Како да ги победиме популистичките демагози

25.11.2017 15:47
Како да ги победиме популистичките демагози

Неодамна на еден собир сретнав познат американски економист и стручњак за трговија. Во разговорите го спомнавме Северноамериканскиот договор за слободна трговија (NAFTA)и тоа дека Доналд Трамп сака да ги обнови преговорите за договорот, зашто го обвинува за проблемите на американските работници. „Никогаш не мислев дека NAFTA е нешто посебно“, ми рече стручњакот.

Бев фрапиран. Мојот соговорник беше еден од најистакнатите и најгласните поборници за договорот NAFTA во времето кога тој беше склучен, пред речиси четвртина век. Заедно со уште некои економисти, тој одигра пресудна улога во придобивањето на американската јавност за формирање на овој трилатерален трговски блок (Канада, Мексико и САД). „Го поддржав договорот зашто верував дека отвора пат за идните трговски договори“, ми објасни мојот соговорник.

Неколку недели подоцна, се најдов во Европа на вечера на која зборуваше поранешниот министер за финансии на една од земјите од еврозоната. Темата беше подемот на популизмот. Поранешниот министер ја напушти политиката и сега отворено зборуваше за грешките кои, според него, ги направила европската политичка елита. „Ги обвинуваме популистите дека го ветуваат она што не можат да го исполнат. Би требало прво да се погледнеме себеси“, ни рече тој.

Претходно таа вечер, расправав за нешто што го нарекувам трилема, поточно неможност за истовремено постоење на национален суверенитет, демократија и хиперглобализација. Мислам дека треба да се изберат две од трите цели. Поранешниот политичар продолжи да зборува: „Популистите барем се искрени. Тие знаат што сакаат: национална држава, а не хиперглобализација или единствен европски пазар. Проблемот е во тоа што на нашите поддржувачи им рековме дека истовремено можат да ги имаа сите три погодности. Дадовме ветување кое не можеме да го исполниме.“

Не можеме да знаеме дали поголемата искреност на меинстрим политичарите и технократите ќе нè поштедеше од подемот на нативистичките демагози како Трамп или Марин Ле Пен. Но јасно е дека неискреноста имаше своја цена. Таа ги чинеше центристичките движења нивниот кредибилитет. Поради тоа, на елитите денес им е уште потешко да го премостат јазот кој ги дели од граѓаните кои сметаат дека естаблишментот ги изневерил.

На многумина не им е јасно зошто сиромашните граѓани или припадниците на работничката класа би гласале за некој како што е Трамп. Економските политики за кои се залагаше Хилари Клинтон, судејќи според сè, би им донеле поголема корист. За да го објаснат овој наводен парадокс, аналитичарите се повикуваат на неукоста, ирационалноста и расизмот на тој дел од гласачкото тело.

Но постои уште едно објаснување. Тоа е во склад со рационалноста и личните интереси на гласачите. Кога мејнстрим политичарите еднаш ќе го изгубат кредибилитетот, природно е дека гласачите ќе ги земат со резерва нивните ветувања. Поверојатно е дека ќе ги привлечат кандидатите кои се профилираат како борци против естаблишментот и од кои со извесност може да се очекува дека ќе се дистанцираат од доминантните политики.

Преведено на јазикот на економистите, политичарите од центарот имаат проблем со асиметричното информирање. Тие тврдат дека се реформисти, но зошто гласачите би им верувале кога тие не делуваат нималку различни од претходните, кои на истите гласачи им ја подметнаа глобализацијата, а потоа презриво ги отфрлија нивните жалби на неа.

Во случајот на Хилари Клинтон, нејзините тесни врски со глобалистички настроената меинстрим Демократска партија, како и со финансискиот сектор, само го влошија проблемот. Нејзината кампања вети донесување правични трговски договори и укинување на поддршката на Транспацифичкиот трговски договор (TTP), но дали таа самата веруваше во тоа? Додека беше американска државна секретарка цврсто го поддржуваше TTP.

Економистите овој феномен го нарекуваат изедначување (pooling equilibrium) - кога сите испраќачи праќаат иста порака не го откриваат своето вистинско лице. Конвенционалните и реформистичките политичари личат едни на други и затоа кај најголемиот дел од гласачкото тело предизвикуваат претпазливост. Гласовите кои ги губат со испраќање на иста порака одат кај популистите и демагозите, чии ветувања за тоа како ќе го потресат системот на гласачите им делуваат поуверливо.

Дефинирањето на проблемот со помош на асиметричното информирање укажува на можното решение. Принципот на изедначување на пораката може да биде надминат ако реформистичкиот политичар успее да им ги сигнализира на гласачите своите вистински ставови.

Сигнализирањето има специфично значење во овој контекст. Тоа подразбира дека реформистичкиот политчар усвоил однесување кое е екстремно за конвенционален политичар, но не толку екстремно за да го претвори реформистот во популист. Под претпоставка дека нејзиното преобратување било стварно, Хилари Клинтон требаше да испрати порака дека ако биде избрана, никогаш повеќе нема да земе ниту пара од Волстрит, ниту ќе потпише некаков трговски договор.

Со други зборови, политичарите од центарот кои сакаат да ги засенат демагозите мораат да балансираат на тенка жица. Тежината на оваа задача укажува на големиот предизвик со кој тие политичари се соочени. Тој бара нови лица и помлади политичари, нерасипани од глобалистичките ставови на своите претходници за трговскиот фундаментализам.

Во таа смисла, би требало отворено да се признае и тоа дека политичарите се бираат поради остварувањето на националните интереси. Тоа подразбира подготвеност да се нападнат многу од „светите крави“ на естаблишментот - особено слободата на финансиските институции да прават што сакаат, склоноста кон мерки за штедење, непријателскиот став кон улогата на државата во економијата, непреченото движење на капиталот и фетишизацијата на меѓународната трговија.

Реториката на новите политичари на просечниот гласач ќе му звучи нескладно и претерано. Тоа е неопходно за да се преземат гласачите од популистичите демагози. Новите политичари треба да понудат инклузивна, а не нативистичка концепција на националниот идентитет, додека нивните политики треба да останат во рамки на либералните демократски норми. Сè останато е подложно на расправа.

Извор: Project Syndicate, 13.11.2017.
Слики: Лоренцо Грити

ОкоБоли главаВицФото