Нуклеарни инциденти или катаклизма комунизма

24.11.2017 14:01
Нуклеарни инциденти или катаклизма комунизма

Ударна вест низ Европа деновиве е протекувањето на радиоактивни материјали во Русија. Дали ни се случува Чернобил II?

Пред извесно време, западноевропските стручњаци забележаа зголемено присуство на радијација во атмосферата, за која се претпоставува дека потекнува од просторите на Русија, поточно од југот на Урал. Надлежните органи во таа земја упорно негираа каков било проблем кај нивните нуклеарни постројки, но на крај, тие признаа дека во тој регион навистина имало драстично зголемено присуство на радијација, речиси илјадапати повеќе од претходно!

Проблемот започнал уште во септември оваа година, но Москва за сето тоа молчеше. Понесен од ветриштата, радиоактивниот облак поминал низ повеќе руски градови: Чељабинск, Јекатеринбург, Уфа, Казањ, Уљановск, Самара, Саратов, Волгоград, Ростов на Дону и др., за најпосле да излезе од границите на Русија и да биде забележан и во Прага, Будимпешта, Букурешт, Милано, Берлин, Стокхолм, делови од Франција итн. Каде точно лежи вината за овој инцидент и колкава е опасноста од истиот, јас не знам. Претпоставувам дека доколку ситуацијата е алармантна, тогаш веројатно ние би биле известени. Но ова молчење и прикривање од страната на Москва ужасно потсетува (смрди) на неодговорното однесување на советскиот режим во времето на Чернобилската катастрофа во 1986 година, околу што јас веќе имам пишувано.

Многумина велат дека Руската Федерација (како и бившиот СССР, чиј официјален наследник е таа) има „наплевательское отношение“ кон своите сопствени граѓани, или во превод, нејзе ѝ се „фуќка“, односно плука за нивните судбини (за странските па ич да не збориме). „Жизнь – копейка“ или животот на обичниот човек не вреди ни „пет пари“ и тој може да оди курбан за некакви „виши цели“. Во времето на СССР, а особено под Сталин, милиони недолжни луѓе биле подложени на репресии, стрелани, депортирани, изгладнувани до смрт со разните колективизации, апсени и затворани во сибирските гулази или испраќани на фронт без соодветно оружје и обука, а на сето тоа дури и Хитлер би позавидел. Современиот режим во Руската Федерација нема баш цврст и јасен став околу советските репресии и гледа колку што е можно да ги релативизира и дури и да промовира носталгија за СССР. Путин бил агент на репресивната тајна служба КГБ и тој не може баш така лесно да се ослободи од таа тоталитарна комуњарска матрица. Меѓу другото, многу советски граѓани биле жртви на нуклеарни инциденти, кои режимот ги „метел под ќилим“.

Иронија на судбината е тоа што инцидентов се случи токму на 100-годишнината од Октомвриската Револуција, со која во Русија бил воспоставен тој брутален режим. Чернобилската катастрофа била олицетворение на сета негова дисфункционалност, дезорганизираност, техничка заостанатост, изолираност, високомерност, некомпетентност, корумпираност, неодговорност и нехуманост. Со еден збор, комунизмот смрди, а Чернобил бил вовед во неговата катаклизма. Комуњарата е неспособна да направи нешто квалитетно, дури ни кола, телевизор, мобилен телефон, компјутер, што било, па не чуди недоделканоста на тамошните нуклеарни центри, за кои се предупредувало во некои тајни документи на КГБ, но тие останале игнорирани од страна на власта. Советскиот режим најпрвин молчел за Чернобил, но набргу, шведските стручњаци забележале зголемена радијација околу својата нуклеарна електрана Форсмарк и откако констатирале дека таа е во ред, сфатиле дека радијацијата е дојдена однадвор, при што тие прецизно го лоцирале нејзиниот извор „некаде во западниот Советски Сојуз“. Е, тоа ти е Шведска. Москва конечно морала да признае што се случува, што бил невиден преседан. Дотогаш советското раководство не признавало грешки. Ова признание придонело за забрзување на процесот на демократизација на СССР. Токму во тоа време, советскиот лидер Горбачов започнал со т.н. Перестројка и Гласност, реформи за либерализација на советското општество. Но, подоцна, ова олабавување на стегите довело до пад на комунистичкиот режим и до распадот на СССР. Фактички, со Чернобил започнал „домино ефектот“ на падот на комунизмот.

Хемиски симбол на радиоактивниот Рутениум

Иронично е и тоа што називот на радиоактивната материја која неодамна е забележана во атмосферата е Рутениум-106, а за оние што не знаат, „Рутенија“ е средновековно латинско име за Русь, земјата на Источните Словени, чии современи наследнички се Русија, Украина и Беларус (позната и како Белорусија), како и етничката група Русини (Рутени). Овој хемиски елемент бил откриен во 1844 година од страна на рускиот академик Карл Клаус, инаку балтички Германец по потекло, и тој го нарекол во чест на Русь или нејзината наследничка Русија. Дополнителна иронија е и тоа што овој последниов инцидент се случи точно 60 години по оној во нуклеарниот комплекс Мајак во Чељабинската Област на Русија. Многумина токму во Мајак го лоцираат и последниов инцидент, односно тврдат дека тој претставува еден вид „реприза“ на она што таму се случувало пред точно шест децении.

Нуклеарен комплекс Мајак

Комплексот Мајак бил отворен во 1948 година и најпрвин се занимавал со производство на плутониум за воени потреби. За вработените и администрацијата на комплексот бил основан „затворениот“ град Озјорск, некогаш познат и под шифрираното име Чељабинск-40, а подоцна и Чељабинск-65. Уште од советските времиња, во Русија сè уште постојат повеќе затворени градови (т.н. ЗАТО), а влегувањето и излегувањето во/од нив е многу строго контролирано. Многумина не знаат дека во комплексот Мајак се случиле куп страотни инциденти, но оној од 29-ти септември 1957 година зазема побитно место. Тој е познат под називот Киштимски (според блискиот град Киштим) и на меѓународната скала за нуклеарни инциденти на Меѓународната Агенција за Нуклеарна Енергија, тој е на шестото место веднаш позади Чернобилскиот и Фукушимскиот, кои го делат седмото (највисокото и најопасното). До Киштимскиот инцидент дошло така што системот за ладење на течниот радиоактивен отпад откажал, па превисоките температури довеле до голема експлозија која однела бетонски блокови к’о кула од карти и била трајно контаминирана територија речиси колку Република Македонија (23000 km²) со околу 250000 жители, а многу населени места морале да бидат евакуирани (што се правело на бавен и лошо организиран начин). Советскиот режим ја забошотил катастрофата и со неа не била запознаена пошироката јавност, а повеќе жители на контаминираната зона умреле од рак и други заболувања, но нивниот точен број не е познат. За да се замаскира контаминираната зона, во 1968 година, советските власти таму го основале Источно-Уралскиот Национален Парк, кој бил и сè уште е забранет за посети. Во 1970-тите години, советскиот биолог и дисидент Жорес Медведев пребегнал на Запад, па благодарение нему, тамошната јавност конечно била запознаена со настанот. Комплексот Мајак, пак, продолжува со својата работа и ден денес и се занимава со собирање и обработка на радиоактивен отпад. Фактички, делови од Русија се претворени во депонии за нуклеарно ѓубре, како домашно, така и странско (од САД, Германија, Јапонија и којзнае уште од кои сè земји). Зошто Русите го прават тоа мене не ми е јасно, но некои тврдат дека во прашање е профитот или можеби воените цели. Во целава работа може да се вмешани и корумпирани политичари и бизнисмени. Недалеку од комплексот се наоѓа реката Теча и езерото Карачај, кои се сметаат за најзагадените и најрадиоактивните места на светот!

Знак во рускиот град Озјорск

Кога веќе го спомнавме производството на нуклеарно оружје во бившиот СССР, интересно е да се раскаже и како тоа било тестирано. Повеќето нуклеарни проби биле вршени на полигонот Семипалатинск во Казахстан, што имало катастрофални последици врз здравјето и животите на околното население, но посебно се интересни тактичките воени вежби одржани на 14 септември 1954 година на Тоцкиот полигон во руската Оренбуршка Област. Тогаш, советската армија направила нуклеарна проба во која биле вклучени и живи војници сосе тенкови и транспортери, со цел тие да се подготват за дејствување во услови на нуклеарна војна и за да се види како тоа ново оружје ќе дејствува врз нив. Со вежбите раководел маршалот Жуков, освојувачот на Берлин во 1945 година и иако е неспорно дека тој бил способен војсководец, тој припаѓал на една друга ера и се чини дека не бил баш добро запознаен со нуклеарното вооружување и последиците од истото. Како последица на оваа „генијална“ идеја, 45000 советски војници и 10000 обични цивили од поблиската околина биле изложени на радијација и многу од нив умреле во маки. Непотребно е да се нагласи дека сево ова било чувано во строга тајност.

Вработен во Мајак

Малкумина знаат дека имало и примери на мирнодопска употреба на атомските бомби, на пример за прокопувања, рударство, менувања на теренот или сл. На 9 јули 1972 година, во Советска Украина се случил еден посебно апсурден нуклеарен инцидент, што фактички била првата експлозија на атомска бомба на европскиот континент. Во селото Першотравневе, околу 90 км. од Харков, бил откриен извор на природен гас, кој властите решиле некако да го затрупаат, затоа што тој силно избил (како гејзер) и дури се запалил, па над селото се надвиснал гигантски факел. Да речеме, како пламен од лансирање на космичка ракета или млазен авион, дотолку било страшно! Комуњарите, како што знаете, не важат за многу бистри луѓе и тие дошле на „генијална“ идеја да го затрупаат овој извор со активирање на атомска бомба. Операцијата го добила шифрираниот назив „Факел“ и со него се раководело директно од Москва. Еден час пред нејзиното извршување, во селото пристигнале вооружени сили, кои ги натерале селаните да се евакуираат во соседното Хрестишче, на околу 5 километри оддалеченост. Со себе тие ги понеле само своите документи, а сите предмети и домашни животни тие ги оставиле зад себе. Тука дошле и разни комунистички главешини и КГБ-овци во црни автомобили Волга за да го проследат настанот. На евакуираните не им било објаснето што точно ќе се случува во нивното село и тие мислеле дека просто ќе се врши некакво гаснење на факелот. Експлозијата, која била околу трипати послаба од онаа во Хирошима се случила во 10 наутро, а селаните биле вратени во своите домови само 5 часови подоцна. Никој не им кажал за опасноста од радијацијата, но тие забележале дека нивните куќи се доста оштетени, „како по војна“ - како што некои од нив се изразиле. Тие продолжиле да конзумираат вода од месните извори, како и храна од месните растенија и домашни животни. Над местото почнале да паѓаат кисели дождови. А факелот? Откако се случила експлозијата, насобраните започнале да аплаудираат, но набргу, од кратерот избил гас со уште посилен интензитет, па факелот сега достигнал висина од 1000 метри, разнесувајќи во атмосферата радиоактивни честички! Операцијата завршила како тежок фејл со штетни последици по месното население, а факелот на крај бил некако затрупан со конвенционални методи, истурање на цемент или сл. Оние жители кои потоа трпеле последици по своето здравје никогаш не биле официјално признати како жртви на радијацијата. По Чернобил, Факел, Холодморот (изгладнувањето до смрт како последица на колективизациите) и сите гадости што Украинците ги преживеале во СССР, вие се чудите зошто сега тие ги уриваат спомениците на Ленин и зошто со закон го забранија комунизмот, пеењето на „Интернационалата“, српот и чеканот, советската носталгија и сето тоа. Како ти би се чувствувал некој да ти стави атомска бомба у двор?! Нашиот човек живеел во полиберален и неврзан социјализам (титоизам), така што овие нешта не му се толку познати.

Знак во селото Першотравневе

Се разбира, и Западот си има свои гревови! Покрај Хирошима и Нагасаки, тука се и американските нуклеарни проби во Невада (Операцијата Дезерт Рок и нејзе сличните); потоа француските во Алжир или на полинезиските острови; британските во Австралија; користењето на осиромашен ураниум во Србија, Ирак и други места; како и несреќите во електраните Селафилд (Британија), Фукушима (Јапонија), како и Три Мајл Ајленд (САД), која е опеана во „London Calling“ на групата The Clash. Се тврди и дека ЦИА некако дознала за Киштимскиот инцидент уште во 1959 година, но таа решила да го премолчи за да не поттикне протести на американската јавност против нуклеарното вооружување. Нуклеарна закана ние сме имале и во нашата непосредна близина, поточно во Грција. Пред 10 години, весникот „Та Неа“ објави дека во времето на Студената војна, во Грција имало американски нуклеарни ракети свртени кон соседните социјалистички земји: Албанија, Бугарија и Југославија и тие биле поставени во градовите во Егејска Македонија: Драма, Јаница (по наше Пазар или по турски Ениџе Вардар) и Килкис (Кукуш). Јас сите нив ги имам посетено, а во овој последниов еднаш бев приведен заради ненамерно снимање на воен објект. Којзнае што таму криеле. Значи, валкани нешта правеле и Западот и Истокот, но ако е некаква бедна утеха: во западните демократски општества барем постојат слободни медиуми, истражувачи и т.н. свиркачи (whistleblowers), како и еколошки и анти-нуклеарни движења, кои можат да укажат на проблемите, да покренат јавна дебата околу нив, па дури и протести ако треба, што во СССР било невозможно, а ни во современа Русија не е многу поарно.

Девојка протестира против нуклеарната енергија: „Тука е толку безбедно што наскоро ќе почнам да светам“

На негодувањата на граѓаните, руските власти сега одговараат дека „нема простор за паника“ и тие одбиваат да го пронајдат изворот на радијацијата. Како што се изрази раководителот на руската хидро-метеоролошка служба Максим Јаковенко: „Изворот не го баравме, зошто би го барале кога нема опасност? Нека го бара оној кому тоа му е интересно“. Главниот онколог на Чељабинската Област, Андреј Важенин, пак, ги посоветува загрижените да „пијат пиво и да гледаат фудбал“ (најозбилно). Путин молчи, а неговиот прес-секретар Песков се прави наудрен, што е разбирливо, имајќи в предвид дека децата на обајцата се на безбедно, т.е. живеат на „трулиот Запад“. Оттука произлегува и шегата која деновиве е доста раширена по руските социјални мрежи: „986 пати надминатото ниво на радијација не е опасно по здравјето, па затоа евакуација на населението и дезинфекција на месноста нема да бидат преземени. Го молам населението да го сочува спокојството и да не се оддава на паника“ - изјави во своето видео-обраќање до Уралците гувернерот на Чељабинската Област, кој во моментов е на Кипар со семејството“.

Источноуралски национален парк

Колку и да сум критичен кон авторитарниот режим на Путин, јас не можам да негирам дека под него беа постигнати некои позитивни резултати. Русија поседува страотни квалитети (велелепни градови, култура, музеи, наука, индустрија итн.), а ние во споредба со неа сме малечки како мува за слон не само во територијална, туку во која било смисла. За сево ова веќе опширно пишував и никој не може да ме обвини за необјективност. Не спорам ни дека СССР донекаде одиграл позитивна и еманципаторска улога со тоа што помагал некои земји во Третиот свет, во кои 99,9% од населението било неписмено, немало ни болници, ни патишта, ни хидроцентрали итн. (Ангола, Мозамбик, Виетнам, Никарагва, Јемен, Палестина, Авганистан итн.). Исто така, јас сфаќам дека одредени земји се толку големи и полни со противречности (како на пример Русија, Кина, Сирија и сл.), што владеењето со цврста рака таму можеби е „нужно зло“, кое придонесува за нивна стабилност (политичка, економска, меѓуетничка/конфесионална и секаква). Но со последниов инцидент, сите обиди да им се прогледа низ прсти на таквите режими веќе стануваат беспредметни. Кога на луѓето веќе им го земаат и воздухот што го дишат, здравјето и животот, тогаш што останува?

Во една прилика, еден таксист во Русија ми се пофали дека децата му работат во еден од таквите забранети градови, што тој го доживуваше како „голем успех“, затоа што таму платите се нешто повисоки и сл. Не сакав да го навредам, ниту пак да го прашувам за кој град конкретно се работи, за да не делувам како некаков „шпиун“. Верувам дека во некои од тие места навистина има пристојни услови за живот, но џабе ти е кога си опколен со бодликави жици и стражарски пунктови како овца у тор; за излегување ти требаат специјални дозволи, како и за посети од страна на родинини или пријатели; патувања во странство може никогаш да не ти одобрат (зависи и од дестинацијата); и таквите места обично се доста зафрлени; а на крајот на краиштата, можеш да бидеш изложен на радијација и други опасности. Изем ти „живот“. Во советските времиња, жители на таквите места можеле да станат само одбрани стручњаци, офицери и сл. и тие имале некои бенефити и пристап до дефицитарни стоки за кои останатите граѓани морале да чекаат во редица цел ден (на пример, некои смрдљиви комуњарски гумени чизми, чајна кобасица, кафе, г’з папир или сл.), па можеби оттаму и навиката таквата работа да се смета за голема чест и успех. Исто така јас се допишував со една девојка која живее во таков град и тој се наоѓа релативно близу до локацијата на последниов нуклеарен инцидент. Тогаш ѝ испратив цеде од Суперхикс, првиот албум, со Крисот на омотот. Којзнае како е сега таму? Што ќе прават сега тие луѓе таму?

Знак: Забранет риболов, собирање јагоди и печурки

Во нормални земји, за ваков инцидент би фрштеле оставки, тужби и протести, а на времето, Јапонците беа познати по извршување на ритуално самоубиство – харакири од срам што не ја извршиле својата функција како што треба. Но не очекувајте такво нешто од руските политичари. Тие цел живот бегаат од лична одговорност, а за проблемите секогаш им се виновни: ЦИА, Сорос, масоните, НЛО-ата и сите, освен тие самите (дури и за укинувањето на бесплатниот превоз за руските пензионери „виновен е Обама“ – како што мртов озбилен изјави пратеникот Јевгениј Фјодоров).

Москва не извлече поуки од советските времиња и таа „повторно стапнува на еднo истo греблo“. Овој руски израз („наступить на те же грабли“) означува повторување на старите грешки, затоа што секогаш кога ќе стапнеш на гребло, дршката ќе те удри в лице, башка што може да се боцнеш. Москва повторно реши да забошоти нуклеарен инцидент и таа повторно беше „фатена во лага“ од страна на странските набљудувачи, кои повторно истиот прецизно го лоцираа. Дури и инцидентов да не претставува реална закана, сепак, тој уште повеќе ја разниша и онака разнишаната доверба на руските граѓани во својата власт.

За крај, уште една страшна иронија. Во времето на анексијата на Крим и почетокот на војната во Украина, кога односите на Русија со Западот станаа мошне затегнати, рускиот „Латас“ - Дмитриј Кисољов, во својата ТВ емисија заканувачки изјави дека: „Русија е единствената земја на светот способна да ги претвори САД во радиоактивен пепел“, но сега, руските блогери констатираат дека всушност таа попрво би успеала тоа да си го направи самата себеси.

Езерото Карачај

П.С. Нуклеарна енергија, фала богу, ние неаме, затоа што нашите нуклеарни центри веројатно би биле како од скечон на сараевските комичари Топ Листа Надреалиста со работници како разбиваат атоми со чекани и репликана „Гаси, Мехо!“. Но затоа штеточини не ни недостасуваат, па неодамна, во Охридското Езеро се случи еколошки инцидент кога беа истечени повеќе литри гориво од напуштениот брод Мис Стон. Загадувањето, наводно, било неутрализирано со помош на соодветни разредувачи, но кој да ги знае. А јас убаво апелирав до новата влада да заведе ред (ако треба и со драконски мерки) во местата од посебно културно, природно и какво било значење. Сакате Охрид да се претвори во Карачај? Но кој ме слуша...

Слични содржини

Свет / Историја
Свет / Теорија / Историја
Општество / Gif / Историја
Европа / Свет / Историја
Општество / Свет / Култура
Општество / Свет / Историја

ОкоБоли главаВицФото