Безизлезот на Херцег-Босна

01.12.2017 02:17
Безизлезот на Херцег-Босна

Најголемиот успех на националните идеологии е во тоа што тие, и по пропаѓањето на нивните политички проекти, успеваат да манипулираат со масите, да ги уверат дека се оправдани страшните злосторства направени во име на тој народ, а творбите настанати од тие злосторства дека се дури и Божја волја и богоугодно дело, дека злосторниците се народни херои и дека казнувањето на злосторниците истовремено е и казнување и понижување на целиот народ. Сите пресуди за воените злосторници на просторот на поранешна Југославија се доживуваат како „национално понижување“ и секојпат предизвикуваат жестоко негодување на народот. Но, националното понижување „не почива на Судот, туку на она што довело до суд, на фактите на тој режим и неговото дејствување“, пишуваше Карл Јасперс во својата студија „Прашање на вината: За политичката одговорност на Германија“, веднаш по завршувањето на Втората светска војна.

Чувството на национално понижување, во морално изопаченото сопствено колективно зло и злосторства за кои се одговорни поединци на тој колективитет, од почеток го следи и судскиот процес на таканаречените херцег-босански шестмина. Колку повеќе се приближува второстепената пресуда, толку повеќе се засилува националната и патриотска нервоза па на помош се повикува и Господ – со повикот за молитвен собир и поддршка на „хашките затвореници“. Во овој случај, полоша од злоупотребата на молитвениот собир е заслепеноста и заблуденоста на „верниците“ и целосната отсутност на емпатија за жртвите и за нивните најблиски.

Уште не се знае каква ќе биде второстепената пресуда (судот ја потврди обвинителната пресуда, заб.на ур.), но се знае дека на територија на Херцег-Босна се извршени страотни злосторства и дека тие не биле спорадични злодела на „неконтролирана толпа“ или „разбеснети поединци“, туку политички и воено испланирана и организирана акција на чистење на територијата на Херцег-Босна. Да се послужиме со зборовите на полскиот социолог Зигмунт Бауман во неговите размислувања за нацистичките злосторства врз еврејскиот народ, во книгата „Модерност и холокауст“, тоа не биле дела на „непослушна толпа што излегла од контрола, туку на униформирани луѓе, послушни и дисциплинирани, кои почитуваат правила и педантно се однесуваат кон словото и духот на своите инструкции“.

Се разбира дека сите оние обични луѓе, па и многу војници и офицери на ХВО не знаеле сè, но со време беше сè појасно дека во главите на творците на Хецег-Босна, уште од почетокот, беше пресметано злосторството на етничко чистење. На почетокот, многу луѓе не знаеја разни работи, ниту пак сите Хрвати ја поддржуваа Херцег-Босна, но тоа не ги ослободува од одговорност, особено не сега кога се познати злосторствата извршени на територијата на Херцег-Босна.

Она што се случуваше на територијата на Херцег-Босна го планираше тогашниот политички и воен врв на Република Хрватска и Хрватската зедница, па потоа Република Херцег-Босна за што, меѓу другото, сведочат стенограмите од нивните заеднички седници за време на војната. Хрватската заедница, подоцна република, Херцег-Босна беше проект на ХДЗ, политички организирана структура која имала свој строг хиерархиски поредок, свој претседател, влада, војска, своја полиција и други институции. Во смисла на политичка и воена организација, херцег-босанскиот политички проект, според многу нешта, бил реакција, а со тоа и копија на републичко-српскиот проект, со оглед на политичките цели и територијалните апетити во БиХ, но и со оглед на механизмите и стратегиите со кои се сакало да се оствари тој политички проект. Тој српско-хрватски здружен проект во БиХ трае и денес, а очигледен е и во тнр. стратешко партнерство меѓу Милодар Додик и Драган Човиќ.

Кога основачите, креаторите и симпатизерите на Херцег-Босна тврдат дека и таа била „израз на волјата на хрватскиот народ“, тие не грешат, затоа што таа навистина така било, особено на почетокот, но и имало и многу ретки припадници на хрватскиот народ што не ја поддржувале затоа што ги насетувале погубните последици на тој самоубиствен политички проект. За тоа дека во меѓувреме ништо не се променило, дека Херцег-Босна и натаму функционира како „златно теле“ на хрватскиот народ во БиХ, сведочат и изјавите на сегашните политички, па и некои верски претставници на босанско-херцеговските Хрвати кои константно ламентираат заради укинувањето на Херцег-Босна, но за жал, уште повеќе сведочи доминантното расположение меѓу босанско-херцеговските Хрвати, кои иако и самите биле жртви на таа политика, особено боснаските Хрвати, не отстапуваат од херцег-босанската илузија. Во хашката пресуда за шестмината стои и тоа дека нивниот криминал покрај етничкото чистење на Бошњаците е и „хуманото преселување“ на Хрватите од средна Босна.

Заради тој идолатриски став кон Херцег-Босна, не се прифаќа фактот дека за злосторствата извршени на нејзиниот простор, се прави обид да се оправдаат со политички лаги, верничко лицемерие и морална изопаченост или со сегашна загрозеност, нужност од одбрана и други „спасувања“ на сопствениот народ. Токму поради тоа, сите овие години, панично и во грч се избегнува соочувањето со минатото од кое допираат криците на невините човечки жртви. Поедноставно е, во национален занес, да се затвараат очите пред злосторствата и во молитвен став, лажно и дволично и пред Бог, да се смирува колективната совест.

Белградскиот антрополог, Иван Чоловиќ на едно место вели дека националистите „ја доживуваат својата нација како заедница на верници, задоени со истиот дух, втемелена врз ‘вистината’ што се подразбира и која луѓето ги држи заедно, благодарение на ритуалите на автокомуникација, налик на религиозните обреди“. Така функционираат сите национализми, а на тие парадигми живее и опстанува и Херцег-Босна. Колку е помала веројатноста таа политички да се реализира, толку посилна е „љубовта“ кон неа. Колку повеќе има докази за нејзините злострства, толку помалку свест има за вината и одговорноста.

Злосторствата што ги извршила херцег-босанската политика се злосторства против човештвото, но и злосторства против Бог, или теолошки кажано, „гревови што Бог особено ги мрази“. Тој што застанува на страната на овие злосторства и на оние што ги креирале, одобриле и сториле се вбројува на страната на злосторниците и злото, самиот се исклучува од заедницата на луѓето.

„Ние сме прво луѓе, а дури потоа Германци“, зборуваше и пишуваше споменатиот Јасперс во контекст на метафизичката одговорност „и затоа не може да ни биде сеедно што мисли светот за нас, бидејќи сме свесни за својата припадност на човештвото и затоа што човечкото достоинство нè обврзува да се соочиме со своите престапи и одговорности“. За босанско-херцеговските Хрвати, „враќањето меѓу луѓето“, христијаните и следбениците на Исус, би значело сериозно соочување со вината, гревот и одговорноста, како и неодложна разделба со Херцег-Босна и нејзините илузии и измами.

Извор: tacno.net

Слични содржини

Балкан / Историја
Европа / Балкан / Свет
Европа / Балкан / Свет
Балкан / Книжевност / Историја

ОкоБоли главаВицФото