Приказна за херојот

21.11.2017 13:27
Приказна за херојот

Ориенталната

На секоја маса (во таинствениот кинески ресторан) се наоѓа соголен лук во форма на личноста што седи тука. На катот над (во малата фабрика за оружје) минијатурни кинески машинки лежат врз гајбичките со мандарини. На другата страна од улицата (во францускиот бордел) детективот Чен ги закопчува трегерите додека сенестата гејша го приближува кон очите двогледот низ кој гледа во отворената страница од книгата Ји Џинг во хипи-комуната на другата страна од улицата. Не, ова не е мој ден, мрмори Андреј Кодреску додека го напрега мозокот за последниот дел од загатката, не, не, ова е ден на чудна кома врз небото на здодевното попладне низ кое пробива меланхоличната песна на Будата од слонова коска додека мастурбира среде есенските лисја во провинцијата Санг Чи.


Приказна за херојот

Херојот сè уште не се ни родил, а веќе сите знаат сè за неговите дела, за храброста и љубовниците. Тогаш тој еден ден ќе се роди и сите ќе го заборават она што го знаеле за него. Тој прави сè што може за да ги потсети. Умира во очајание, губејќи ја секоја надеж дека некој ќе сака да ја сослуша приказната за неговите дела, за храброста, љубовниците. Кога ќе умре, сите ќе се сетат. Како можеле да заборават? Сакаат да се извинат, но херојот е мртов и чека да се роди.

Фотографија: Uldus Bakhtiozina

Превод: П. В.

Андреј Кодреску (1946) е романско-американски поет, романсиер, есеист и сценарист. Автор е на повеќе од триесет книги за кои добил бројни награди, меѓу кои и наградата „Овидиј“, чии лауерати се и Марио Варгас Љоса, Амос Оз и Орхан Памук. Работел како професор по англиски јазик на Универзитетот во Луизијана, а на универзитетот му подарил голем дел од неговата лична библиотека и архива.

ОкоБоли главаВицФото