Рекордно низок удел за заштита на животната средина во буџетот за 2018!

24.11.2017 12:10
Рекордно низок удел за заштита на животната средина во буџетот за 2018!

Ако го погледнете Буџетот за 2018 година ќе видите дека за Заштита на животна средина планирани се, замислете, дури ЦЕЛИ 0.4% од вкупните расходи. Најмалку до сега. Без конкуренција. Колку за споредба, за култура планирале 1.95% , за одбрана 2.82%, за судови 1.34%, итн.

Нели здравата животна средина, чистиот воздух, чиста вода ќе беа ПРИОРИТЕТ?! Или толку беше, кампањите завршија, па може да се продолжи по старо, со празни реторики, некои минискулни поместувања, а во реалноста само 0.4% одвоени за Заштита на животна средина. Браво!

Сега може ќе кажете, ама не е така, ние за гасификација одвоивме најмногу до сега. Па и тоа се смета. Не, не се смета, зашто да беше така, гасификацијата ќе беше дел од Заштита на животна средина, ама не е. Но, еве, нека биде така. За 2017 беа планирани 1.12% за гасификација, а 0.95% се планирани за 2018. Каде се одвоиле повеќе од вкупниот Буџет? 2017 или 2018? Е сега, колку од тоа се реализирало или ќе се реализира е веќе сосема друга приказна. На крај овие бројки може да се сосема поинакви. Најчесто пониски.

Министерството за животна средина и просторно планирање е едно од тие со хронично ниска реализација на планираното. Да не кажеме фиксирана околу 70%. Зaштита на животна средина котира малку подобро. На што се должи толку ниската реазлизација на и онака малиот буџет, нам не ни е познато, но очекуваме да ни разјаснат како МЖСПП, така и Министерството за финансии. Она што знаеме е дека оваа пракса мора да запре. Почнувајќи со 2018 година.

Средете си ги проблемите за вака лоша реализација. Доста беше повторување. Научете си ја лекцијата веќе еднаш.

Доаѓаме до тоа кој е виновен за вака срамно ниските удели за Заштита на животна средина и за Министерството за животна средина и просторно планирање.

Сегашнава Влада на двапати го намали годишниот буџет на МЖСПП, министерството клучно за намалување на загадувањето. Летоска го скрати за 23%, а изминатава сабота Собранието си изгласа уште 8.8% намалување. Образложението беше дека и онака тие пари нема да можат да се искористат. Повторно доаѓаме до таа магична бројка на 70% искористеност. Како да се планира од самиот почеток само толку да се потроши.

МЖСПП за 2018 побарало 14,4 милиони евра, Министерството за финаснии му одобрило помалку од 10,7. Четвртина од побараното не одобриле, што е 3,7 милиони евра. Од Министерството за финансии неформално ни беше кажано дека барањата за поголем буџет за заштита на животна средина и намалување на загадувањето треба да ги упатиме до МЖСПП, зошто преку нив се реализираат овој тип програми и за тоа секогаш има пари. Зошто тогаш не е одобрен побараниот буџет во целост?

Од друга страна, пак, Министерството за животна средина и просторно планирање постојано се жали дека имаат хронично ниски средства, далеку од она што е потребно за да се спроведат програмите и плановите кои ги напишале одамна, барем повеќето. Сумата која ја побарале за 2018 е 0.37% од вкупните расходи. Како да ти даде некој повеќе пари, кога не ги ни бараш? Од 2010 наваму само еднаш имало пониска, 0.25% за 2016 год. Втората најниска е доделениот им буџет за нареднава 2018 година, 0.28%.

На здравје нека ни е! Дури сега нема да мрднеме од мртвата точка каде сме заглавени долго време.

Колку би било основано да се побара?

Ако ги погледнеме само собраните даноци поврзани со животна средина во 2015, понови нема, тие се за 16 пати поголеми од сумата доделена за Министерството за животна средина и просторно планирање за 2018. Тоа би значело дека МЖСПП можело основано да побара буџет од 3% од вкупните расходи, а за Заштита на животна средина требало да се одвојат 4.4%. Тука не ги сметаме средствата како резултат на зголемената акциза на нафта, околу 31 милион евра, нели покачувањето на акцизата беше поради заштита на животната средина, намалување на загадувањето.

Во најголемиот буџет до сега, каде со значителна сума учествуваат даноците поврзани со животна средина и зголемената акциза на нафта, ние имаме НАЈНИЗОК процент на доделени средства за Заштита на животна средина. Има ли некој разумен и праведен во државава?

Тука не се бара преку леб погача, туку она што следува, помеѓу 2.5% - 4.4% за Заштита на животна средина и 1.75% - 3% за МЖСПП. За разлика од доделените 0.4% и 0.28%. Да имавме нормално судство, институциите ќе одговараа за злоупотреба и пренамена на средства одредени за и собрани на основа на животна средина.

Кога ќе погледнете специфично колку пари се одвоени за намалување на загадувањето, нашиот најгорлив проблем, за 2018 одвоени се само 11% од сумата наменета за Заштита на животна средина, односно 1,7 милиони евра, од кои пак, да биде уште повесело, за намалување на аерозагадувањето и тоа заедно со мониторинг САМО 635 илјади евра.

Добро, пак ќе прашаме, има ли некој нормален, ако не разумен и праведен??? За што зборувавме годиниве наназад, досадни станавме од едно те исто, колку е воздухот ЗАГАДЕН! И сега ќе се справиме со проблемот со 635 илјади евра?!?

Само за патни трошоци во Собранието одвоени се ДВАПАТИ повеќе средства од тие за мониторинг и заштита од аеорзагадување. Зарем ова не е трагично?

Вкупниот буџет на МЖСПП е скоро еднаков на парите издвоени за зградата за Јавна администрација, ентериерното уредување на Градската куќа и за Факултетот за драмски уметности. Дека приоритетот е ист. Сите програми за намалување на загадувањето на воздухот, водите, почвата, за заштита на животната средина низ ЦЕЛА Македонија се со еднакво значење со згради на администрација, со внатрешно уредување на Градската куќа! Да видиш, да не веруваш.

Ниту Министерството за животна средина и просторно планирање бара доволно пари, за кои постојано вели дека ги нема, ниту Министерството за финансии го одобрува и тоа малку што е побарано.

Отворено прашање до Министерство за животна средина и просторно планирање: Каде се побарувањата за справување со сите жешки точки во Македонија? За колекторскиот систем на Охридското Езеро? За справување со дивите и нестандардни депонии? За мониторинг на тешки метали, POPs, PAHs? За намалување на аерозагадувањето?

Отворено прашање до Министерство за финансии: Каде се парите собрани од даноците поврзани со животна средина? Каде се парите планирани од зголемување на акцизата на нафта? Зошто и тие малку и крајно неодговорно недоволни средства побарани од МЖСПП не се одобрени?

Отворено прашање до Влада на Република Македонија: Каде е ветувањето дека чистиот воздух, вода и здрава животна средина ќе бидат приоритет на оваа Влада? Со вака мизерни средства доделени за справување со енормното загадување ни за наредните 50 години нема да се справиме со истото.

До министерот Драган Тевдовски: Вашето образложение за прераспределба на средствата помеѓу буџетските корисници изминатава сабота се базира на избегнување на плаќањето на камати и евентуални судски трошоци, на исплата на долгови кои во наредните 10 години ќе обезбедат заштеди и на обезбедување на средства за проекти кај кои е забележано позабавено темпо на реализација. Што со забавеното темпо, до степен на апсурд, на нереализација на многуте проекти, планови чии рокови се пробиваат одново и одново ad nauseam во областа на заштита на животната средина и справување со загадениот воздух, почва, води? Што со вртоглавите камати што сите ние ги имаме живеејќи во екстремно загадени услови со децении? Што со долгот кон нашите деца во наредните 10 години да им овозможиме барем базични услови за раст и развој во намалено загадена средина, да им ги ублажиме последиците кои секако ќе ги имаат? Дали мислите на овие камати и овие долгови? Кога веќе ги пресметувате и преместувате финансиите, дали сте ја пресметале заштедата од намален број на заболени и починати кога загадувањето би се намалило? Човечки животи се во прашање, вистински, реални луѓе кои умираат прерано поради ова загадување.

Овие прашања не се реторички и на истите очекуваме одговор.

Извор: О2 Коалиција за чист воздух