Заборавената дешифрантка која ѝ помогна на Америка да ги порази нацистите

27.11.2017 02:18
Заборавената дешифрантка која ѝ помогна на Америка да ги порази нацистите

Елизабет Смит Фридман

Елизабет Смит Фридман нема брана наречена по неа, за разлика од Џ. Едгар Хувер. За неа не постојат холивудски филмови овековечени со оскар, а ла Алан Тјуринг. И, за разлика од Ејда Лавлејс, нема ден во нејзина чест. Но, Смит Фридман била рамо до рамо со кој било од овие три столбови на научната и разузнавачката заедница, разбивајќи нацистички шифри од Втората светска војна и несомнено спасувајќи илјадници животи.

Меѓутоа, благодарение на институционалниот сексизам, нејзината повлеченост и безобѕирните мажи како Хувер (повеќе за ова подоцна), Смит Фридман главно била избришана од историјата. Сè досега.

Откако случајно налетал на 22 кутии лични досиеја за Смит Фридман во библиотеката „Џорџ Маршал“ во Западна Вирџинија, новинарот Џејсон Фагони поминал три години истражувајќи го материјалот за неа. Книжевното дело што настанало како резултат на тој труд, Жената која разбиваше шифри, е вистински триумф.

Таа зборува за развојот на Смит Фридман од опскурна ќерка од квекерско семејство од ниската средна класа, за годините поминати работејќи за мистериозен милионер истражувајќи скриени пораки за кои се зборува дека постојат во делата на Шекспир, деновите што ги поминала разбивајќи мрежи трговци со алкохол во времето на Прохибицијата, па сè до нејзиното најголемо достигнување, дешифрирањето нацистички шифри и разбивањето на Енигма за Крајбрежната стража на САД за време на Втората светска војна.

„Ги пронајдов кутиите полни со нејзини белешки и писма, а таа беше толку прекрасна на хартија“, вели Фагони. Смит Фридман првобитно сакала да биде поетеса пред нејзиниот неочекуван пресврт и почетокот со дешифрирањето кое тогаш било во повој. „Била духовита, полна со дух, срдечна, фантастична и пркосна. Не трпела глупости. И колку што читав повеќе, сè повеќе сфаќав дека е вистински важна фигура во историјата на криптологијата и развојот на американската разузнавачка заедница.“

Покрај тоа што била една од најголемите дешифранти во светот, Смит Фридман случајно била мажена за уште еден дешифрант – Вилијам Фридман – кој ѝ бил интелектуален ривал, исто колку и верен партнер повеќе децении. Жената која разбиваше шифри е сведоштво за исклучителниот живот на една жена во текот на еден исклучителен историски период, но е и едноставна љубовна приказна.

Фридман бил најголемиот поборник на својата жена, додека таа за возврат се грижела за него додека се борел со депресија. Но, фактот дека Смит Фридман била мажена за човек кој славно ја дешифрирал јапонската машина за шифри од Втората светска војна Purple веројатно е причината зошто Смит Фридман никогаш не го добила признанието што ѝ припаѓа.

„Во секоја фаза од нејзиниот живот, околу Смит Фридман се врткале мажи кои ги собирале заслугите за тоа што го правела“, вели Фагони, објаснувајќи дека нејзиниот маж ја засенил Смит Фридман заради сексизмот од тоа време. „Луѓето претпоставувале дека Вилијам е великан, а таа минорна фигура, и потоа тој ги собирал сите заслуги.“

Елизабет Смит Фридман со сопругот Вилијам Фридман

Кога ќе ја читате Жената која разбиваше шифри, книгата сосема ќе ве префрли во тоа време. Ќе ве одведе во светот пред НСА и масовната разузнавачка работа, кога ФБИ се борело против Ал Капоне, а службеници од Трезорот и федерални агенти се појавувале на прагот на госпоѓата Фридман – зашто ја знаеле сите владини шпиони – за да им ги реши нивните загатки.

„Често велела: 'Мажите од владата упорно ми доаѓаат на врата, бараат од мене да им ги решам ребусите, а единствениот начин да ги избркам е да се согласам!'“, се смее Фагони. „Но, имала редок дар кој владата едноставно не можела да си дозволи да не го искористи.“

„Искористување“ е вистинскиот збор за да се опише она што ѝ се случило на Смит Фридман. И покрај тоа што ја основала дешифрантската единица на американската Крајбрежна стража и го предводела тимот кој ја разбил нацистичката шпионска мрежа од Втората светска војна во Јужна Америка, Смит Фридман умрела сиромашна и непозната надвор од тесните разузнавачки кругови. Големата воена хероина која разбила три машини Енигма и дешифрирала нацистички пораки за разузнавачките агенции ширум светот на крајот од својата кариера заработила вкупно 5 390 долари (67 000 долари денешни пари).

Еден особено потресен пасус во Жената која разбиваше шифри го опишува потсетникот кој Смит Фридман си го напишала за себе на крајот од животот. „Роди се богата или РОДИ СЕ СИРОМАШНА. Ние во средината сме тие што ПЛАЌААТ, ПЛАЌААТ, пла-ќа-ат!“

Како што Фагони го изложил тоа до детали, од дешифрантите се бара, според природата на нивната работа, да живеат во сенка. Ако се пофалиш со успешно разбивање порака, ризикуваш непријателот да дознае дека неговата комуникација е прочитана, а тоа значи дека може да ги промени своите шифри и да те принуди да почнеш одново. Плус, операцијата на која работела Смит Фридман била исклучително тајна, означена со ознаката „Ултра строго доверливо“ и било дозволено да се објави јавно дури неколку децении подоцна. Кога од информациите била отстранета ознаката строго доверливо, таа веќе била во поодминати години од животот.

Но, Џ. Едгар Хувер, тогашниот директор на ФБИ, не морал да ги почитува истите барања за тајност. Кога завршила Втората светска војна, Хувер – кој, според Фагони, бил омразен во целата разузнавачка заедница – кога владата ја расформирала дешифрантската единица на Смит Фридман, брзо почнал да го гради сопственото наследство.

И покрај фактот дека Смит Фридман ја разбила нацистичката шпионска мрежа во Јужна Америка – веројатно на тој начин спречувајќи го Хитлер да се сокрие во регионот – Хувер го изманипулирал печатот за нејзиниот триумф претставувајќи го како свој. Објавил текст на седум страни во American Magazine со наслов „Како е разбиена инвазија на нацистички шпиони“, кој ја прекроил историјата и заслугите на Смит Фридман за дешифрирањето сложени пресретнати пораки од Бразил и Агрентина им ги припишал на своите луѓе од ФБИ.

Шефот на ФБИ дури го ангажирал режисерот на славниот It's a Wonderful Life на Френк Капра да сними филм, со Хувер во главната улога, за да ја зацементира својата репутација на главен американски ловец на шпиони. Неговата стратегија успеала – американската јавност му поверувала.

„Хувер бил неверојатен гад!“, вели Фагони. „Не знам како поинаку да го кажам тоа. Тој бил лик кој сакал да изгради империја и не се грижел кого ќе прегази на патот до остварувањето на таа цел.“

Покрај тоа што бил смрдеж жеден за внимание, Хувер бил уште поголем шовинист. Кога го преземал ФБИ во 1924 година, Хувер по итна постапка им дал отказ на своите две агентки и на жените им забранил да работат како агенти на Бирото за време на неговиот мандат. (Можеле да работат како секретарки и чиновнички.)

„Сметал дека жените не се способни да бидат агенти на ФБИ“, објаснува Фагони, „и мислам дека тоа влијаело на неговата перцепција за Елизабет и одлуката да ја изостави од приказата“.

Книгата Жената што разбиваше шифри е преполна со ликови кои заслужуваат биографии за себе: нацистички шпиони кои спијат со сопругите на јужноамериканските службеници; шефови на разузнавачките служби кои би ја решиле мистеријата на детективскиот роман после неколку прочитани страници и решението ќе го запишеле на маргините. Фагони блеска додека ги опишува сите оние кои оствариле огромни резултати во водењето на војната, но не добиле признание за тоа, како жените кои рачно ракувале со огромните машини за разбивање шифри со големина на цели соби, додека во просториите без воздух од нив течела пот.

А, во центарот на сето тоа се наоѓала приказната која морала да биде раскажана: животот на Елизабет Смит Фридман, неугледна жена со величествен ум која ги поразила нацистите и криумчарите на алкохол служејќи се само со молив и со својот интелект – само за да биде избришана од историските учебници во корист на другите, погласни, машки гласови.

„Она што ѝ се случило на Смит Фридман била голема неправда“, вели Фагони. „Да се надеваме дека оваа книга барем малку на некој начин ќе може да го исправи тоа“.

Извор: https://www.vice.com

Слични содржини

Свет / Теорија / Историја
Свет / Теорија / Историја
Свет / Историја
Свет / Историја
Општество / Свет / Историја
Европа / Свет / Историја

ОкоБоли главаВицФото