Каролина; Настја и Каролина; Софче и Каролина. Наредната дихотомија е Мајдан и проруската ориентација (не потсетува ли ова на Шарената револуција кај нас?); Украинците и Македонците; претепувањето на нараторот и „претепувањето“ на Настја; луѓе и вампири; живи и мртви; музиката на „Океан Елзи“ („Кога наоколу нема жива душа“) и аријата на Анна Нетребко од Дворжак („Oј, месечино, далеку на небото“); романот „Јас и Достоевски“ на писателот, главниот лик-наратор и романот „Диссомнии“ што во мигот го читаме за писателот и... на крајот, прекрасната стилско-метафорична дихотомија повеќепати одлично „спроведена“ во романот, остварувајќи посебна рефлексивна нијанса: „внатрешната страна од прозорецот“ и „надворешната страна од прозорецот“...

Второто „браво“ Станојоски ми го украде на 34 страница со пасусот Моето село беше големо (...), додека апсолутно не знаев дека речиси 200 страници подоцна, романот и ќе заврши со истиот пасус (третото, финално „браво“). Ова не е типична дихотомија, но сепак и како повторување (два пати) има некакво имплицитно двојство во себе. Промената на контекстот, истиот пасус го претвора во прозен рефрен, акцент, поента, заклучок, резиме, или, едноставно, во меко, беспрекорно „затворање“ на вратата на приказната.

2.

Вториот дел од романот е сосем различен од првиот. Од урбаниот Лавов, одеднаш дејството и главниот лик се преселуваат во село во западна Македонија. Бабата и дедото се починати (или не?); тој е сосем сам во куќата во која набрзо се појавуваат и вампири „обработени“ во текстот со суптилен такт и фолклорен наратив, со градации, кулминации... Тука веќе се извлекува и насловот на романот во многу досетлива постапка на слушање ноќна радио-емисија на главниот лик во која со денови еден доктор ја обработува темата на диссомниите, најразличните видови нарушувања на сонот. Додека главниот лик сфаќа дека ги има речиси сите нарушувања за коишто зборува докторот, ние како читатели исто така запаѓаме во мошне лесна идентификација со овие рапространети состојби во нашево време. Значи, авторот и нас нѐ врзува во јазол или во панделка, како и сѐ друго. Како во секоја добра трилер книжевност, ништо не е така како што авторот веќе успеал да нѐ убеди. Штом ќе се увериме во постоењето на вампирите, тие стануваат живи баба и дедо. Се појавува и Софче и со делумна автобиографска кокетност, во романот сѐ си добива смисла и ред. Толку е вешто и умешно напишан „Диссомнии“ што во него Станојоски можеби дури и си го најавува својот нареден роман „Јас и Достоевски“.

Игор Станојоски е искусен романсиер кој целосно го заложил својот нов роман и за бравурозен книжевен џек-пот за опис на сексуален чин на страничка и пол. Неодамна, во мај 2017, излезе од печат и новиот роман на Јагода Михајловска-Георгиева - „Манастир Фуентерабија“ кој е совршено близок со „Диссомнии“ токму и само според таа една и пол страничка. За „онаа работа“ или треба да се пишува како Станојоски на 197 и 198 и Михајловска-Георгиева на 218 и 219 страница, или таа треба да се одбегнува во широк, лирски наративен лак. Станојоски во своето еротско, сексуално парче на карпата под Св. Канео во Охрид, со суверената поетска постапка за замена на очекуваните зборови / фрази со нивни невообичаени парници (последниот бран на украинското цунами за оргазам, месечината се лула и џиновска вртелешка за сексуалниот ритам на телата на партнерите итн.), ни ја доловува сета телесна страст на поднапиените јас-наратор и Настја. Не сакам да кажам дека овој дел е поетски, но сум длабоко уверена дека е напишан со поетска постапка. Немам никаква амбиција да трагам по лирското во романот, зашто тоа е видливо и препознатливо за сите читатели: прекрасно избрусени реченици, напати нежни и певливи, напати со љубовен чемер и кнедли во... зборовите... Пеперутки во стомакот? Да, само што кај Станојоски првнуваат вака: Илјадници пеперутки ги распафтаа своите крилца низ мојата утроба. А музиката? Музиката искористена како најава за вљубување (подоцна во романот и се потврдува таквата намера, всушност, антиципативноста на музиката во подоцнежната страст) е само еден од многуте сигнали дека си имаме работа со мајстор на пишувачкиот занает. „Океан Елзи“ не е само омилен бенд на нараторот, „Океан Елзи“ е потенцијално омилен бенд и на читателот, затоа што низ нивната музика зборовно се симулираат, се идентификуваат најтрепетните мигови, најлирските нијанси во „раката“ на нараторот. Но, што се тоа нијанси, всушност? Кажано со зборовите на Станојоски, извадени од сосем друг контекст, ама податливи и за овде: (...) на обичниот (...) човек не му останува ништо друго, освен безусловно да се вклопи во погласно извикуваната вистина за да не полуди од кошмарот на нијанси... Дали зад кошмарот на нијанси, понекогаш не се крие далтонизам за бои? Самата фраза кошмар од нијанси е од првото мото (цитат) од романот „Војната нема женско лице“ од Нобеловката Светлана Алексиевич, очигледно важни за Станојоски. (И второто мото, мотото пред вториот дел на романот, е од истиот роман и од истата авторка: Без мислата за смртта, ништо во човека не можеш да видиш. Нејзината тајна е надвисната над сѐ.)

Како што констатирав уште во првиот роман „Гаргара“ на Станојоски, и овде јазикот му спие во стилот, стилот му спие во структурата, структурата му спие во одличниот роман. Заради фактот што и Станојоски и јас се занимаваме и со јазик, да кажам и неколку „куриозитети“, всушност сосем непотребни нешта: првата коректорска грешка (една од само неколкуте!) ја најдов дури на 35 страница, со неколку лексичко-глаголски решенија и изрази не сум согласна и не ме усреќуваат како сѐ друго во романов (траштам, изврам, да сум отидел, развардив, загазерив, згора-преку, запортокаловеното...), но ги респектирам како авторов избор на нијанси и, што ми е особено драго, научив еден глагол за кој досега не бев ни слушнала, а не сум го ни сретнала никаде – млезга: Обајцата ги млезгавме зборовите, чувствувајќи неудобност еден од друг.

Експлицитно и изречно се согласувам со тезата на Игор Станојоски дека добриот роман е семоќен. „Диссомнии“ е семоќен роман.

Слики: Tran Nguyen

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото