Дваесет и првиот

10.08.2010 11:52
Дваесет и првиот

„21-от“ на Томислав Османли или:
Неколку зборови за Теоријата на непоразениот оптимизам

За почеток ќе го цитирам Виктор Иго: „Големите опасности ја имаат таа убава страна што го истакнуваат братството меѓу непознатите луѓе“.

Убаво го раскажал тоа братство Томислав Османли. Не го поврзал со единство, денес секој е единствен. Глобализмот баш во својата единственост нè направи едно. Само што тоа едно повеќе наликува на рогови затворени во вреќа отколку на почеток на една нова ера која треба да донесе светски мир и благосостојба. „21-от“ е критика на секојдневиево. Критика на образовниот систем во земјава. Критика на браиндраин-от кој секојдневно ни се случува пред очи. Заминува младината. Три напред, два назад. Па застој на станица. Небитно дали е автобуска, железничка или гејт на аеродром. Погледот го вртат назад, очекувајќи некој да ги премисли, искара, укори и врати дома. Очекувањето им е изневерено.

Почнува „21-от“ со квечерина. Ни ден. Ни ноќ. Нешто помеѓу. Таква беше и деценијата. Гордон е гордо исправен пред хамлетовско прашање: Да оди или да остане? Заминува, но се враќа. Се навестува и враќањето на Маја, неговата сакана друшка замината на докторски студии во Њујорк. Османли срамежливо проговорува и за оние другите, кои не се враќаат, не сакаат да се вратат, забораваат дека имале корени тука, во овие краишта, како таксистот на Гордон во Виена.

Не само изливот на знаење туку и грешките во дотурот на знаење ги детектира писателот. „Не си ти виновен што си таков“, му вели учителката на Гордон, „ние сме” – алудирајќи на образованието. Потаму во романот наидуваме на удбаш кој гордо рецитира :„Народ што има ваква младина не треба да се плаши за својата иднина“. Киро вешто ги испревртува зборовите и прашува дали „Иднината не треба да се плаши од ваква младина?“ Зошто? Затоа што нема сила да ја промени. Неа. Иднината. Дури и кога ја има потребната сила, ја нема упорноста. Како во приказната за лисицата и грозјето. Така и учителката, сонувала, треперела да се сретне со Константин Миладинов, а кога конечно се среќававаат, процвикува: „Штета, толку поетски толкувања ќе ми останат неразјаснети“, но дури откако Миладинов си заминува. Никогаш не сме имале храброст да го поставиме прашањето, па така со блага тага уживаме кукајќи откако ќе ја изгубиме шансата. Сите генерации, нè учи романот, имаат свој сон. Учителката за Франк Синатра, Киро железничарот за Чикаго, а Гордон за Њујорк и раперот Бо. И сите ретко кога се осудувале да ги отсонуваат. Најчесто се користат како одмор од реалноста.

„Во оваа земја сите исто фантазираат. Се менуваат само имињата на ѕвездите и на местата“ – вели учителката. Тогаш, што е различно?

Одговорот го дава Киро, кога после една расправа со Гордон, заклучува: „Во наше време возовите стигаа само со мало задоцнување. А и нам не ни се брзаше многу“. Тука погодува прецизно во нервот на проблемите. Во ова време кое нема време ни само за себе, да подзастане и да види до кај стигнало, а не пак нас да нè надѕре. (Не)времево хранејќи се со својата опашка, го исфрли на виделина феноменот наречен инстант. Па така, имаме инстант кафе, инстант пријатели, инстант љубови... Таков е и синоокиот на Маја, што нè води во една нова тема. Како да се дефинира изневерувањето? Смислувајќи оправдување зошто ги пропуштила предавањата, Маја се теши, велејќи си дека и’ требало човечко внимание. Не е ли тоа она што недостасува во денешницава? Нежниот човечки збор?

Судбината е како лотарија. Топчето што ќе го исфрли машината е времето во кое треба да живееме. Но, понекогаш машината се расипува, исфрла повеќе времиња истовремено, како колаче со повеќе вкусови. Ориент- Експрес ни ја раскажува приказната луцидно, метафорски густо, до буква стилизирано и одмерено, за времето кое некој по грешка го вклучил на центрифуга.
Што имаат заедничко Миладиновци, Рацин, Кемал Ататурк со својата французинка Зизи, учителката со шарен фустан, Киро железничарот, син му Мето, строгиот потпоручник Хју, вљубената Памела и незиниот неверен Никлас? А, Пипин, охридските дервиши и професорот по аналитичка семиотика, Климент Кавај? Роуз, Ребека и Фиона? Каде се прекршуваат, спојувајќи се, животите на едно младо скопјанче заминато да си ја бара среќата во белиот свет и комедиографот, Бранислав Нушиќ?

Симбол кој особено се потенцира е змијата што си ја јаде опашката. Змијата Уроборос. Вечно (на)враќање, не вечност. Подобро утре. Патот по кој се тргнати судбините на сите наши јунаци. А сите патишта водат во Парамарибо. Местото има илјадници имиња, но едно значење:рај.

Сите талкаат наваму-натаму барајќи го папокот на светот, на крајот сфаќајќи дека тој центар по кој вечно сонуваат е во нив самите, длабоко инкорпориран во чувствувањето на овие простори. Ова е роман за враќањето дома. Ова е роман за цикличноста на времето. За потресите кои се случуваат кога ненадејно ќе запре на крупни кризни точки. Османли ни нуди дава рендгенска слика на реалноста. Тројна проекција на сликата за Човекот, Државата, Светот.

Колаж од испреплетени судбини. Глобализацијата испарува од секој збор. Изложба на историјата. Секое време е соодветно представено и со својата облека.
Во својот осврт кон наградениот роман на “Утрински весник”, Науме Радически ќе рече дека „тој е уште и едно ново, најново читање на древните митови за спуштањето во подземниот свет“. Адот. Светот на сеништа. А Венко Андоновски ќе изјави дека со него започнува постмодерната на стварноста.

Романот е хорско обвинување за чудно истрошената прва декада. Романот е многугласие во копнежот по есенција. Во потрагата за апсолутна реалност. Роман за хијатуси, процепи во времето.

Разговорите се искрени и восхитувачки метафорски обложени. Пораките се универзални, актуелни. Рафинирано апсурдни. Слатко иронични. Темите се крупни, историски, прикажани низ поединечното човечко страдање. Акцентот е ставен на светот како жариште на нестабилност, изблик на немир сам по себе. Ни ја нагризува иднината некаква надреална историја. Покојни идеи нè вознемируваат барајќи воскресение.

Наместо да учиме од историјата за да не ги повториме старите грешки, ние ја користиме како непресушен извор на нови проблеми. Фиктивните историски личности во романот се повистинити од првиот комшија.
Секој крај е нов почеток. Апокалипсата е мотив кој го плаши човештвото како Баба Рога малите деца. Крајот на Првиот Милениум, кога богатите им го раздавале своето богатство на сиромашните, а сите во длабоки молитви го очекувале доаѓањето на Месијата. Не го дочекале. Крајот на Вториот Милениум кога заканата дојде во вид на Милениумска Бубачка. Само што никого не полази. Крајот на Големиот Циклус според Маите во 2012 г. Земјотресот во 1963 г.

По стравот од Апокалипсата и ропскиот живот се прифаќа како дар од бога. Парамарибо денес ти е ко Македонија вчера. Можеби уште утре оние од Парамарибо ќе се селат баш во Македонија..
„Станицата и висечката пруга сега беа помпезен споменик на еден идеал дека по катаклизмата ќе се изгради поубав и помодерен град кој ќе создава современи и среќни луѓе“ – вели писателот за масивната Железничка станица во главниот ни град. Можеби тука лежи зајакот? Очекувањата ни се преголеми? Или постојано се стремиме кон иднината заборавајќи ја сегашноста?

Синтагмата градска спална. Сите големи градови си наликуваат еден на друг по својата униформираност, сите мали гратчиња се единствени во оригиналноста.
Постојана споредба на „онаа“ социјалистичка младост и „оваа“ модернава. Тогаш и сега. Вчерашните долгови ни ги наплатуваат денес. Своите сопствени канибали сами ги создадовме. Гордон открива нова болест: Турбо дијаспоричен. Дијагноза: Ни недостасува тоа што до пред 5 минути ни било вишок.

Воениот конфликт се појавува како парадокс во оазата на мирот. Нападот на најбезбедната држава во светот како болно потврдување на фактот дека сè е можно. Отворање на плачната тема наречена војна. Има ли правилен начин на војување наспрема погрешниов што сите го знаеме?

Роуз и ќерќичката загинуваат во нападот на Светскиот Трговски Центар. Никлас ни ја доловува атмосферата од земја. Преку Хју се дава слика на експлозијата во Пентагон, а некој сето тоа трескавично го снимаше со електронска камера. Amerika under attack пишуваше на големиот драматичен електронски испис во црвена и сина боја поставен преку долниот дел од екранот на CNN. Зошто јаки бои кои повикуваат на бунт и реакција? Зошто не розева и жолта? Или весела кремаста нијанса?
Сите оние што стрчат стануваат први мети на домашните стрелци - го советува татко му, поручникот Хју Дабју Елсинор. Парафразирано, правилото важи за сите, не само за војниците. Не стрчи и никој не те чепка. Исто како да те нема.

Памела Портман е модерен номад, оставена наеднаш и без најава од својот сопруг. Но, и доказ за еден нов Марфиев закон кој вели дека минатото ќе се врати баш во моментот кога ќе одлучите силно да ја прегрнете иднината. Баш кога одлучува да го преболи мажа си и да продолжи низ животот сама - тој се јавува изјавувајќи и’ љубов. А нејзиниот неверен маж е едноноќната љубов на Маја. Даглас е Никлас. Никлас може да биде Даглас. Јас можам да имам и второ Јас. Играње улоги. Сè почеста професија долж и попреку Земјава.

Гордон Каев почнува да работи полека нагризувајќи се од болеста наречена секојдневие. Во една сцена игра плејстејшн. Играта го презема водството обидувајќи се да ја убие Маја. Метафора за секојдневието кое ги уништува илузиите? Вперен прст кон виртуелната реалност која се храни со оваа, реалнава? Најчест користен збор е реалност. Придавки кои го дополнуваат се чудна, ненадејна, изопачена и така натака. Игра со зборови насекаде низ текстот. Гротеска. Но не мрачна и тешка, туку игриво детска. Да те насмее до солзи и исполни со ведрина. Оцетот од македонската салата се разговорите на мртвиот Пипин и живиот Кавај. Дервишите се на средината меѓу овоземното и оностраното.

Романот има призвук на руски реализам преку прецизно исечените од реалноста, секојдневни размисли на дел од ликовите, меѓу кои се издвојува со својата суптилна помиреност, Деан Коев.
„А, со што да се смени? Со овој сурогат од вредности? Па ова што сега се нуди и тука и низ светот е една обична филозофија на голиот опстанок, бедна утеха за трагичната судбина на живеењето во овој свет останат без мечти и без идеали“, искрено ваш, Деан Коев, стечаец. Светот стана сурова машинерија без емоции.
Сè што треба да научиме е од тагата да направиме дерти. Дертот да се претвори во радост.

Во основа на приказната лежи добропознатиот стар мит за борбата меѓу доброто и злото, но модифицирана. Вообичаените благородни особини на јунакот тука се распределени на повеќе ликови, победата не е конечна туку миговна и треба да се повторува во секој нареден миг до крајот на вечноста. Редот на настаните е строго устоличен, ликовите се тие кои како мува без глава патуваат од една сцена до друга предизвикувајќи просторни и временски премрежија. Треперењето на крилото на пеперутка на едната може да придвижи ураган на другата страна на светот.

Сите места низ кои поминува Кемал Ататурк се воени жаришта. А, тој бара мостови на пријателство. Мир. Во царството на војната. Парафразирана мисла на Гоце Делчев на крајот. Пародија на „Т'га за југ“. Доказ дека ништо веќе не е свето. И почитувано. Потрагата по подобро утре е позната и стара тема во литературата. Но Османли ја раскажа на нов и посебно шармантен начин. Токму затоа, македонската современа литература му остана должник.

Цртежи: Rene Almanza

tekstot

Interesno i izdrzano glediste

Самата Маријана вика дека

Самата Маријана вика дека и’ е издржано гледиштето на Маријана?! Или се две Маријани?! Хаос бе со ова коментаторсково (не)именување...
Лично, и покрај ентузајастичниот тон на рецензентот, мене романот на Османли ми изглеа крајно сомнително, баш читајќи ја рецензијава; ко турли-тава од најмизерни општи места од нашава шугава стварност...

Prviot komentar

I pokraj identicnoto nick name, prviot komentar ne e moj. Izlisno bi bilo da kometiram sopstven tekst.

во чие издание е романот? ќе

во чие издание е романот?
ќе го додадам на мојот список .

Vo izdanie na Blesok.

Vo izdanie na Blesok. Proglasen e za Roman na godinata na Utrinski Vesnik.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Клопец [к:1]
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото