Нов успех на МВР: Запленети опасни ордевери, пирошки и мешана скара во скопски кафеани!

25.11.2017 17:59
Нов успех на МВР: Запленети опасни ордевери, пирошки и мешана скара во скопски кафеани!

Скопје, 25 ноември

Специјалната кафеанска единица „Боеми“ при Министерството за внатрешни работи, синоќа изврши рација во неколку скопски кафеани, каде приведе дел од персоналот, сопствениците и гостите, поради основани сомненија за извршени кривични дела - нестандардна големина на ордеверот, пречекорување на работното време за 13 секунди, непријавување на бакшишот на музичарите во УЈП, користење растителен кашкавал во шарските плескавици, како и ненудење бесплатен оброк и пијачки на инспекторите и полициските службеници.

Со акцијата под кодното име „Ражен“ раководеше командантот на единицата „Боеми“, Ухлеб Силеџиев, кој е одличен познавач на локалите во кои е извршена рацијата, бидејќи и самиот честопати ги посетувал.

Акцијата наиде на одушевување кај граѓаните во Скопје, но и пошироко во Македонија. Оние со кои разговараше редакцијата на Пара вести велат дека се чувствуваат безбедни по елиминирањето на неправилностите во кафеаните и конечно имаат мирен сон.

„Што ако утре моето дете изеде уштипци со неправилна форма? Последиците би можеле да бидат несогледливи“, вели еден од нашите соговорници и нагласува дека затворањето на угостителските објекти ќе го стимулира поинтензивното живеење на денскиот живот.

Инаку, акцијата била покрената на лична иницијатива на Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој открива детали за Пара вести.

„По напорниот работен ден, си легнав да спијам, а на сон ми дојде Криминалот и ми шепна: сузбиј ме нежно... и загриза големо парче колбас. Така знаев дека мора итно да воведам ред во угостителството и ноќниот живот“, вели Спасовски.

Ова е втор голем успех МВР по минатонеделната акција „Оли воли диско“, извршена во повеќе ноќни клубови.

Слики: Свирачиња