Одбрана на Вини Пу

22.11.2017 12:02
Одбрана на Вини Пу

По долгогодишна пауза, неодамна излезе новиот роман на Филип Пулман. Голем дел од неговите романи се преведени на српскохрватски и се добро познати на читателската публика составена од култивирани родители и паметни повозрасни деца. Фантазијата на Пулман и воведувањето во големите прашања на филозофијата, атеизмот, културното христијанство и либералното мислење секако се од највисоко значење за секој што наоѓа уживање во знаењето и обратно. Би додала уште - за разлика од Хари Потер, но тоа е за помала возраст со помали барања.

Повторното негово појавување е обележано со многубројни интервјуа. Слушав едно на Си-Ен-Ен, каде новинарката го праша каков е неговиот став кон класиците на англиската детска книжевност од првата половина на минатиот век, пред сè за А.А. Милни, творецот на Вини Пу и за Кенет Греам, авторот на „Ветер во врбјакот“. Во својот одговор, кој беше критика на носталгијата по детството и желбата да се врати таму, Пулман го вклучи и Петар Пан на Бери. Позадина на прашањето, всушност беше големиот успех на филмот „Збогум“ на Кристофер Робин што во британските кино-сали се прикажа на крајот на септември и чијашто тема е животот на А.А. Милни. Пулман вели дека неговите јунаци сакаат што побрзо да се ослободат од родителите и да започнат со животот на возрасни. Малку ме пресече зашто цел живот им се враќам на Вини Пу и Кртот, на Стаорецот, Јазовецот и Жабецот, но тоа не е враќање во детството, туку кон примарните текстови.

Но, има еден друг посериозен проблем со британските хоризонти на Пулман: во Советскиот соуз и во Југославија класичната детска книжевност, особено англосаксонската, беше исклучително омилена и преведувана без цензура. Постоеја советски цртани филмови за Вини Пу, па и играна телевизиска серија Хобит. По серијата филмови според романите на Толкин (на половината на секој од нив- заспивав), гледањето на советскиот Хобит беше мало откровение, додека Вини Пу на Дизни беше навреда. Се разбира дека и Пулман денес е исклучително популарен источно од Брегзит, за што е веројатно свесен и заради состојбата на неговата сметка. Всушност, би морал да биде свесен затоа што тоа би можело да ја прошири и рефлективноста на неговите романи и да го потсети дека класиците, такви какви што биле, можеби носталгични, секако многу граѓански, нежни и замислени пантеисти, според стереотипните замсли, би морале да бидат последната работа што комунистите би ја посакувале за своите деца. Но, сепак ги пуштале.

Покрај сопствената продукција, која честопати беше тешко поднослива, особено ако беше иделошки посилна, а литературно послаба, државниот социјализам пропушташе неочекувано несодветни дела според идеолошката вредност. Така, романот на Етел Лилиан Војнич Обад (1897) доживеа илјадници изданија во СССР и во другите земји од блокот и во Кина и се продадоа милиони примероци; на Запад, Етел не беше многу забележана. Порасната во математичко-феминистичко семејство, симпатизерка на многу револуционерни и ослободителни движења во 19 и 20 век, била мажена за Полјак кој на светот му го разоткри еден од најмистериозните ракописи на сите времиња, со потекло од Италија, напишан во непозната скрипција и полн со неразрешливи симболи од раниот 15 век. Обад е преведен и на југословенските јазици на почетокот на педесеттите години на минатиот век и вреди да се прочита, затоа што е убедлива анализа на револуционерниот лик и неговата судбина, без да се застрани во романтика. Валтер Скот, Александар Дима или Рафаел Сабатини, исто така, не биле жртва на цензурата, само попатно спомнувам неколку такви кај кои немаше ни трага од критика на преживеаните општествени системи како што се феудализмот, монархијата или капитализмот. Причина за популарноста на западната детска и младинска книжевност извесно е - почитувањето на писменоста и сите начини да се дојде до неа.

Освен оваа базична причина, некои мора да го виделе моралното значење на овие дела, позицијата на пријателството и солидарноста во нив, борбената подготвеност и високите идеали на јунаците. Покрај ова, популарноста на овие дела негуваше состојба на дневна ониричност, неопходна за преживување во советското и блоковското секојдневие, ја подгреваше подготвеноста за жртвување. Се разбира, сето тоа е одење по работ во контролирано општество, но користа се сметаше за поважна од ризикот за утврдување на силни и самосвесни личности.

И тука доаѓаме до второто прашање – како во сето тоа се вклопуваат класичните дела на англиската книжевност за деца сосе нонсенс хуморот? Никако, се разбира. Но, некој во системот верувал дека на децата треба да им се овозможи помалку оптоварено и посреќно детство со, за нив, најквалитетната книжевност и навистина е тешко да се најде друго објаснување.

Патем, стрипот се сметаше за типичен капиталистички производ и не можеше да влезе во просторот на дозволеното. Поинаквиот развој на работите во Југославија, всушност е доказ за слична грижа за детската среќа: истите оние кои во предвоениот Политикин забавник им даваа препознатливи имиња во стрипот на Дизни за Мики Маус и смешната династија во измислена мала држава, целејќи на локалната династија, по 1952 година, со лиценца од Дизни, во новиот Политикин забавник ги поштедуваа децата од идеологија сè до доцните шеесетти години. Само погледнете го списанието за деца од првата деценија, па и без броење ќе ви биде јасно дека гусарите сосема ги победија партизаните. Да не зборуваме и за англиската детска книжевност, цела издавачка куќа „ Dečija knjiga“ се грижеше југословенските деца да добијат што повеќе од најдоброто во светот. Во времето на генијалните Бајфордови, некоја деценија подоцна, во ТВ емисиите за деца имаше и партизански рок и Нела Ержишник што децата ги учеше на падежите со помош на именката „Тито“...

Култот на Вини Пу беше исклучително важен во социјалистичкиот свет и за тоа се уверив пред неколку години во текот на една целоноќна дискусија во Будимпешта, кога тројца Унгарци (атомски физичар, микробиолог и поет) речиси успеаја да ме убедат мене, поранешен источен Германец (папиролог) и Турчинка (физичарка) дека унгарскиот превод на Вини Пу е најдобар. Во име на тоа поканија и таа им одговори на поканата, нивна пријателка која што е крстена Ру, според ќерката на Канга Ру (унгарски превод). Е, тоа нè дотолчи нас, што се сомневавме.

Во производството на среќа, особено за возрасната работничка класа, извесно тука спаѓаат усвоениот западноевропски Винету (повеќето од овие филмови се снимани во Југославија) и неговиот источногермански пандан: двата проекти до детали одговараат на филозофијата на утопија и среќа на Ернст Блох. Но тоа, како и југословенската порнографија, е друга приказна што вреди да се истражува. Во секој случај, британската колонијална надуеност се чита и во тоа што не е посебно истражувана оваа, и според бројки и според влијание, величенствена рецепција.

Извор: Pescanik

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото