Очила

23.11.2017 10:57
Очила

Очила

Отсега морав да носам очила, и тој факт требаше да се прифати.

Тоа ми предизвика непријатно чувство. Сè што гледав како да беше поставено во излог. Но, тоа не можам да го одречам, сè гледав појасно и попрецизно.

Пружив рака да земам книга од мојата библиотека. Раката се судри со една цврста површина, со вистинска препрека, всушност со една стаклена препрека. Токму како да сум се обидел да земам книга поставена зад стаклото на некој излог.

Ги извадив очилата. Успеав да ја земам книгата без потешкотии.

Ја ставив на масата. Повторно ги ставив очилата. Сакав да ја земам. И повторно се судрив со таа невидлива препрека.


Шише

Шефот на државата го зеде в рака шишето со кое требаше да се изврши именувањето на најголемиот носач за авиони на светот.

Тој фрли еден дискретен поглед кон етикетата, со задоволство ја препозна марката и допушти шишето со шампањско да падне врз оклопната страна на воениот брод, којшто, од ударот, се расцепи од крај на крај. Носачот на авиони се наведна над водата и потона како секира.

 

Слика: Леон Зерницки

Жак Стернберг (Jacques Sternberg, 1923-2006). Романсиер, раскажувач. Се појавил во литературата со збирката кратки прози „Геометрија во невозможното“. Романи: „Чиновник“, „Предградие“, „Ти, моја ноќ“. Збирки на научно-фантастични раскази: „Меѓу два неизвесни света“, „Универзумот Нула“, „Иднини без иднина“. Кратките прозни текстови му се собрани во книгата „Замрзнати раскази“.

ОкоБоли главаВицФото