Данинг-Кругеровиот ефект не ја напушта Македоња!

23.11.2017 09:24
Данинг-Кругеровиот ефект не ја напушта Македоња!

Еден од најголемите филозофи во историјата – Платон, во своите размислувања за идеалниот систем на власт, заклучил дека за доброто владеење не е пресуден самиот систем, било да е тоа демократијата, олигархијата, монархијата или тиранијата, туку компетентноста, знаењето и моралноста на носителите на власта. Бидејќи живеел во време кога стотиците градови-држави и неколкуте кралства во Медитеранот биле веројатно најголемата лабораторија за различните начини на владеење во историјата - а бил и сведок на легендарнaтa доба на атинската демократија - неговите сомнежи во демократијата како систем останале свежи и релевантни до ден-денес.

Македонскиот „случај“ со вмровската деценија може да послужи како уште еден доказ дека и современиот либерално демократски систем – каков што е уставно-правно и институционално инсталиран во Македонија – сам по себе, без Платоновите услови, не гарантира остварување ниту на една од неговите декларирани темелни вредности. Сите бевме сведоци на ужасниот факт дека и без каква и да е системска промена, режимот на Груевски продуцираше стварност која му доликува на еден тоталитарен, мафијашко-капиталистички и регресивен систем на владеење, а не на оној што е вграден во Уставот. Наместо Знаење и Правда, добивме Глупост и Зло.

Малоумно решение

Но, дали ја сфативме, дали ја научивме оваа – од Втората светска војна до денес – најскапа лекција што историјата ни ја даде? Дали ги детектиравме критичните точки во системот, што им овозможуваат на Глупоста и Злото така лесно однатре да го первертираат системот? Не знам. Имам чувство, дури, дека деценискиот процес на кретенизација низ кој помина целото општество, нè направи неспособни за самокорекција која ќе ги задоволи платоновските стандарди на критичкото мислење. Како целата заедница да упаднала во Данинг-Кругеровиот ефект, еден вид когнитивна „замка 22“, во која – како последица на системската кретенизација – намалената способност за расудување ни оневозможува да станеме свесни за сопствената декапацитираност. Што, пак, резултира со илузорна супериорност и невтемелена самодоверба, кои, конечно, беа „заштитните знаци“ и на идиотите од ВМРО.

Како пример ќе го земам – повторно! – „славниот“ член 72 од последниот вмровски Закон за просторно и урбанистичко планирање, во кој стои буквално: „При изработка на урбанистичките планови со кои се уредува просторот за градби со намена домување во станбени куќи процентот на изграденост на градежната парцела треба да изнесува 70 отсто...“ итн. Само со овој член, почитувани читатели, само со еден член од законот – успеавме да го поништиме целиот закон и самата смисла на системот на урбанистичко планирање, зашто неговата основна цел е со стручно и инклузивно одлучување да се одреди мерката и природата на развојот на секое поединечно место во Републиката, што – се разбира – треба да се прави во урбанистичките планови. Сега ние имаме прецизно решение кое е исто за сите парцели со станбени куќи со дворови, од Маврово до Берово, и од Куманово до Охрид! А, ова малоумно решение закономерно ги уништува сите парцели и сите дворови во кои ќе биде реализирано!

Инвентивна глупост

За да ви сликувам што во просторот значи кога „процентот на изграденост изнесува 70 проценти“, замислете парцела што е широка 20 и длабока 30 метри, значи една пристојна парцела од 600 квадратни метри површина, на која може да се испланира и проектира сосем пристојна куќа со сосем пристојно дворно место со зеленило и сè што треба. Доколку се исполни законската одредба, на парцелата ќе се втисне површина за градење и објект 16 метри широк и 26 метри длабок, што ќе рече дека околу него ќе остане – од сите страни! – само тесен појас од по 2 метри до оградата!! Овој член закономерно произведува идиотски простор недостоен за живеење, без двор, без растојание до соседите, без осончување, проветрување, поглед... без ниту една хумана вредност воопшто. И тој член се применува масовно во изработката на урбанистичките планови ширум библиската земја, тивко и идилично, докажувајќи дека единственото библиско во Македонија е размерот на нашата глупост.

Како да го сликувам безумието на овој член и штетните последици што ги произведува во просторот? Тоа е како во некојси „Закон за јавното здравје“ да им се пропише на хирурзите задолжителен протокол дека во третманот на болното и нефункционално срце кај пациентите, тоа треба да се замени со карбуратор од половна „лада“, на пример! Навистина чувствувам инфериорност пред инвентивноста на Глупоста, и слабост на имагинацијата во измислувањето на одредба толку глупава и штетна како што е таа од членот 72! Но, ќе се запрашате, зошто инсистирам токму на овој член, кога има толку други слични или можеби полоши? Се разбира – веќе погодувате – затоа што наслушнав дека постои иницијатива од собраниското мнозинство за измени и дополнувања на Законот за просторно и урбанистичко планирање, и тоа измени што го опфаќаат токму членот 72 - измени во кои процентот на изграденост се „коригира“ на 60 проценти!! Наместо првиот ден по конституирањето на Собранието овој член да се избрише од законот, тој се „дотерува“ да овозможел малку повеќе зеленило, па излегува како да ја коригираме одредбата од „Законот за јавно здравје“, при што наместо болното срце на пациентот ќе му се вградува карбуратор од нова, наместо од половна „Лада“!?

П.С. Злото го победивме – барем номинално – но на Глупоста не ѝ е гајле за нашите добри намери. Таа се победува само со разум, метод и знаење, колку и да се тоа непопуларни дисциплини во оваа напатена земја!

Извор: Слободен печат
Слики: Синта Видал

ОкоБоли главаВицФото