Триумф на правото и правдата

29.11.2017 00:19
Триумф на правото и правдата

Колку треба да сме задоволни од апсењата на сторители на дела - терористичко загрозување на уставниот поредок и загрозување на безбедноста на група граѓани. Ова, колку што е показ дека дефинитивно профункционирала правдата во државава, толку е и доказ за срамно ниското ниво на нашата граѓанска (не)култура. Од една страна, овој потфат е триумф на словото на законот, од друга, легитимација дека како народ и нација сме однегувале и монструми. Сме дозволиле една психопатска глутница да се искачи на властодржниот пиедестал и надвор од сите критериуми на здраворазумно човечко поведение, да гради систем на екстремна милитантност. Притоа, со крајно болна дрскост да го храбри и да го храни ѕверот во (не)човекот. Да регрутира во злосторничка легија лабилци, за да ги втурне во првите борбени линии против својот народ. Против стабилноста и безбедноста на својата држава.

Овој стадиум на нашето проклетие, би се рекло, не нè изненади. Има траги што водат до некои поблиски и подалечни времиња, во кои се одигрувале слични, та дури и многу помонструозни стории. Кога својот врз својот го насочувал острецот на злосторничкиот јатаган. Во секој случај, фрлани се темни петна врз нашиот национален образ што треба да бидат избришани.

Дури и на веќе избледените страници од нашата историја се забележани бројни погроми, кои го сакателе и го черечеле националното ткиво. Помори на национални револуционерни и културни дејци. И не така ретко, во интерес на туѓински каузи.Најновите грозоморн спектакли од националната драма ги режираше политичкиот естаблишмент, кој се изроди во психопатско злосторничко здружение. Да биде нашиот трагикум погротексен и поекстремен, во неговите редови регрутираше и значаен број од интелектуалниот свет и за чудо на иронијата, мноштво актери од уметничката сцена, кои со сиот свој „кретивен раскош“ ја декларираа дефектноста на личната (не)моралност. Неспоиви знаци со нивниот општествен статус и претставите за тој ков од нашето граѓанско милје.

Најновиот настап на националната сцена на пратеници, полициски функционери и припадници на уметничкиот свет, овојпат во судските аули, всушност е фијаското на еден неславен стадиум низ кој мина Македонија. Прашање на миг е кога на црната клупа ќе седнат главните актери - сценаристите и режисерите на македонската трагедија - поранешниот премиер Груевски, министерската злосторничка свита и неговата фамилијарна братија. Со тој чин, дефинитивно ќе се заокружи триумфот на новото време и на правото и правдата.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Фотографии: Томислав Георгиев (Фокус)