Да им се потсмевам на приведените или да ги жалам?

04.12.2017 03:28
Да им се потсмевам на приведените или да ги жалам?

Два дена се кршам во себе – што да напишам за случувањата за упадот во Собранието? Да им се потсмевам на приведените или да ги жалам?

Колку солзи истекоа додека фамилијата и тие околу нив без грижа на совеста затвораа и уништуваа судбини, кога се обидуваа, ама не успеаја да скријат ниту, како што рекоа тие самите, „едно обично убиство на дете“, отпуштаа, затвораа, малтретираа, нема можеби да ми веруваат затоа што тие беа горе во височините.

Да им кажам на приведениве дека уште не стасан во затвор ме распнаа по насловните страници и ме прогласија за криминалец од најдолен вид, којзнае дали ќе ме сфатат...

Да им кажам како ми беше кога по неполн месец минат во притвор Марко Зврлевски кажа колку ќе бидам осуден и лажеше дека сум ги измислил најдените белешки од патарините по сообраќајната несреќа во која загина Никола Младенов, нема да ме разберат.

Да им кажам каков третман имав од Лиле Стефанова, исто така нема да ме разберат.

Да им кажам колку плачевме јас од едната страна, а Зоран Костадиновски - Баџо (обвинет во „Шпион“), еден од најпрофесионалните припадници на МВР, од другата страна на ѕидот, затоа што јас знаев, а и тој знаеше дека умира... А го држеа во притвор... Лиле не сакаше да попушти, ќе избегал... Знам дека и за тоа нема да ме разберат.

Да им кажам дека поранешниот претседател на Врховен суд, Борче Николовски, кој заедно со мене беше обвинет во случајот „Ликвидација“ беше на 73-годишна возраст со неколку бај-паса и со тешка, исклучително тешка операција, па го држеа во притвор, знам дека исто така нема да ме разберат. А и за него Лиле не сакаше да попушти. Си умре човекот од мака.

Да им кажам дека го загубив дедото, таткото на сопругата, кој не можеше да се помири дека ме осудија зашто толку многу си ја сакав работата, затоа што си ја сакам Македонија повеќе од дозволеното, исто нема да ме разберат.

Да им кажам дека осум месеци не си ја видов ќерката, а и тогаш кога можев да ја гушнам не ми дозволија, пак нема да ме разберат.

Ама ете, и покрај сè... Не можам да им се ситам. Ете, не ми дава срцето. Без оглед на сè. Таков сум.

Иако тие не ме поштедија во ниту еден момент. Иако тие правеа сè со нас.

Не. Јас не сум и нема да бидам како нив. Барав промени и промени мора да има.

Моите намери се чесни и се од срце.

Кој и да е, сеедно, мора за нив да има човечки однос.

Тие беа безгласни, молчеа... тие беа ахронични, не беа во своето време, беа незаинтересирани... Тие ги багателисуваа луѓето, не се грижеа за некого или нешто, ги потценуваа...

Ама за разлика од нив, јас ќе бидам гласен и секогаш на нивна страна ако некој им посегне по човековите права.

Извор: Фејсбук профилот на авторот