Консултации за ново студентско организирање на „Јустинијан Први“

20.11.2017 13:35
Консултации за ново студентско организирање на „Јустинијан Први“

Младински образовен форум ја организира четвртата јавна консултација за ново студентско организирање која ќе се одржи во Скопје на 21 ноември (вторник) со почеток од 12:00 часот, на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во старата сала на ННС. Студентите ќе можат да ги споделат своите очекувања и ставови на првите отворени консултации за студентското организирање во Македонија.

Говорници на настанот ќе бидат:

- Марија Хорват, БЕСТ
- Стефан Дојчиновски, Студентски пленум
- Моника Митева, АИЕСЕК
- Тамара Велковска, Европска асоцијација на студенти по право (ЕЛСА) и
- Мартина Илиевска, Младински образовен форум (МОФ).

Иницијативата за одржување јавни консултации со студенти, професори, студентски организации и други засегнати страни има за цел да ги прибере мислењата за нов модел на студентско организирање. Овие консултации ќе помогнат во дефинирање аргументи и предлози кои ќе се достават до надлежните институции за подобрување на решенијата во рамки на Закон за високо образование. Вакви консултации веќе се реализираа во Штип, Тетово и Битола. По завршување на консултацијата во Скопје, ќе се изработи документ кој ќе ги содржи сите препораки произлезени од дискусиите, а истиот ќе биде доставен и презентиран пред носителите на одлуки на тркалезна маса.

Ги охрабруваме сите заинтересирани студенти и останатите членови на академската заедница да присуствуваат на консултациите и да ги дадат своите ставови за тоа какво студентско организирање заслужува македонскиот студент.


Активностите се финансирани и се спроведуваат во партнерство со Фондација Отворено општество – Македонија.