Корто во Македонија

26.11.2017 10:21
Корто во Македонија

КОРТО ВО МАКЕДОНИЈА

Да, Корто поминал низ нашиве краишта повеќепати. Оттаму и Хуго Прат има оставено толку непопополнет простор во талкањето на Корто, токму во клучните моменти од македонската историја. Постои, наводно, и фотографија на Корто во албумот на еден стар битолчанец, направена веднаш по Првата светска војна (вистина, не многу јасна - морнар на коњ, колона од десетина разновидно облечени зад него, расфрлани селски куќи во далечината) и приказната дека тој ја предводел потрагата по легендарното закопано злато на од Битола избеганата турска војска.

Корто првпат начул за Македонија за време на своето дошколување во париската еврејска гимназија, во 1902 година, кога француските весници јавуваат за грабнувањето на Мис Стон и ова му го припишуваат на Борис Сарафов. (Со Сарафов подоцна Корто и се сретнува на приемите по париските салони. Сарафов, пак, во своите мемоари наведува дека примал донации и во Париз, но секогаш го крие идентитетот на своите донатори, таква била желбата и на професорот на Корто).

Случајот сака бродот „Ванита Дората“, на кој младиот Корто е за првпат морнар, дај биде укотвен во солунското пристаниште на денот кога солунските атентатори поставуваат бомба на „Гвадалкивир“, во април 1903 година.

„Атентатори, а толку несмасни, ни ним не им е јасно против кого сè и што бараат“ - овој коментар од страна на еден преобратен Евреин, поранешен морнар и пријател на таткото на Корто, врелото солунско сонце тој ден и некои нејасни игри на сенката од смоквата, под која ја пие својата прва „раки“, го врзуваат Корто за овој простор. Романтика и авантура и некоја нејасна, беспричинска тага по нешто одамна, одамна загубено: ваквиот амбиент за Корто е препознатлив како сопствениот лик во огледало. (Павел Шатев во своите сеќавања спомнува дека по експлозијата им помогнале некои странски морнари да се симнат од „Гвадалкивир“, но не го спомнува Корто по име. Истоштеното лице на Шатев, Корто повторно ќе го види на Малта, 1908, при неговото враќање од заточеништвото во Фезан.)

Не се знае кој пат го донел до четата на Јане Сандански, но извесно е дека тој гој има убедено да ја прифати понудата за соработка од страна на младотурците, во име на своето старо пријателство со Кемал Мустафа, подоцна Ататурк. Корто дури јава со четата на Јане, при влезот во Истанбул. (Ататурк многу подоцна ќе му се оддолжи, дозволувајќи му да копа по цариградските архиви, и да вади податоци за скриеното богатство на Александар Македонски.)

Во сплетките во Софија тој очигледно не земал страна, талкал занесено низ улиците и се загледувал во огромната и чудно ниска месечина, со оние, сè исти па исти прашања - како може сè да биде толку убаво, а пак некако... Од овој период е озборувањето за неговата наводна врска-ли што-ли, со некоја бугарска поетеса која пишува под влијание на тукушто појавените руски револуционери (со неа наводно го запознал Џон Рид, кој подоцна се обидел да го „извади“, ама... месечина, ѕвезди, галеби, бучните црноморски бранови, некои топли црвени и жолти тонови по фреските, па чудни прастари знаци по пештерите... Ова е наводно во пролетта 1916 - му требало долго време да го фати бродот за непознат правец).

Повторно една жена, овојпат во Виена, ќе го потсети Корто на балканската врела мисла. Неговата љубовна афера со Менча Карничева била кратка, а нејзините недоискажани збркани зборови за светото убиство ги сметал за љубовен трик, желба да се биде интересен. Затоа, вечерта кога на концертот е убиен Тодор Паница, Корто бил со еден чешки археолог, внесен и понесен од приказните за некои големи исчезнати источноафрикански градови. (Несекојдневната морнарска фигура сепак била забележана во последните редови во виенската судница за време на процесот против Менча Карничева.)

Долго време потоа за Корто се слуша малку. И сите оние кои не веруваат дека тој загинал во шпанските војни, сите оние кои знаат дека напивката на Парцелс навистина делува, нема да се изненадат - Корто е виден деновиве во Македонија, во составот на некоја нова хуманитарна организација, далеку зад дозволените позиции. Се зборува дека всушност има некоја мапа, која покажува дека зад рудниците има некоја пештера, а во неа некои стари...

 

КОРТО МАЛТЕЗЕ - БИОГРАФИЈА

Корто Малтезе, најпознатата дводимензионална личност во историјата, е роден на 10 јули 1887 година на Малта, од татко морнар на Британската морнарица и мајка Циганка, по потекло од Севилја. (Иако би се рекло дека се работи за рак, една од пријателките на Корто, Златоуста, вистински познавач на окултното, ни појаснува дека според тајната астрологија постојат 14, а не 12 астролошки знаци, а Корто е роден во знакот на мачка, помеѓу близнаците и ракот, наспроти нилскиот коњ!).

Школувањето го почнува кај прочуениот рабин Езра Толедано, кој како 12-годишен ќе го запише во еврејското училиште во Ла Валета, каде што ќе ги добие своите први знаења од мистиката, изучувајќи ги Кабалата, Талмудот, Тората. Можеме само да претпоставуваме дека во летото 1900 во Кина го носи не само авантурата (војната на Боксерите), туку и потребата од курс по кинеската и тибетанската мистика.

Како морнар, Корто се ангажирал многу рано, а тоа се случува на бродот „Ванита Дората“, кој плови по Медитеранот. (Наш е, исто така, заклучокот дека пред доаѓањето во Египет, во 1904, Корто пристигнува, покрај другото, и во Солун, во април 1903).

При крајот на 1904 Корто е во Јапонија, за време на Руско-јапонската војна, и таму ги среќава Џек Лондон, тогаш новинар, и рускиот дезертер Распутин. Со вториот заминува во Африка, во потрага по златните рудници на Цар Соломон. Оттаму, во истата 1905, заминува во Патагонија, каде што го сретнува Буч Кесиди. За време на кусиот престој во Анкона, во Италија, во 1905, се запознава со скромниот ноќен портир, извесен Џугашвили, кој подоцна ќе се прослави под псевдонимот Сталин. Во 1908 Корто се враќа во Аргентина и повторно го среќава Џек Лондон. Меѓу 1908 и 1913 тој е на линијата Марсеј-Тунис-Антили-Њу Орлеанс-Индија-Кина. (Ние заклучуваме дека во 1908, во септември, Корто на кратко од Марсеј ја посетува родната Малта, каде што има интересна средба со една личност од „Корто во Македонија“. Тоа го потсетува на овој регион, што врие, и наскоро наоѓа време да биде сведок на промената на власта во Истанбул). На крајот на 1910, на бродот „Бостонијан“, Корто е втор офицер на линијата Бостон-Лондон, и тука за првпат го среќава Џон Рид. (Наш придонес кон биографијата е втората средба на Малтезе и Рид, на Балканот, за време на долгата војна). Почнувањето на големата војна во Европа на Корто му го соопштува свештеникот на еден јужно- пацифички остров. На Пацификот Корто останува до почетокот на 1915. Со професорот Штајнер од универзитетот во Прага, Корто е во Јужна Америка во 1916 и 1917, истражувајќи го неверојатното богатство на овој континент, но истата година го минува Атлантикот и доаѓа во Европа. Оди во Венеција, па низ Јадранско Море - во Ирска, па во Англија, за да стаса во Франција и да може ја набљудува последната битка на „Црвениот барон“ во 1918. Војната за Корто продолжува во Јемен и во Етиопија, истата година, каде за пријател го добива храбриот муслимански војник Куш.

Крајот на Првата светска војна Корто го дочекува во Хонгконг, од каде заминува за Сибир, во потрага по богатството на руското царско семејство и каде што има непријатности со адмирал Колчак и со лудиот барон Фон-Ун- герн Стернберг.

Во април 1921 тој е во Венеција и во неколку дена успева да се сретне со почетокот на фашизмот, со „црните кошули“, со убави умни жени, со масоните, и да излезе негибнат (пред да продолжи за Родос, истата есен, тој е, според нас, во Истанбул кај своите пријатели, од кои добива важни информации за исчезнатото богатство на Александар Македонски). Кон крајот на годината, и речиси во целата наредна, тој е во потрага по трезорот на Александар низ цела средна Азија. (По неуспешниот обид со Александровото богатство, Корто ја испробува својата среќа во Битолско, со прочуената потрага по турското злато.)

Во јуни 1923 година тој е во Аргентина, каде што се бори против проституцијата. (Но, пред тоа се задржува накратко во Француска Гвајана, верен на даденото ветување дека ќе се обиде да влијае кај француските власти за да ослободат некои Македонци заробени од француската војска за време на борбите околу Солунскиот фронт).

Во 1924 година тој е во Швајцарија, со професор Штајнер, кога се среќава со Херман Хесе, а тогаш ја испива и волшебната напивка на магот Парацелзус и станува бесмртен. (Непосредно пред заминувањето во Швајцарија, Корто е со Штајнер во Виена, каде се случува кусото познанство со атентаторот на Тодор Паница.)

Следната година е големата потрага по Атлантида, континентот Му.

Во Етиопија е виден во 1928, а постои и приказната за неговото исчезнување за време на Шпанската граѓанска војна во 1936, кога е член на Интернационалната бригада. Но, Корто не е мртов. Сите забораваат на напивката на Парацелзус и неговата бесмртност. Писмото од Пандора од 1965, читко потпишано, потврдува дека Корто живее со неа на Антилите, го има својот стан на позната адреса во Хонг-Конг и продолжува со своите патувања онаму каде што нешто се случува.

ХУГО ПРАТ

Роден е на плажата Лидо ди Равена, до Римини, Италија, на 15 јуни 1927 година. Детството го поминува во Венеција, каде што го почнува и школувањето. Во 1937 година, заедно со семејството, заминува за Етиопија, каде го почнува колеџот. На почетокот на војната, ѝ се приклучува на италијанската армија - на тринаесет години. Со неа е до 1943 година, кога се враќа во Италија (како дете е воен заробеник по влегувањето на трупите на Хаиле Селасие, а татко му и умира во воениот логор).

Со Баталја, Онгаро и Фаустинели кои, како и тој, се вљубеници во американскиот стрип, ја создава „групата од Венеција“ и во 1945 година го објавува својот прв стрип, „Асот Пик“ (направен под големо влијание на Милтон Каниф, кој за него цел живот ќе остане најголем авторитет: при нивната единствена средба во 1972 година, Прат плаче од возбуда).

Во 1949 го викаат да работи во Аргентина. Таму тој црта илјадници „каиши“ и соработува тесно со сценаристот Хектор Естерхелд. Следните години тој е во Англија, каде се запишува во Кралскиот колеџ во Лондон, потоа оди во Латинска Америка, па повторно се враќа во Англија за да ја посетува Кралската академија на Вотер колор и соработува со „Дејли Мирор“.

Во периодот од 1961 до 1967 Прат често го менува своето место на живеење и патува во Италија, Франција, Карипските Острови, Бразил и повторно во Аргентина, каде што, заедно со Алберто Бречија, предава на Панамериканската академија на уметности. (За овој дел од животот на Прат се врзани многу непознати.)

Потоа се враќа да живее и да работи во Европа, каде што во 1967 година ја објавува „Баладата од соленото море“. Корто Малтезе е роден - и со него еден универзум на личности и авантури, што подоцна ќе се развие во десетина стрип-албуми, но и надвор од нив. Тука, на некој начин, завршува биографијата на Прат и се преплетува со онаа на Корто. Морнарот со темни очи и истенчена силуета стана мит и во исто време културен феномен.

Космополит и по потекло и по култура, патник, библиофил и голем раскажувач, Прат го помина животот во претрчување на светот по патеките на митовите и на сништата.

Хуго Прат, како и други големи творци, решава последните години од животот да ги помине во Швајцарија. Умира во Лозана, на 20 август 1995.

Последните моменти од животот ги минува во друштвото на пријателот и авантурист Жан- Клод Жилбер и со четири од своите деца, притискајќи го врз градите митскиот крал на Етиопија, земја која многу значеше во неговиот живот. Зад себе остави шест деца - две од нив живеат во Париз, две во Аргентина, едно на Куба и едно во Бразил (за последниве две се знае малку).

Со него преку печатот ќе се простат и големи имиња како Умберто Еко („Прат исчезна, но ни останува Корто“), кој го споредува со Александар Дима и Марсел Пруст. Од него се прости и Мило Манара, за кого тој е симбол на слободата, независноста и гордоста. За Андре Малби, пак, тој е еден од најголемите маѓепсници на дваесеттиот век.

Слики: Свирачиња

Слични содржини

Книжевност / Историја
Квир / Книжевност / Историја
Графички Дизајн / Книжевност / Психологија / Стрип
Стрип / Култура / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото