Книгите и писателите со кои го опишував груевизмот (6) - Пол Вирилио, Хаким Беј, Џереми Бентам, Томаж Мастнак, Мекензи Ворк

21.11.2017 17:10
Книгите и писателите со кои го опишував груевизмот (6) - Пол Вирилио, Хаким Беј, Џереми Бентам, Томаж Мастнак, Мекензи Ворк

ХАКИМ БЕЈ, „Привремени автономни зони“

Еве нè како се влечеме низ пукнатините меѓу ѕидовите на црковното државно училиште & фабрика, сите параноидни монолити. Отсечени од племето со дивјачка носталгија копаме и одиме низ тунелот следејќи ги изгубените зборови, имагинарните бомби.

Параноидни монолити


ПОЛ ВИРИЛИО

Пол Вирилио, зборувајќи за времето во кое живееме, користи интересен израз: комунизам на афектите. Некогаш живеевме во „демократии на мислењето“, кои денес се заменуваат со „демократии на емоциите“. „Комунизмот на афектите“, според Вирилио, произлегува од нашата променета перцепција на демократијата; со забрзаното ширење на електронските медиуми дојдовме до една култура на спектаклот кајшто мислењето не е пожелно оти е досадно. Клучните одлуки денес не се носат врз основа на промислување туку врз основа на чувства, а тие чувства најчесто се медиумски инсценирани. И тука лежи клучниот проблем: не толку во самите емоции, колку во големиот манипулативен простор кој генерира расположенија по желба на моќниците. Вештите (или вештачките, или вештерските) играчи си играат со масовните чувства и, држејќи ги главните медиуми под контрола, едноставно индуцираат вакви или онакви масовни расположенија. Ефектите се значајни, оти чувствата ем се „посилни“ од мислењето, ем се поатрактивни. Таа дегенерација на политиката Вирилио ја нарекува комунизам на афектите.

Комунизам на афектите


ФУКО и ЏЕРЕМИ БЕНТАМ

Новиот општествен модел за надзирање и не е толку нов; Џереми Бентам кон крајот на 18 век го смислува славниот Паноптикон, совршениот модел на затвор (болница, училиште итн.): зграда во облик на прстен во чие средиште се наоѓа кула за набљудување. И кулата и многубројните ќелии во прстенестите ѕидови се од стакло, провидни, овозможувајќи му на еден единствен чувар во кулата да ги надгледува стотиците ќелии кружно распоредени во цилиндричната градба. Но, Паноптиконот навистина овозможува сераспростирачко гледање во сите насоки, па и кон надзирачите. Како што пишува Фуко во „Надзор и казна“, управникот може да ги шпионира сите свои подредени службеници: болничари, лекари, шефови, наставници, чувари; може постојано да ги проценува, да го менува нивното поведение, да им наметне методи за кои смета дека се подобри; но и него можат многу лесно да го надзираат. „Мојата судбина“, вели творецот на Паноптиконот, „е поврзана со нивната (со судбината на затворениците) со сите врски што можев да ги смислам.“

Паноптикон


ТОМАЖ МАСТНАК

Еден современ следбеник на Фуко, интригантниот словенечки филозоф Томаж Мастнак, изворот на „воајеристичкиот политички проблем“ го лоцира во средниот век, кога владетелите имале две тела, природно и политичко; околу тоа сфаќање се создал цел еден политички репрезентативен свет. Потоа настапува новиот век и власта станала де-персонализирана, одвоена како од телото на владетелот така и од телото на поданиците, објавувајќи: „Dein Körper gehört der Nation“ – твоето тело ѝ припаѓа на нацијата, на народот. Политичките водачи се изземале од тоа и гледале како дисциплинираните тела масовно вежбаат, работат или заминуваат на фронт. Но, вели Мастнак, тоа гледање не ги дисциплинира гледаните, туку гледачите.

„Народот што гледа не гледа што и како работат оние што владеат. Сака да види како уживаат. Ама не толку како уживаат во власта, туку во приватниот живот. Наместо демократски надзор врз делувањето на власта ние имаме демократски воајеризам. Притоа, проблемот не е воајеризмот како таков, туку воајеризмот како политичка практика: како надомест за политичкиот надзор.“ Според Мастнак, демократијата стана општество на целосен надзор на власта, при што власта не е предмет на надзорот, туку таа целосно надгледува сè. „Во замена за тоа, народот може да гледа што прават властодршците со своите тела во приватниот живот.“

Паноптикон 


МЕКЕНЗИ ВОРК

Главната теза на „Хакерскиот манифест“ на Мекензи Ворк  е дека клучната политичка промена во светот може да ја направи хакерската класа. Според Ворк, хакерската класа е носител на еманципаторските политики зашто е фатена во процепот помеѓу политиките на масите одоздола и политиките на владеачите одозгора. Затоа хакерската класа мора да се обиде да исхакира нова политика, од онаа страна на судрените спротивности: „Дојде моментот хакерите да се здружат со работниците и селаните - со сите произведувачи на светот - за да ги ослободат производните и пронаоѓачките ресурси од митот за скудноста. Дојде времето да се создадат нови облици на здружување кои светот ќе го насочат подалеку од неговото уништување во комодифицираната експлоатација.“

Вака, со малку возвишен тон, завршува книгата на Ворк: „Во ова мрачно доба, кога дури и воздухот се топи во етерот, кога сè што е профано се пакува како да е возвишено, сепак се јавува можноста да се ухакира во обичните привиди и тие да се укинат. Постојат други светови, а тие се светов.“

Паноптикон

Слики: Neo Rauch

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото