Ода на радоста

20.11.2017 13:39

Овде, на Плоштадот Тахрир одново се родивме.
Погледнете нè! Ја шириме светлината.

Победивме! Победивме!!!
ова е светот што го посакувавме,
светот во којшто сонував дека ќе живеам
по толку чемер од историја сосе нејзините фараони,
по мориња пролеана крв.

Мојата глава нема повеќе никогаш да се наведне
освен пред оние кои умреа
за да живееме ние.

Ова е Денот на Победата! Ја победивме темнината!
СЛОБОДНИ сме! Го дишиме воздухот на слободата
кој нè опијанува.
Овде, на Плоштадот Тахрир одново се родивме.
Погледнете нè! Ја шириме светлината.

Остави ги да се радуваат, шепотат мудреците.
Време е на радоста, на божественото семе
... Низ маглината на катарактот го гледаме
она што нивните млади очи не го гледаат:
делот уште од сега изгубен од целината.

Остави ги да се радуваат, мрмори
со очи заковани во вестите
таа, со одвај завршена гимназија во Букурешт
во декември ’89-та.

Нека се радува еден цел ден, вели.
А гласот ѝ трепери
како пламенче во ноќ на Велигден.

Превод: Лидија Димковска

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото