Шест уметници што ги следиме на Инстаграм

18.11.2017 20:17
Шест уметници што ги следиме на Инстаграм

Тара Бут (Tara Booth)

Тара е стрип цртачка од Портланд, нејзините дела прикажуваат секојдневни ситуации во кои протагонистите, со кои лесно се поистоветуваме, често се соочуваат со неуспеси или барем со голем напор за да остварат нешто. Така сончањето завршува со опекотини, вежбањето е како борба со ѓаволот, а понекогаш и само станувањето од кревет е голем предизвик. „Тагата е многу позабавна одсреќата“, вели Тара, „и многу е полесно да ја најдете“. „Тешките моменти во нашите животи можеби не се смешни тогаш кога се случуваат, но документирањето на тие доживувања преку цртеж е одличен начин да се сетиме дека хумор можеме да пронајдеме во секоја ситуација и дека хуморот лекува“, заклучува таа. Тара Бут е авторка на графичките мемоари D.U.L.L.

 

Кели Биман (Kelly Beeman)

Кели е самоука уметница и модна илустраторка која живее во Њујорк. Ја интересира односот помеѓу модата и културата, па не е чудо што нејзините слики прикажуваат елегантни жени во софистицирана облека. „За мене голема инспирација беше модната марка JW Anderson. Мислам дека живееме во време кога луѓето многу размислуваат за значењето на половите и родовите, а JW Anderson како модна марка е дел од тоа движење“, вели Кели. Нејзините цртежи се едноставни, црно-бели, и прикажуваат андрогини и енигматични ликови.

 

Франсис Канон (Frances Cannon)

Франсис е уметница од Мелбурн, нејзините автобиографски цртежи ни порачуваат: „Прифатете го своето тело!“ Објаснува дека ѝ било потребно многу време за да го запознае и да се вљуби во него и нејзината работа го документира тој процес. „Јас само ги пренесувам сопствените искуства, тие се многу лични и искрени, но истовремено и универзални и затоа многу луѓе се идентификуваат со моите дела“, вели Франсис. Освен цртежите што ги тематизираат телото, анксиозноста, самодовербата, солидарноста, таа често објавува фотографии на сопственото тело (насликано со тетоважи кои таа ги нацртала) за да им даде сила и на другите жени. Смета дека Инстаграм е одлична алатка за поврзување со други уметници и феминистки и за изложување на своите дела.

 

Кејти Данкл (Katie Dunkle)

Кејти е Американка која многу ја сака природата и живее номадски живот, патувајќи во мобилна соларна куќичка. Освен цвеќињата кои се симбол на секоја федерална држава, Кејти сака да слика голи женски тела. Нејзината серија „Девојки“ се состои од сензуални, флуидни и по малку апстрактни цртежи настанати според сцените на аматерски порнографски филмови. Таа укажува на многубројни жени чии тела се изложуваат заради уживање и потоа се отфрлаат. „Дигиталната порно индустрија овозможува жените да бидат допирани во темница од неповрзани раце, трансформирајќи вистинска личност во дводимензионален збир на пиксели со боја на кожа. Мој приоритет како уметница е на тие жени да им подарам нов пиедестал за поинаква публика и истовремено да го славам женското тело“, објаснува Кејти Данкл.

 

Марија Инес Гул (Maria Ines Gul)

Марија е илустраторка и визуелна уметница од Полска која работи во Лондон. Работела како илустраторка за „Rookie“, списанието на Тави Гевинсон за модни блогерки. Нејзините препознатливи цртежи најчесто прикажуваат женски лица или делови на лица. „Постојано се идентификувам со своите ликови. Сè уште се барам, па претпоставувам дека е тоа дел од процесот. Исто така, голем дел од моите цртежи се автобиографски – еден вид терапевтска уметност“, открива Марија.

 

Дариа Солак (Daria Solak) 

Дариа е графичарка од Полска чиишто весели, шарени илустрации прикажуваат разновидни теми и мотиви. „Мислам дека не можеш да бидеш креативна и успешна уметница ако немаш знаење. Можеби тоа не се гледа на прв поглед, но интересната уметност, особено илустрацијата, содржи бројни референци на различни области“, вели Дариа. „Затоа гледам многу филмови, посетувам изложби, патувам... Старите хербариуми на дедо ми, исто така, ми се многу инспиративни“.

Извор: Vox feminae