Брус ЛаБрус: Да им дадеме шанса на жените да го уништат светот

29.11.2017 04:08
Брус ЛаБрус: Да им дадеме шанса на жените да го уништат светот

Контроверзниот канадски режисер, фотограф и есеист Брус ЛаБрус (Bruce LaBruce) е еден од поистакнатите претставници на филмскиот жанр „new queer cinema“, во кој бескомпромисно се промовира радикална антиестаблишментска и панкерска queercore естетика. Табуизираните теми како скин фетишизмот, насилството, тероризмот… го вброија опусот на ЛаБрус во редот на најпровокативните филмаџии на денешницата.
Неговиот најнов филм „The Misandrists“ беше прикажан и на 20. Мотовун Филм фестивал во Хрватска. По последните филмови фокусирани на машки ликови, ЛеБрус во овој филм се занимава исклучиво со жените односно со лезбејските сепаратистки, женската ослободителна војска што планира да воведе нов светски поредок.

Кога првпат ја посетивте Хрватска, организаторите никогаш нема да го заборават тоа гостување, бидејќи цело време имавте полициска придружба.

Да, тоа беше на Квир Загреб фестивал, мислам дека ниту полицијата не беше пресреќна зашто ја прикажуваа мојата ретроспектива, па мораа да доаѓаат на секоја проекција. Тоа беше второ издание на фестивалот и ситуацијата сè уште беше чувствителна.

Дали сè уште ви се случуваат такви работи?

Не толку екстремни. Во 2010 година излезе еден од моите најекстремни филмови „L.A. Zombie“, во кој зомбите со ебење ги враќаат мртвите во живот. Иако се работеше за прилично радикален филм, кој беше дури и забранет во Австралија, ме поканија во Русија и Киев. Беше тоа време на некој оптимизам по Портокаловата револуција и многу кратко време пред да се воведат антигеј закони во Русија. Можеби бев во некој свој балон, но не се чувствував небезбедно. Можеби токму заради тоа што филмот беше толку радикален не знаеја како да реагираат.

Во Мотовун владее сосема поинаква, слободарска атмосфера. Како се чувствувате помеѓу оваа публика?

Интересно, но имам чувство дека во Русија и на Балканот публиката ме разбира подобро отколку на другите места. Мојата теорија е дека во блиското минато на овие простори се случиле толку грозни работи, што луѓето едноставно виделе веќе сè и многу е тешко да ги шокирате. Тука секако е присутна и љубовта кон црниот хумор и уважувањето и сфаќањето на уметничките филмови кое во Америка го има сè помалку. Многу ја сакам таа традиција во источна Европа. За разлика од Америка, каде што моментално владее голем антиинтелектуализам, имам впечаток дека тука луѓето генерално повеќе го почитуваат политичкиот дискурс. Во Америка, луѓето едноставно веќе ништо не сакаат да знаат.

По повод новиот филм „The Misandrists“, во медиумите изјавувавте дека сте сакале да направите филм за жените зашто никогаш претходно не сте го работеле тоа. Зошто лезбејки и зошто тероризам?

Никогаш не сум правел филм кој би се занимавал главно со жени, или кој би бил само за жените. Имав големи женски ликови, но не и ексклузивно женски филмови. Од друга страна, имам поголем број ексклузивно машки филмови, па си мислев дека би било кул конечно да се направи нешто за женската сексуалност. Многу е интересно, но истовремено и бара повеќе зашто на скалилото на Кинси, јас сум шеска, значи целосно геј. Женската сексуалност не ме стимулира буквално, но на естетско ниво многу сум заинтересиран за неа, секако дека е голем предизвик да се снима ваков филм.

Што се однесува до лезбејскиот сепаратизам, во 2004 година направив филм „The Raspberry Reich“, кој на некој начин беше критика на радикалната левица. Во тој филм, терористичката група ја водеше жена која веруваше дека прво треба да се дојде до сексуална и хомосексуална револуција за кој било вид револуција да биде успешен. Заради тоа ги тераше своите следбеници и своите момчиња да се сексаат меѓусебно, за да ја докажат својата револуционерна посветеност, но истовремено самата таа не беше лезбејка. Некои од луѓето што ги следат моите филмови, особено лезбејките, се жалеа дека не сум ги вклучил во револуцијата, па им ветив дека ќе направам лезбејски филм.

Значи се работеше за притисок?

Лезбејките секогаш биле запоставувани и на второ место внатре во ЛГБТ движењето, така што тој вид критика воопшто не ме изненади, но беше интересно што токму тоа го истакнаа. Пораснав во генерација на квир панк радикали, генерација што постојано се обидуваше да ги помести границите и истовремено да ги задржи геј и лезбејките во истото движење. И денес се обидувам да ѝ останам верен на таа традиција.

Додека го гледав филмот бев изненадена колку е преполн со референци на вториот бран на феминизмот?

Тоа е критика на вториот бран на феминизмот, затоа и дејствието се случува во 1999 година.

Разбирам. Но, како во 2017 година сте направиле филм кој е критика на вториот бран на феминизмот?

Истовремено е и критика и славење и поддржување на некои идеи на вториот бран на феминизмот. Најмногу инспирација добив читајќи го „Вториот пол“ од Симон де Бовоар и збирката колумни на Улрике Мајнхоф под наслов „Некои луѓе зборуваат за временската прогноза, но не ние“. Не се согласувам со сè што произлезе од феминизмот, а она со кое секако не се согласувам со вториот бран на феминизмот е силниот антипорнографски став. Феминистките се често нереални околу сексот, го гледаат како многу опасен, моќен, мистериозен. Не можеш на луѓето да им ускратуваш сексуално да се изразуваат, не може да се контролира желбата и копнежот.

Значи, пронографијата како последното феминистичко табу?

Да, на некој начин. Затоа и Големата мајка во филмот ја препознава потентноста на порнографијата. Отприлика вели дека порнографијата изразува интенција за однесување што е спротивно на доминантниот поредок и правилата на општеството. Во таа смисла, порнографијата е и многу моќна пропаганда. Мнозинството луѓе попреку гледа на порнографијата, а истовремено, повеќето луѓе гледаат порнографија.

Порнографијата може да има еманципаторски потенцијал, вашите дела се доказ за тоа. Зошто мислите дека е толку важно да ја инкорпорирате порнографијата во вашите дела?

Затоа што инхерентно е опозиција на доминантниот поредок и човечките очекувања околу сексуалноста и како луѓето би требало да се чувствуваат во врска со неа. Всушност, бев многу изненаден што повеќе луѓе не ја користат порнографијата како средство за пропаганда, затоа што тоа е нешто што сите го гледаат и тоа е медиум што ги привлекува, хипнотизира и ги концентрира луѓето. Раскажувањето приказни и создавањето пропаганда на тој начин би било многу моќна работа. А вака останува само валкана тајна чиешто постоење никој не сака да го признае.

„The Misandrists“ е мешавина од порнографија, тероризам и лезбејски сепаратизам... зошто тие три главни состојки?

Тероризмот е моментално во тренд, но нема многу филмови на таа тема. Во филмот Исис (ISIL) е врховна божица на моќта и на исцелувањето и смешно е што името на една од историски најпотентните и најмоќните божици, денес е исперветирано низ екстремистичката, фундаменталистичка организација. Отсекогаш ме интересираа тероризмот и радикалната левица зашто често можам да се согласувам со она за кое се залагаат, но начините на кои се обидуваат да дојдат до остварување на своите цели често ги тераат во контрадикција и предавство на сопствените идеали.

Во таа смисла, дали на современиот феминизам му треба повеќе радикалност?

Да, зашто не гледам смисла во учеството во корумпиран систем. Самата идеја на есенцијаличкиот феминизам е дека нешто инхерентно е поинакво во жените што би им овозожило да владеат со светот со сосема поинаков сет идеи и вредности, базирани на циклусите на природата, почитувањето на мајката Земја, помалку авторитарност, повеќе емпатија и слично. Можеби сето тоа се клишеа што се поврзуваат со наводната женска природа, а можеби и не е лошо да се има таков вид идеали. Во секој случај, мислам дека патријархатот го упропасти светот и дека треба да им се даде можност на жените да го уништат, но само ако не се асимилираат и прилагодат на капиталистичкиот, неолиберален статус кво.

Дали филмот е начин на враќање кон идеите врз кои се базираше вториот бран на феминизмот?

Не само кон феминистичките вредности, туку и кон идејата на левицата воопшто. Левицата отсекогаш била многу опозициско движење спротивно на статусот кво, опозиција на идејата за нуклеарно семејство, патријархат, владејачката класа, а сега се претворија во конформисти. Еднаквоста што ја бараат подразбира да се биде еднаков/а внатре во корумпираниот систем. Сакаат еднакви права и иста моќ како и луѓето што управуваат со тој систем, ја сакаат онаа стара приказна за тоа како опресираните стануваат опресори. Сакаат да бидат застапени во војската, да практикуваат религија, да бидат моногамни...

Накратко, сакаат да се вклопат и да бидат прифатени како нормални, а тоа е спротивно на она како се обидувам да мислам и да работам. Сето ова што се случува денес со потребата геј и транс луѓето да се вклучат во војската и слично; сето тоа многу ме нервира. Дел сум од генерацијата која хомо-сексот го користеше како начин да го одбегне одењето во војска, а не обратно. Сега сите едвај чекаат да влезат во војската. Повеќе нема антимилитаристички гласови. Сите се толку ебено патријархални, конзервативни и реакционерни.

Со оглед на своите претходни дела кои од почетокот беа радикални, како би ја споредиле својата радикалност со онаа од пред 20 години и денес?

Цело време се обидувам да правам филмови какви што правев отсекогаш. Денес технологијата многу ги олеснува работите и може да се направи нискобуџетен филм кој изгледа како да чинел милион долари. „The Misandrists“ го направивме за џабе, за 80 илјади евра. Единствен случај кога луѓето сакаат да видат експлицитен секс во уметничките филмови е кога тој е прикажан на грд начин, кога е на некој начин проблематичен, апсурден или кога намерно покажува нешто што изгледа речиси одбивно, но кога ќе се обидеш да направиш нешто многу еротично и заводничко, тогаш се отфрла како порнографија.

Рековте дека многу ЛГБТ фестивали не го вклучија филмот во своите програми. Зошто?

Оние главните фестивали, да. Торонто, Лос Анџелес, Сан Франциско. Секогаш истата приказна, тоа е сосема лудо. Станува збор за ЛГБТ фестивали кои многу се грижат како да ги промовираат геј и лезбејските филмови. Ако приказната не е за некој остарен геј маж или за tomboy која на крај ќе најде слична на себе девојка, немаат поим како да го пласираат филмот, бидејќи не се вклопува во некоја од категориите на кои се навикнале. Исто така, многу тешко ми оди со дистрибуцијата на „The Misandrists“, добивам одговори дека филмот не може никому да се продаде зашто никој не сака да гледа лезбејски филм на геј режисер или воопшто филм за лезбејки и лезбејски сепаратистки. Сите тие всушност не се заинтересирани за филмот и ја ставаат идеологијата пред кинематографијата. Според мене „The Misandrists“ е уметничко дело со бројни референци на други филмови и жанрови со свој специфичен стил. Од таа перспектива, тоа би требало да биде доволно за да им биде интересен на луѓето.

Да, тука е и прашањето на публиката, колкава гледаност би можеле да постигнат вакви филмови?

Се работи за самоисполнувачко пророштво. Како со дистрибутерите кои мислат дека никој не сака да гледа такви филмови, па потоа одлучуваат никој да не ги види. Агниешка Холанд тука на фестивалот зборуваше за тоа. Денес во Европа не е толку тешко да се сними филм, но многу е тешко да се дистрибуира зашто сакаат само филмови што можат глобално добро да се промовираат. Тоа значи дека мораш да исфрлиш прилично од содржината која ја сметаат за радикална или дури и само политичка, што пак, е вид на самоисполнувачко пророштво и сè заедно е многу фрустрирачко.

Дали понекогаш се чувствувате заробен во границите на сопствениот жанр, пародијата, радикализмот и порнографијата?

Од тие причини го снимив филмот „Gerontophilia“, за да исчекорам од очекувањето дека мора да направам порнографски филм, што всушност беше радикален гест, зашто успеав да направам филм без експлицитен секс. Се согласувам дека е тешко кога ќе се добие етикета на режисер од одреден вид и всушност, во иднина, почесто би требало да излегувам од своите рамки, но работите станаа толку заебани, конзервативни и реакционерни што ми се чини дека филмовите какви што ги правам денес се повеќе потребни од кога и да е. Во еден руски весник ме нарекоа некој вид Трамп на порнографијата, во смисла на тоа дека не се плашам самиот да запаѓам во контрадикторности, да бидам политички некоректен, да сум против политичката ортодоксност и да го прочистувам геј и лезбејското мочуриште. Мора да признаам дека тоа ми се допадна.

Извор: Vox Feminae