Кои се транс лицата и какви се нивните проблеми во општеството

25.11.2017 13:11
Кои се транс лицата и какви се нивните проблеми во општеството

20 ноември беше Меѓународниот ден на сеќавањето на убиените трансродови лица, односно денот кој претставува референца за сите жртви на трансфобијата која демне во општеството. Овој ден, исто така, претставува и можност за подигање на свеста за постојаното насилство коешто им се случува на припадниците на оваа заедница, а кое дури и најразвиените држави на светот не успеваат да го намалат, односно да го искоренат.

Во Соединетите Американски Држави, како и во многу држави во светот, луѓето од оваа заедница на траорен начин на свој грб го чувствуваат актот на насилството врз нив, кој многу често резултира и со смрт. Статистиката говори дека од 19 илјади убиени лица, едно од нив е транс. Меѓутоа, доколку се земат предвид и останатите фактори, како што е расната припадност, тука веќе стапката е далеку повисока. Имено, од 2600 убиени луѓе, едно е трансродово лице коешто е од афроамериканско потекло.

Според ЛГБТИ организациите, 23 трансродови лица беа убиени во 2017 година во Соединетите Американски Држави, повеќето не се бели и се припадници на различни малцинства како што се афро-американската и латино заедниците.

Каква е ситуацијата на транс лица во Македонија?

Транс лицата во Македонија во моментов се наоѓаат во незавидна ситуација. Како дел од маргинализираната ЛГБТИК+ популација, не се заштитени од дискриминација и насилство врз основа на родов идентитет. Оваа популација е составена од многу разнолики групи, но недостигот од заштита и дискриминација се однесува на сите. Тоа значи дека е потребно внесување на родовиот идентитет (како и сексуалната ориентација) како забранета основа за дискриминација, и измени на Кривичниот Законик за експлицитно да се забрани насилство врз основа на родов идентитет (и сексуална ориентација). Понатаму, останатите проблеми со кои се соочуваат можат да се поделат на правен и медицински дел.

Правниот дел се однесува на промената на документите. Тоа опфаќа промена на името, ознаката за пол и матичниот број. До пред неколку недели, само едно лице во Македонија имаше постигнато успех во оваа постапка и нејзиното целосно спроведување, а сега има уште еден случај, кој е решен со пресуда на Управниот суд. Пресудата значи дека Министерството за правда треба да ја спроведе промената на ознаката за пол, а потоа Министерството за внатрешни работи треба да издаде нов матичен број. Меѓутоа, ова е завршница на само еден од повеќето случаи во Македонија.

Проблемот во оваа насока е што постапката не е регулирана. Зошто е ова значајно? Личната документација е дел од секојдневието на секој човек. Личната карта обезбедува пристап и до најосновните услуги, вклучително и образование, здравствена заштита, банкарски и поштенски услуги, пристап до вработување, домување и.т.н. Очигледно е дека навлегува во секоја сфера од живеењето.

Недостигот од регулирање на оваа постапка ги става транс лицата во ранлива ситуација во која пристапот до овие услуги најчесто им е попречуван поради дискриминаторските ставови на службениците, или пак се предмет на исмејување или им се поставувани сосема непотребни интимни прашања кои не им се поставуваат на другите граѓани. Потребно е итно регулирање на постапката за промена на документите согласно современите светски практики, врз основа на самоопределување и без наложување на никакви медицински интервенции, кои неизбежно задираат во личниот и телесниот интегритет на поединецот.

Медицинскиот дел се однесува на достапноста на медицинските услуги специфични за потребите на оваа популација, но и пристапот до општи здравствени услуги како што се итна помош или рутински тестирања, како и услуги од областа на менталното здравје. Во Македонија има случај на насилство кон транс жена, која била исфрлена од болницата од страна на обезбедувањето, кога се обидела да отиде кај својот лекар.

Постојат и други случаи, во кои, без исклучок, транс лицата биле предмет на испрашување, агресивно и насилно однесување кон нив, препраќање со часови од канцеларија во канцеларија иако ја имале целосната потребна документација. Во однос на специфичните услуги, може слободно да се каже дека се работи за системска дискриминација затоа што оваа медицинска состојба одамна веќе постои во регулативите во Македонија меѓутоа услугите не можат да се добијат поради непознавање и неразбирање на сопствените обврски од страна на вработените во здравствените институции. Потребно е да почнат да се спроведуваат постоечките регулативи за овие лица да можат да го остварат правото на здравствена заштита како и сите други граѓани.

Извор: Гласник
Фотографии: Алваро Лаиз

ОкоБоли главаВицФото