Крлежите се разболеа од амнезија

30.11.2017 15:04
Крлежите се разболеа од амнезија

Искрено, шокиран сум (иако задоволен) од слабата поддршка што ја добива раководството на ВМРО-ДПМНЕ (во состав: Грујо, Антонио, Влатче и… никој друг) на протестите по одлуката на истражните и судските органи да се уапсат 11% од нивната пратеничка група во Собранието.

Каква е пораката дека никој друг од нивната пратеничка група го нема на партиските протести? Што е со бројните членови на Извршниот комитет на партијата и со поранешните пратеници? Каде се стотината министри од разните влади на Груевски во изминатите 11 години? А неколкуте стотици, илјадници бивши директори, управители, раководители и претседатели на јавни претпријатија, комисии, агенции, дирекции, установи, управни и надзорни одбори?

Само во бившиот Кабинет на Груевски имало 86 советници – сите ли се со акутен бронхитис и грип деновиве? Каде е армијата пропагандисти кои со години се товеа, залегнати како прасиња во топла кал, на сметка на државниот буџет? Што стана со стотината бивши градоначалници од изминатите 2-3 мандати на власта на ВМРО-ДПМНЕ? А стотиците актуелни и некогашни партиски функционери од советничките листи по општинските управи?

Каде е екипата што одеше во Москва за да се сретне со Путин? Каде е Амди Бајрам да настапи со својот блех-оркестар? Каде се кумовите и кумашините (од првите и од вторите бракови), каде баџанаците, снајките и зетовците? Каде се верните бараби – барем оние кои не се уапсени – на Сашо Мијалков? Впрочем, каде се неколкуте генерации од семејството Мијалкови?

На пример, да излезеше една осмина од оние кои пролеаја солзи на фејсбук заради притворот за Дурловски, бројноста на протестантите ќе се зголемеше барем за една третина. Да излезеше секој трет што добил пари од тендерите за спомениците од „Скопје 2014“ и милионските конкурси за снимање патриотски песни и бесмислени филмови, на асфалтот пред Министерството за правда ќе требаше набрзина да се гради втор кат за да ги собере демонстрантите. Колку годишни награди, национални пензии, признанија, плакети, специјализации и усовршувања се поделија на разни ојлевци-дојлевци – никој од нив не чувствува баш никаква обврска кон Груевски?

Груевски вели: Потфрли јавната поддршка оти сите се уплашени од „режимот“ на Заев!

Теоретски, можен е и друг заклучок: дека сите мислат оти овие што сега се апсат си го добиваат заслуженото – и чекаат таа правда, конечно, да го стигне и самиот Грујо.

Сепак, никако не треба да се заборави дека режимот на Груевски се остваруваше со помош на илјадници послушни и услужни крлежи и подлизурковци од сите аморални категории, кои направија професионални и други кариери – а повеќето и сериозни пари! – за кои не можеле ни да сонуваат пред колаборацијата со правителството на Фамилијата.

Сега 99% од нив велат: „Груевски? Кој Груевски?!“

Затоа и не можам да ја сфатам надри-иницијативата на Иванов да покрене процес за „помирување“ меѓу Груевски и Заев, заради „поделбите“ во општеството и меѓумакедонското бла-бла-бла… Во моментов, Заев ја претставува новата Македонија која сака да оди напред; Груевски се сведе на претставување на потесниот криминален круг на Фамилијата и речиси никој друг.

Без грижа, во Македонија нема опасност од внатренационален раздор – има опасност од илјадниците клиентелисти да си останат во топлите канцеларии и кабинети и да ја задушат потребата од морална и политичка обнова на македонската демократија. Со Иванов, таа главна морално-политичка „смрдибуба“, на чело.

 Слики: Свирачиња

 

ОкоБоли главаВицФото