Или окупација или ништо!

22.11.2017 13:28
Или окупација или ништо!

Ако го извадите од леѓенот со стереотипите, Македонецот се гуши. Ако го префрлите во базен со нијанси, веднаш почнува да се дави, а ако го џитнете во море со Сцили и Харибди од апсурди и парадокси, го фаќа паника и гледа да се напика во челуста на првата ајкула. Понекогаш ми личи на желатин кој постојано се стреми да се врати во првобитната состојба. А во други ситуации го доживувам како пионер кој стигнал до петнаесеттата буква од азбуката и може да чита четива какви што се „Шана шие на машина“, но текстови какви што се „Преиспитување и ново саморазбирање“ или „Да оладиме со окупациите“ го збунуваат и тој таму чита работи што не се напишани односно ги сведува на сопствената мерка: некој, демек, се стреми од Бугарите да направи добри момчиња, а од Македонците-Бугари. Имам впечаток дека му е убаво во стравот дека ќе остане без достоинството што го нема, дека ќе го претворат во нешто друго и тој момент го користи за да се ослободи од грижата на совеста што не учи, не се менува самиот, не се движи, освен кога како камче чакал на плажата ќе го допрат големите бранови на Историјата. Можеби е тоа нормално за некој што бил под непрекината окупација 2.300 години! За некој чија Внатрешна македонска револуционерна организација на националното единство и времето на краткотрајната слобода го смета за српско-југословенска окупација. За некој што окупацијата не ја гледа како нешто од што треба да излезе туку како нешто без што не може!

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Небојша Гелевски

ОкоБоли главаВицФото