Учењето напамет припаѓа на минатиот век, потребно е вреднување на креативноста

01.12.2017 02:05
Учењето напамет припаѓа на минатиот век, потребно е вреднување на креативноста

Во македонскиот образовен систем речиси да не постојат начини за лоцирање на „генијалните“ деца и нивно водење низ школувањето. Ова, пак, понатаму влијае врз развивањето на нивниот талент, потпретседателка на Менса Македонија, Јасмина Џуровска Блажеска.

Станува збор за меѓународна организација основана во Оксфорд во 1946 година, чија цел е идентификување на натпросечно интелигентните луѓе од секоја нација и секоја област на човековото живеење и нивно поврзување. Македонија е најмладата членка во семејството на Менса и е единствена во државата овластена за мерење на нивото на интелигенција.

Зборувајќи за идеите на оваа организација, Џуровска Блажеска во интервју за Радио МОФ вели дека секое дете има поинаков тип на интелигенција и поинаков став кон учењето на одреден предмет. Според неа, професорите се тие кои треба да се обучат да ги ценат и согледаат, поттикнат и развиваат различностите кај секое дете, со цел тоа да стане личност која е сигурна во себе, своите квалитети и аспирации.

„Нашиот образовен систем не поттикнува логичко размислување и не вреднува креативност, индивидуален приод и ученици кои имаат „свои решенија“ и „свои начини“ на приоѓање и анализа на одредена тематика која се изучува на часот“, вели Џуровска Блажеска.

Како професорка по математика и физика во приватната гимназија „НОВА“ таа забележува дека само професор кој работи со љубов кон професијата и кон децата може сосема да се вложи себе си и да му помогне на секој свој ученик да се изрази на својот начин.

„Учењето напамет припаѓа на минатиот век, а такво учење ценат само професори кои не си ја знаат работата“, нагласи Џуровска Блажеска, чувствувајќи се среќна што работи во приватно училиште, бидејќи како што вели, само така има привилегија да користи современи начини на школување кои се во тек со светските трендови.

За неа, најважно е школувањето да овозможи градење на личности кои во иднина полесно ќе се вклопат во општеството и во она што ќе се очекува од нив во некоја нивна идна професија.

Во 18-годишното постоење на Менса Македонија, тестот за интелигенција го положиле вкупно 780 луѓе. Организацијата брои 550 членови, од кои најмладиот има 18 години, а најстариот 80 години.

Тестот за интелигенција на Менса, појаснува Џуровска Блажеска, се состои од 45 прашања за кои има време од 20 минути да бидат решение. Сите прашања се состојат од 8 фигури/слики за кои треба да се пронајде одредена последователност и да се заокружат од 6 понудени одговори која е деветтата фигура која следува во низата. Секој над 16 години има право најмногу три пати да го полага тестот, кој чини 300 денари.

„Во светот постојат тестови на интелигенција и за мали деца, а тие се показател за нивната надареност во одредена област. Се надеваме, и работиме на тоа во иднина и ние да ги воведеме овие тестови, па во соработка со образовните институции да се изработат проекти за пронаоѓање на надарени млади луѓе, соработување со нивните наставници и родители и работа на нивните таленти“, се надева Џуровска Блажеска.

Сепак според неа, клучно во развојот на детето е уште од најрана возраст тие да учествуваат во школски и воншколски активности, како учество во секции, спорт, уметностите, работа на развивање на логиката и снаоѓање во просторот.

„Можеби добра возраст за да се започне со било какви тестирања е 5-6 годишна возраст кога детето има способност да се фокусира и да следи прашања, слики, говор и сл. Потоа може да се следи и да му се помага во развивање на своите способности, од страна на родителите, а и наставниците“, забележува професорката.

Но, во јавноста за интелигенцијата често постои погрешно сфаќање. Џуровска Блажеска појаснува дека нивото на IQ нема никаква врска со познавање од општа култура, начитаност, фактографско знаење или дипломи.

„Уште помалку со „успешност“ во животот онака како што се разбира кај нас – да се збогати некој искористувајќи ги дупките во системот“, додава таа.

Нивото на интелигенција во тестот на Менса се определува како високо над просекот доколку со резултатот спаѓате во горните 2% од светската популација. Во моментов со тестот кој Менса Македонија го врши, за да се стекне одредена личност со правото да станет член на организацијата потребно е коефициентот на интелигенција да биде над 131.

Сепак, кога станува збор за училишните тестови, Џуровска Блажеска се залага повеќе за тестирање преку проектни задачи, осмислени така што ученикот ќе се изрази со истражување и свои решенија, презентации, научниот метод, математички пристап и примена на знаењата во реален проблем/ситуација од околината.

Учење факти напамет на идните генерации не им е неопходно, фактите ним им се лесно достапни, но нивното комбинирање, примена, надградба, е тоа е она што утре треба да се вреднува. Затоа правам такви тестирања на моите часови“, објасни таа.

Нејзината цел, како што вели, е ученикот да е задоволен за време на часот и да биде активен.

„… Да се чувствува безбедно и удобно во таа средина за сосема да се „отвори“, да прашува секакви прашања, да дава свои идеи, да е гласен и активен, постојано да има храброст да дискутира, да е на табла, да нема страв од тест, да нема страв од професор, ниту од соучениците, никогаш да нема срам дека греши… Во таква атмосфера се работи и се постигнува многу високо ниво на знаење, амбиција, соработка меѓу учениците, љубов кон тој предмет“.

Особините што ги поседува една интелигентна личност е способноста да се снајде во секоја ситуација, да ги согледа од многу аспекти сите страни на одреден проблем, да е свесен за себе, другите и околината. Исто така, интелигентниот човек има способност брзо да се стекнува со знаења, вештини и да биде многу снаодлив во нивна примена во реални ситуации. Ова значи дека интелигентниот човек многу добро го користи својот ум. Вака Џуровска Блажеска опишува една интелигентна личност.

„Во Менса постојат ткн. СИГ-ови (special interest group) во кои се „вмрежуваме“ според нашите хобија и интереси. На пример, едни сакаат друштвени игри, па се собираат и играат шах, скребл, го и слично. Други се дружат по астрономска линија, и секој аспект по кој луѓето сакаат да комуницираат се трудиме да биде афирмиран и реализиран“, вели таа.

Меѓутоа, на прашањето дали постои начин за да се подобри нивото на интелигенција таа има поделено мислење.

„Многу модерни теории и истражувања се насочени кон тоа да Ве научат како да ја зголемите својата интелигенција преку; слушање Моцарт, сликање или свирење на музички инструмент, танцување и координација во просторот, играње на логички компјутерски игри, учење на геометрија, решавање задачи и тн. Сепак, според нашето скромно искуство, не сме биле сведоци на некои значителни промени во коефициентот на интелигенција кај луѓето кои се тестираат повеќе од еднаш“, појаснува таа.

Идејата на Менса е да не дискриминира, посочува Џуровска Блажеска.

„Податоците од тестирањата се тајни, ниту ние кои сме членови не знаеме кој колкав коефициент на интелигенција има, сите сме исти. Самиот збот Менса значи „маса“ како кружна маса каде сите се рамноправни. Целта ни е дружење, промоција, пронаоѓање и развивање на интелигенцијата во нашата држава“, заклучува таа.

*Текстот е напишан во склоп на проектот „На час“, чии активности се финансирани и се спроведуваат во партнерство со Фондација Отворено општество – Македонија.

Извор: http://www.radiomof.mk