Законот на(д) Груевски

25.11.2017 13:10
Законот на(д) Груевски

Од сите литературни жанрови, криминалистичкиот беше најмалку застапен – или воопшто го немаше! – во книжевната продукција за време на социјализмот. Објаснувањето на стручњаците беше дека за таков вид творештво условите биле многу лоши: имало премногу криминал и криминалци во реалноста, во животот, а премалку истражители инспектори кои може да ги гонат, повикувајќи се на законот и на правдата. Со паѓањето на комунистичкиот режим, експресно беа убиени сите надежи дека конечно ќе се врати во живот овој атрактивен жанр. Криминалот стана секојдневие, арамилакот, убиствата и злото најбанални настани за кои честопати не се пишуваа ни извештаи – камоли романи – а тие кои требаше да го спроведат законот, да помогнат да победи доброто ги третираа како будали или тие сами се прогласуваа за такви.

Дека до ден-денеска е така, ако не е и полошо, може да се прочита и од изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски по излегувањето од просториите на Специјалното јавно обвинителство: „Денеска бев поканет од СЈО во својство на сведок за некоја нивна, како што кажаа предистражна постапка. Им укажав дека ова што го работат е незаконски, дека нивниот мандат е одамна истечен и дека овие предистражни постапки што ги тераат практично се малтретирање на граѓаните во услови кога тие не може да поднесуваат никакви обвиненија или практично работат незаконски“.

Сите правдољубиви луѓе веруваат дека формирањето на СЈО беше првиот настан, пресуден во идното разграничувањето, во правењето разлика помеѓу прекршителите и заштитниците на законот. А љубителите на крими-приказните дека конечно ќе се создадат услови за да завладее законот на жанрот.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња