Трошки

30.11.2017 14:50

Мајка ми беше најдобрата
и нај, најубавата жена на светот...

од метар шеесет и нешто сантиметри
со кафенкавите очи и веѓи засводуваше пастрмки
во водите на златоносните талози
бојосани во рудниците на Родна

беше наивна девојка,
прилично осамена девојка која под кожата
си ги дуе фустаните од евтина ткаенина,
на секои две години мошне дуејќи се
а најмногу после четвртото дете
кое бев јас

мајка ми беше постојано таму
малку, малкуцка поголема,
со расцветана тага барајќи ситни пари,
носејќи ми лекарства и бонбони,
трошејќи се капка по капка
на лепливите градски крстопати
кај што родителите ја беа омажиле
на шеснаесетина години

мајка ми многу се смееше и ми кажуваше
како е со сите оние глупости, со малечките на соседите,
со моите бројни браќа,
со скинатите сандали, подоцна засакани,
со несреќите и неспокојствата

и се смееше дури и повеќе
среде радости зацврснати помеѓу кавги и перење алишта,
носејќи ме на лекар,
земајќи ми ја сината училишна униформа,
среде среќи и заборав

и се смееше

за да се смееш треба да ја исчистиш пепелта
пепелницата да ја лизнеш ласкава по платното

и се смееше, знаејќи
дека еден неделен ден нема да замине
дека еден неделен ден нема да нè заборави
нас децата и татко ни,
за да може да си ги задуши хистериите,
за да си го заложи
налудничавиот страв во кој
постојано лебдеше како во виор

и му се потсмеваше
на својот целофански живот
на прашањата што гниеја со парталите во подрумот,
на прославите на кои среде поинакви мајки
таа немаше роденден,
готвеше лошо, сè полошо и полошо,
и нејзините позлатени веѓи се брчкаа
од еден до друг родителски
од еден до друг страв...

мајка ми беше чукната девојка
и остана таква, помала сестра,
на која мислам често,
и ми недостига,
иако косата ѝ се проретчи,
иако се здебели...

Превод: Лидија Димковска

Јоана Николае (1974) е поетеса, романсиерка и авторка на книги за деца. Работи како професор по креативно пишување. Честопати организира работилници за детско творештво. Нејзините песни се вклучени во речиси сите антологии на романската современа поезија. Нејзините книги се преведени на повеќе јазици.

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото