За „македонскиот фашизам“

22.11.2017 05:06
За „македонскиот фашизам“

Едно прашање за тие што инсистираат на митот за континуитетот на ВМРО: Што правеа дел од ВМРО-вците во 1941?

Му пишуваа песни на Хитлер како освободител на Македонија и го славеа царот на „мајка Бугарија“.

И тоа е дел од заедничката историја на ВМРО-вците со Бугарија, од којашто нема бегање.

Ако му даваме некакви придавки на фашизмот на територијата на сегашна Македонија во 1941-1944, тогаш тој не бил само „германски“ (од Германија на чело со Хитлер), „бугарски“ (од Бугарија на чело со Цар Борис) и „италијански“ (од Италија на чело со Мусолини), туку и „ВМРО-вски“ - усвоен и практикуван од видни членови на (поранешното) ВМРО.

Голема лага е дека немало домороден фашизам во Македонија. Ем фашисти, ем Македонци (со бугарска свест) биле голем дел од управителите во делот од Македонија анектиран кон Бугарија. Фашисти кои поздравувале со „Зиг Хајл“, фашисти кои формирале контра-чети за борба против „шумкарите“ и комунистите и кои учествувале во депортирањето на Евреите во логорите на смртта. И ванчомихајловистите соработувале со фашистите, формирале баталјони кои заедно се бореле со СС трупите, па и лично Михајлов (пријателот на усташот Павелиќ) бил донесен и однесен од Скопје од страна на нацистите во 1944.

Голема глупост е фашизмот да му се припишува на цел народ - најмалку на „слободољубивиот бугарски народ“, како што е опишан во Манифестот на АСНОМ. Ако сакаме да расчистиме со минатото од Втората светска војна, треба комплетно да го демитологизираме тој период.

Демитологизацијата не подразбира негирање на антифашистичката борба, туку напротив  - дезидеологизирање на историјата создавана по АСНОМ, и особено по 1948, која честопати креираше непријатели од Бугарија и бугарскиот народ, и го толкуваше фашизмот исклучиво како „увезена стока“.

Историјата на антифашистичката борба во Македонија е нераскинливо поврзана со историјата на фашизмот, па и со „македонскиот“ фашизам, за кој многу малку знаеме.

П.С. Разбирањето на „македонскиот фашизам“ во 1941-44 може да ни помогне и во разбирањето на „македонскиот фашизам“ во 2017, кој кулминираше со крвавиот упад во собранието на 27 април од страна на припадници на „македонските патриотски здруженија“ кои се повикуваа на некаков си „Четврти Илинден“.

Извор: Фејсбук профилот на авторот

ОкоБоли главаВицФото