Дали го изневеривме Настанот!?

20.11.2017 16:44
 Дали го изневеривме Настанот!?

Во "Книгите и писателите со кои го опишував груевизмот", Коља Гелевски ме потсети на резигнацијата на Алан Бадју по крахот на источноевропскиот социјализам: "Тоа дисидентско вриење и краткотрајната народна веселба, не успеаја да се преобразат во стабилно движење милитантно верно на Настанот.”

Клучен поим во оваа оценка на славниот француски филозоф е Настанот.

И верноста кон Настанот.

Да ги оставиме настрана другите паралели, макар што за нашиот случај многу важни би биле и некои варијации на зборчето "милитантно", и да се запрашаме: Дали процесите што се одвиваат во Македонија по уривањето на велепредавничкиот и злосторнички режим на ВМРО-ДПМНЕ, се верни на Настанот!?

На нашиот Настан!

На епохалниот Настан на бескрвниот крах на монструозниот режим на клерофашистичкиот вмровизам, во новата политологија и дефектологија познат и како груевизам!?

Мислам дека одговорот е "не".

Тој одговор не произлегува само од субјективното чувство што сè повеќе се шири низ општеството како лична проекција дури и кај луѓето блиски до власта, туку од ситуацијата на теренот.

Јас не сакам да ги негирам дострелите на новата власт, дури не и правците во кои тие решиле да го движат македонскиот брод, најмалку, пак, шансите да го допловат до некое мирно заливче, спремен сум да ја разгледаме и ситуацијата во која резултатите на пристапот што го прегрна екипата на Заев ќе бидат подобри и со помали ризици, но овој момент на изневереност на Настанот е многу важен, неговите моќи се многу важни и во моментов и особено во некои проекции во кои може да се покаже и клучен - затоа го заслужува нашето внимание.


Еве неколку точки на кои се гледа или од кои може да се види таа изневереност.

Општата доктринарна, политичка и идејна капацитираност не се на нивото на високите очекувања за радикално расчистување со Злото и за инсталација на нов праведен свет на слободата и моралот и според темпото со кои се одвиваат промените и според нивниот квалитет и според самите правци на развој на ситуацијата. Сликата не е чиста, имаме снег на екранот, тие што почнале да гледаат телевизија на апаратите Ер Ер Ниш, ќе знаат што сакам да кажам.

Се покажа, за жал, дека составот кој истрча на теренот, политичката репрезентација и во Владата и во Собранието, заостанува зад предизвиците со кои се соочува и допрва ќе се соочува Македонија, дека имаат видлив дефицит, особено во идејната, идеолошката, проектната и работната сфера.

Прибирањето или оставањето на голем број помалку или повеќе компромитирани поединци од стариот режим, на позиции кои се или можат да бидат важни, ја надминува можната определба на новите власти да демонстрираат обединувачки и помирувачки потенцијали и се претвора во проблем на критериумите и на вредносната ориентација на луѓето.

Не мал број од луѓето што дадоа прилог во обликувањето на Настанот, а не беа или и денеска не се дел од партискиот апарат на владејачките партии, посебно на СДСМ - или се, сеедно - влегоа во композицијата на новата власт повеќе според некакви социјални и слични критериуми, отколку според својата стручност и тоа се пројавува како дефект, безмалку секој ден и во секој потег и на власта и во комуникациите на тие потези со јавноста.

Голем број истакнати поединци не добија можности (повеќе отколку позиции) да го нијансираат, ајде да не речеме да го дефинираат, новиот морален и професионален кодекс на општеството и на власта, новата енергија, новата љубопитност и страст, повторувам, не само преку фомални позиции во власта, туку како важни општествени, културни, морални и интелектуални критериуми. Кежаровски е само еден таков случај. Со нападното отсуство на тие луѓе, со нивната маргинализација, власта никогаш нема да може да ја заокружи својата морална целина, секогаш ќе и зјае таа огромна дупка и тој провев ќе ја шутка горе-доле и лево-десно, можеби не како вејка на ветерот, но како некое откорнато дрво, секако.

И покрај крупните резултати во разградувањето на инсталациите на злосторничкиот режим, особено во правосудството, сеуште се снажни отпорите во форма на најразлични блокади и трагикомични процедуралности, работи што го оневозможуваат урамнотежувањето на општеството и оставаат впечаток дека главните злосторници нема да ги добијат заслужените казни, нешто што не смее да се дозволи ниту по една цена.

Со овие дефекти власта прави расчекор меѓу своите политички остварувања, кои се недостатни, и спремноста на општеството да ги следи и тие остварувања и власта како таква. Тоа особено ќе дојде до израз кога на дневен ред ќе се јават сериозните прашања какво што е она за името или непопуларните мерки во економско-социјалната сфера.

Кохезивната и мобилизирачка сила на Настанот се тргна настрана за сметка на општествената бонаца која некој некаде, не се знае дали дома дали надвор, ја оценил како клучна за перспективите на Македонија. На тој начин се губи култната функција на Настанот и ситуацијата се лизга или бргу ќе почне да се лизга кон култ на личноста, за што деновиве пишуваа Орданоски и Геровски - или кон општ распад!

Ниту едно техничко и политичко остварување нема да биде доволно без минимум културна и морална супстанца која во моментот не само што не се гради туку и се испумпува.
Идејата да се прекине синџирот на реваншизмот и поделбите не е лоша, но треба да се каже дека критериумите на Настанот не гледаа на инсталацијата на нов политички и вредносен критериум во Македонија како на пресметка на сдсм со вмро, туку како пресметка на општеството со Злото.

Во таа смисла власта мора да биде порешителна, поагресивна, побеспардонна. Ниту една промена во историјата, од редот на она со што се соочи Македонија, не се заокружила низ демонстрација на патетични формули за "живот за сите", туку низ обединувачкиот потенцијал и супериорноста на вредносниот систем и принципите и визиите на победниците. Низ конфликти. Низ жестоки конфликти. Ништо без конфликти.

И, конечно, уште еден, не мал проблем: општеството, независно од власта, демонстрира, според моето скромно мислење, одвратни лигавости, лажни солидарности, исфорсирани мекоќи, беспринципиелности, во расчистувањето на општественото милје и институционалниот поредок од злото. Тоа е слабост, да не речам, отсуство на политичката култура. Типичен пример е грижата за статусот на Бакрачевски, губернаторот на злосторничката организација на вмро-дпмне во Охрид. Шеф на логорот во Охрид. Тој е во редот на објективно одговорните поединци. Секој функционер од тој ранг, секој член на Извршниот комитет на партијата во кој било состав, е објективно одговорен за злото што ѝ е нанесено на Македонија и на луѓето во Македонија. Треба да бидат среќни ако не ги прифатат за сестри во "Идризово." Или, можеби, несреќни, не знам!

Слики: Guy Billout
Извор: Слободен печат