Како случките со злоупотреба, насилство и соучество излегоа на површина и како размислуваме за виновниците во нашите животи? (1)

29.11.2017 16:55
Како случките со злоупотреба, насилство и соучество излегоа на површина и како размислуваме за виновниците во нашите животи? (1)

Прозорецот на гневот е отворен. Со децении, со векови, лутината и гневот беа криени: ако нешто лошо ти се случи, го потиснуваш во себе, можеби и ќе кажеш некому, но најверојатно признанието немаше да ти донесе големa утеха - емоционална или практична. Можеби повеќе ќе ти наштетеше. Никој навистина не се грижеше, и сигурно никој немаше да направи ништо околу тоа.

Но, изминативе шест недели, откако излезе веста за сексуалното вознемирување од страна на еден филмски продуцент, конечно му се отстапи простор на женскиот глас да зборува. Вушност, да ВИКА. Да се направат листи, да се пишува за тоа во медиумите и конечно да се зборува за сè што било потиснато.

Ова не е современа преродба на феминизмот – спакуван во непрофитните претстави на Ив Енслер или настапите на Бијонсе. Тоа си има свое место и е потребно на свој начин. Ова е различно. Ова е во стилот на седумдесеттите, масовен, органски, радикален бес, кој експлодира во непредвидливи насоки. Гласен благодарение на новиот општествен мегафон - социјалните мрежи и „мрежите на шепотење“ полни со сè помалку шепотливи и сè повеќе врескаво гласни текстови.

Моќните бели мажи ги губат своите работни места – тоа никогаш не се случува. Жените (и некои мажи) ја прекинуваат тишината и им раскажуваат болни и интимни приказни на новинарите, кои пак ги ставаат на насловните страници на големите весници.

Шокантно е и не баш забавно. Бидејќи приказните се ужасни. И бидејќи околностите кои ја предизвикаа ова бура од женски гнев - задушувачката сеприсутност на малтретирање и злоупотреба; големиот број предатори кои сега ја контролираат правдата (судовите) и агенциите кои треба да нè заштитуваат од криминал и дискриминација – се многу мрачни.

Тоа е, исто така, ужасно бидејќи е збунувачки; бидејќи гневот може да биде жесток, но не е едноставен. Во шокот од ненадејното обелоденување – од тоа да се биде принуден да се зјапа во грдата градба врз која многу од нашите професионални кариери се изградени – имаме шанса да го анализираме тоа што нè вознемирува и кој нè вознемирува. Тоа се нашите мачители, јасно, но понекогаш и нашите пријатели, ментори, па и самите ние.

Откако извештаите за злоставувањата на Вајнштајн протекоа во јавноста, почнав да добивам помеѓу 5 и 20 мејлови секој ден од жени кои сакаа да го споделат со мене нивното искуство на оваа тема: да бидеш допиран, меркан или уценуван на работното место.

Тие ми пишуваат за секакви мажи – актери и издавачи; судии и филантропи; менаџери и адвокати за социјална правда; колеги, поранешни и сегашни – кои ги повредиле или некој кој го познавале. Тоа се случило вчера, пред две години или пред дваесет. Малкумина сакаат да зборуваат јавно, но сите можат да раскажат како настаните ги промениле нивните животи, ја обликувале нивната кариера; некои сакаат да се исповедаат за вината која ја чувствуваат затоа што не го пријавиле вознемирувањето и со тоа ги загрозиле оние кои доаѓаат по нив. Има и такви кои сакаат да зборуваат јавно, жени кои собрале армија од храбри колеги, подготвени конечно да им се спротивстават на одвратните шефови. За многу од нив, за жал, морам да кажам дека ако оној кој ги им наштетил не е доволно познат, нивната приказна нема да се појави како ударна вест во медиумите. Ваквите случаи се толку многубројни, па злоставувачите мораат да задоволат одреден степен на ноторност, моќ, или озлогласеност, пред да се појават во медиумите.

Ова е делот кој ме прави мене, а и нив, гневни: оваа сеприсутност и повторливост на хиерархијата – хиерархијата на злото и привилегијата – сè уште. Тоа е „матрикс“ момент, вели една жена која не ја знаев лично до минатата недела, чии најинтимни тајни, најголеми стравови и најживописни фурии ги носам со себе. „Апсолутно е бизарно да се помине низ тоа, ебено истоштувачки е и ужасно го мразам. И мило ми е. Мило ми е што зборуваме за ова. И пеколно е.“

Дел од предизвикот, за мене, е споделувањето на искуството со мажите – пријатели и колеги, доволно самосвесни да бидат вознемирени, да знаат дека се на некоја листа некаде или дека лесно би можеле да бидат. Тие ми пишуваат и ми се јавуваат, не велејќи зошто, но не оставаат простор за сомнеж: некогаш се однесувале непристојно со колешка, некогаш ја преминале границата, не се сигурни дали навистина добиле дозвола. Дали се осудени? Која е тежината на нивното злосторство? Стравот од ова – како да се зборува со мажи кои бараат ослободување од чувството на вина, но кои сметам дека ќе бидат компромитирани – е вистински. Некои од моите пријатели немаат големо трпение за ненадејната потреба на мажите од интроспекција, но јас сум мекуш, јас сочувствувам со нив. Кога ќе ми се обратат, мојот импулс е да ги утешам. Но, причината – и решеноста да не се помирам, не сега – ме прави да бидам директна, поладна од обично: да, ова е проблем. Всушност, твој проблем е. Адресирај го.


Има мажи кои гледаат на светот со нови очи, кои се вчудовидени од непосакуваната парада на сексуални злоставувачи и манипулатори – обвинувањата против Луис Ц.К., конзервативниот поранешен судија и кандидатот за сенатор на Алабама, Рој Мур, и многу други. Овие мажи конечно почнаа да го сфаќаат мојот новинарски импулс: Тие не беа свесни колку е лоша ситуацијата. Не можеа да согледаат колку систематски, колку конструирано беше сето ова – како тие беа дел од целата машинерија иако не вознемируваа никого, не силуваа никого. Во оваа група влегува и мојот сопруг, адвокат за одбрана на криминалци, кој дефинитивно е запознаен со распространетоста на сексуалното вознемирување, но сепак ја чита лавината од репортажи со вознемиреност. „Кој го прави ова?“, прашува. „ Кој го прави ова?“ За некоја вечер потоа да ме праша: „Како воопшто сакаш да имаш секс со мене после ова?“

Еден пријател од основно училиште, театарски режисер, ми кажа дека размислувал за своето минато. „Има една жена, јас ја поканив да излеземе, но по аудицијата на која не ја доби улогата. Ѝ пишав, како што им пишувам на сите актери кои се одбиени, да им објаснам зошто. Понатаму во мејлот ја прашав дали би сакала да оди со мене на куклена претстава за холокаустот. Таа рече да и излеговме неколку пати. Ова беше најверојатно 2004. Дали мислиш дека тоа беше лошо?“

Се насмевнав, го потупкав по рамото и му реков не, не звучи лошо, но всушност не знам: Можеби било лошо или можеби било човечки и имало симпатија меѓу нив. Ги испитуваме инцидентите кои не спаѓаат во етаблираните категории – спектар кој се движи од бруталноста на Вајнштајн, преку вознемирувачки пораки, до „шармантни“ но нападни обиди за запознавање – и се прашуваме дали и како ова се поврзува со желбата да се биде со некого.

Сепак, делумно сум фрустрирана од мажите кои не можат да направат разлика меѓу безопасно флертување и вознемирување, бидејќи верувам дека повеќето жени можат да ја направат таа разлика. Од друга страна, пак, ми е мило што овие мажи размислуваат, расудуваат за одредени минати ситуации во кои ја искористиле машката привилегија. Можеби некои не биле свесни дека ја ставиле во многу непријатна позиција жената за која биле заинтересирани, но морам да признаам дека некои, дури и мои пријатели, знаеле точно што прават.

Ние, жените, секако правиме свои пресметки, обидувајќи се да класифицираме моменти од нашето минато за да процениме како тие се вклопуваат во големата слика. „Да, тој доцна навечер ме прашуваше за моите сексуални фантазии, но не мастурбираше на мојата нога и не се закани потоа дека ќе ме убие како што направи Џејмс Тобак; тој не вработи поранешни агенти на Мосад да копаат по моето минато, бивши партнери и сексуален живот како што направи Вајнштајн.“ Добро, но зошто не можеме да престанеме да размислуваме за тоа? Зошто сепак чувствуваме некаква поврзаност?

Што, повторно, не сугерира дека ние не ја знаеме разликата. Не сме глупави. Знаеме, кога ја гледаме листата „Shitty Media Men“ што циркулира од октомври – анонимен гугл документ полн со досега необјавени и разновидни обвинувања за околу 78 мажи во нашиот бизнис – гледаме дека има правни и морални поделби на прекршоците. Има подмолни кучиња кои сексуално нè вознемируваат, има непромислени, смотани, мажи–момчиња кои нè чепкаат за време на службените ручеци, шефови кои нè допираат против наша волја, мажи кои професионално се одмаздуваат ако се осмелиме да ги одбиеме.

А сепак, гневот што многумина од нас го чувствуваат не мора да одговара на сериозноста на прекршувањето: многумина од нас се исто така гневни ако некој тип со кој работиме погледне надолу во нашата блуза, како што сме гневни на Вајнштајн, иако сме свесни дека има нешто лудо во ваквата споредба, чудна претерана реакција. Удел во тоа имаат децениите поминати под притисок да не реагираме, нашите жалби за малите работи (и големите) беа исмевани, игнорирани или поврзувани со нашата сопствена неспособност да се соочиме со вистинскиот живот. Горчината растеше, премина во гнев.

„Ги сместував сите мои спомени, сите вознемирувања, во кантата за емоционално ѓубре, зашто ги има премногу“, вели мојата пријателка Амина Соу. „Сега кантата е скршена и сè излегува надвор.“ Соу рече дека меѓу работите на кои се присеќава последните неколку недели е споменот за нејзиниот поранешен шеф во Вашингтон „кој дефинитивно мастурбираше во канцеларијата и сакаше да ја видам порнографијата на неговиот компјутер. Сега го унапредија. И се сеќавам на човекот кој ме притисна до ѕид во просторијата за печатење на фирмата и ми рече дека треба да сум благодарна што некој ми обрнува внимание зашто сум дебела свиња. Ги пријавив и двата инциденти, но ништо не се случи.“

И тоа е пред да стигнеме до вистинската заебанција: препознавањето на тоа како ние сме соучесници на овој систем.

Кога имала 28 години Дина Занд, уметница и активистка, започнала тајна обострана врска со шеф кој тогаш имал околу 50 години, познат по тоа што сексуално ги вознемирувал колешките. „Звучи толку глупаво сега“, вели 42-годишната Занд, одвртуваќи ја завртката од страв, себе-преиспитување и личен интерес што ја држеле во врската. „Не знаев како да избегам од него, зашто тој беше кретен, јас не би била со некој како него. Но, беше исто така многу шармантен и јавно беше феминист, ме запозна со многу луѓе, правеше и други работи со кои ме подржуваше.“ Во исто време, „тој беше познат по сексуалните вознемирувања, и јас дури и го бранев: ‘Oх, тој е само стар напушен хипик; тој не мисли ништо лошо со тоа.’ Така и јас учествував – а, гледав како други жени беа објективизирани и вознемирувани од него.“

Бидејќи јас работев во The New Republic, но, не со Леон Визелтир, кој неодамна ја изгуби својата позиција во списание по обелоденувањето на повеќедецениските насилства, слушнав од многу пријатели и поранешни колеги кои се почувствуваа повредени од целата ситуацијата. „Тој беше мој ментор“ ми рече една жена. „Сите овие работи за кои е обвинет се точни, но истовремено е точно дека ако му се допаѓавте, се чувствувате посебно – заштитено, згрижено, како да веруваше во тебе и како да сакаше да успееш.“ Во професија во која премалку жени наоѓаат таква поддршка од моќни мажи, менторството на Визелтир беше како награда.

Сепак, многу од неговите претходни обожаватели признаваат дека приказните за него — дека им се заблагодарувал на жените за носење кратки сукњи, дека бакнувал колешки против нивна волја, им се заканувал на жени кои работеле со него дека ќе раскаже низ целата компанија за тоа како имале секс ако не ги удоволат неговите барања— ги увериле во тоа дека одлуката да се отпушти Визелтир е правилна. Ним им е жал за него, за неговото семејство, но тој не треба да им биде претпоставен на жени. Некои од нив се преиспитуваат за тоа како го оправдувале неговото однесување, му прогледале низ прсти: тие беа, во жаргонот на Мишел Котл – „девојките за забава“ на Визелтир, за кои таа пишуваше и така доби многу професионални признанија. “

„Добив многу од него во емоционална и интелектуална смисла, но се прашувам дали дел од тоа беше зашто бев 'девојка за забава'“, вели една жена, „и која беше цената на сето тоа?“

Друга жена која играла по овие правила, по правилата на нејзините шефови, изрази чувство на срам, но и на гордост истовремено. „Мажите ги имаат своите братства и натпреварите во голф преку кои остваруваат контакти и напредуваат во кариерата. Зошто јас да не ги користам предностите на мојата сексуалност? Боже, што друго требаше да правам?“, вели една жена во своите рани педесетти. Нејзиниот став сугерира генерациски јаз. Од една страна се жените пред култното сведочење на Анита Хил против Кларенс Томас, задоени со очекувањето дека ќе бидат сексуално вознемирувани и дека треба да го издржат тоа. За оваа група жалбите на помладите жени може да звучат претерано: „Што очекуваат овие девојки?“ Она што го очекуваат е свет за кој биле убедувани дека постои: пост-феминистички свет, во кој тие се блиску до еднаквоста, во кој нивните кариери не мора веќе да зависат од големи, размавтани курови — вистински.

Има и такви кои никогаш не биле дирекно засегнати, можеби поради причини како естетска преференција, или зашто пружиле отпор. Неколку жени ме прашуваат со љубопитност и загриженост за колешки, повеќе од неколку (не мала бројка) кои тапкаат во место на професионален план: „Што се случи со нив? Дали нивната кариера, нивната амбиција, била непоправливо оштетена?“

Една жена, зборувајќи за новинар кој ја вознемирувал во нејзините дваесетти, раскажува за инверзната динамика која се создава: „Останатите женски писателки не беа вознемирувани, барем така знаевме, што значеше дека тие беа сериозните писатели. Ние бевме смотани мали девојчиња кои не заслужуваа да бидат гледани како вистински новинарки, затоа бевме така третирани.“ Бавната деградација, вели таа, водеше до откажување од кариерата. „Тој не ме допираше, и не успеа да ме ебе. Но, начинот на кој направи да се чувствувам – овие подмолни сексуални притисоци кои едвај ги сфаќаш во тие години, плус постојаната професионална деградација – ги доживуваш како постојан пораз, како да не вредиш воопшто.“


Причината поради која „дружељубивите“ колеги се во ист кош со насилни предатори е во штетата направена врз жените, штета која не завршува со оригиналниот прекршок. Таа зависи исто така од начинот на кој сме евалуирани, врз основа на нашата реакција. Дали се смееме или остануваме скаменети, учествуваме или се повлекуваме, игнорираме или се жалиме? Што ќе се случи со нас зависи од тоа што избираме да направиме.

Земајќи ги предвид сите страни, лесно е да се заклучи дека овој момент не е доволно радикален, бидејќи е лимитиран на сексуални поплаки. Една шеесетгодишна жена, сингл и со нестабилна професионална ситуација, вели: „ Горам од гнев кога гледам некои мочковци како глумат добри момци само затоа што никогаш не ја ставиле раката на ногата од некоја колешка, кога знам де факто дека преминале преку способни жени на работното место користејќи се со машката привилегија и родот. Многу сум фрустрирана зашто сум во позиција во која не можам многу да зборувам.“

 

 

(кон вториот дел)

Извор: The Cut
Слики: Lise Hanawalt

Слични содржини

Општество / Активизам / Свет / Психологија
Општество / Активизам / Свет / Теорија
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Свет
Општество / Активизам / Теорија

ОкоБоли главаВицФото