Папа штрумф и кабинетските шутраци

04.12.2017 04:07
Папа штрумф и кабинетските шутраци

Лично немам ама баш ништо против духовитите карикатури што „Слободен печат“ речиси редовно ги објавува на насловните страници, ама постојано ми остануваше тајна зошто повеќе не се користи фотографијата за таа намена. Зашто таа, фотографијата, е речиси незаменлив медиум токму за такви ударни „пораки“, особено фотомонтажата – со силен акцент на оригиналните проблесоци на овој план на Дојранлиев – која што како техника е просто „измислена“ за секојдневие како нашево. И токму последнава, онаа „спорната“ односно онаа што го предизвика бесот на штрумфчено од Водно, е типичен пример на навремена и најсоодветна реакција на актуелните дневни настани: видоизменетото односно „преработеното“ доделување на некаков си орден од страна на штрумфчето баш на оперскион певец, сега во затворски притвор, со соодветен фон, позадина што го смести каде што му е местото. Зашто, сакал(е) тој/тие или не, токму таа позадина е една од неговите заслуги за притворот, додека не се докаже спротивното или не му се налепи уште нешто, ако го има. И нашево секојдневие просто плаче за такви остри, цинични, симболични коментари тоест (авторски) упатувања на вистината односно вистинскиот поглед на настаните.

Што тука најде спорно штрумфчето односно некоја полуписмена будала од неговиот кабинет за да срочи онаква „реакција“, онакво аналфабетско плачење по честа и угледот на растението што во странство и по дома ни ја претставува држава како божем претседател? Нашле многу нешта, а меѓу другото будалата која ја составувала „реакцијата“ и будалата која ја одобрувала го виделе тој оригинален и автентичен насловен „третман“ како почеток на Volkischer Beobachter (!?), па на тоа накалемиле „рушење на угледот“ на растението, па „омаловажување и деградација“ на признанијата и одликувањата на истото, итн. Од збор до збор – ама ич не им се бендисало делото на Дојранлиев. Плус, тоа било „обид за создавање искривена перцепција во јавноста“! На што? На улогата на едниот и на другиот во настаните во позадината? Ма немој? Можеби е искривена перцепцијата во однос на нивните улоги во градењето на оваа држава, ама во разградувањето не е, воопшто! Дури напротив.

Се разбира, јас не сум адвокат на „Слободен печат“, ама кога во кабинетот на растениено навистина има такви будали – на чело со него, се разбира – кои овој весник можат да го споредат со спомнатиот „Народен набљудувач“ (едно од главните дневни гласила на Хитлеровата Нацистичка партија), тогаш со тоа треба да се позанимава и ЈО. А ние кои одвреме-навреме се наоѓаме на неговите страници веројатно би можеле тоа да го решаваме со приватни тужби, а?! Па да го влечкаме лудакот по судници секои два-три дена, да не знае главата каде му е. Иако, сигурен сум, тоа и така не му бега. Ако не од нас, тогаш од процедурите на власта. А впрочем, и нему еднаш ќе му заврши мандатот, нели?!

Но, што е толку страшно во таа фотомонтажа на маестро Дојранлиев што толку го раздрма кабинетот на штрумфчето? Ставањето на ликот на растението во контекстот на настаните од 27 април? И што тука има чудно или необично? Уште помалку – навредливо? Та, зарем таа сподоба навистина мисли дека граѓаните на Македонија не се свесни за сите негови ролји во изминативе десет години, вклучително и таа? Или му запречи свастиката а на будалите околу него им даде шлагворт за споредбите со Volkischer Beobachter? Ебави тоа кабинетските шутраци кога не умеете да најдете подобар одговор туку одите на прва импресија, и тоа – утната до зла бога. И, впрочем, зарем орденот не му беше доделен на певецон само десетина дена по крвавиот пир во Собранието? Како награда – за што? Само за јубилејот на Македонската опера и балет? Па тој орден, да имаше некој паметен во кабинетот на растението, ќе му го врачеа на кој било друг, на првата хигиеничарка, а не на ороводачот на пирот! А сепак, што покажаа, или што докажаа со ваквата „реакција“ и кабинетот и растениено со специјални потреби? Го докажаа само она што и досега го знаевме и говоревме: дека не живеат во ова време и овој простор, дека се тотално неуки, апсолутно неспособни да ги разберат случувањата во државата, уште помалку се свесни за нивната улога во истите. Но, тие приказни ќе им ги раскажат некои други, во формата на обвиненија, се надевам во блиска иднина. Ако не повеќе, барем за вакви реакции имаа цели десет години за време на вистинската фашистичка стравовлада на злосторничката банда. Или тие тоа навистина го сметаа(т) за – народна власт?

Но, кога веќе сакаат да буричкаат по историјата, а не ги бидува, никако, тогаш да ги потсетам на извесен Хелмут Херцфелд, попознат како Џон Хартфилд, исто така Германец, берлински дадаист, човек кој меѓу првите во поновото време ја употреби фотомонтажата како силно политичко оружје. И тоа токму против нацизмот. Знам дека кабинетскине стаорци на растението се тотални дунстери и за уметност, како впрочем и за сè друго, ама нека ја отворат Википедија – зашто друго и не читаат – и ќе видат кој бил човекот. Хартфилд буквално ги побудалувал нацистите со неговите исмејувања на нивните водачи, нивните „политики“, нивниот антисемитизам. Неговите фотомонтажи не се едноставни шеги со слика и (евентуално) збор – како впрочем и оние на Дојранлиев – туку тоа се симболични, провокативни дела што допираат повеќе рамништа, со прецизно калкулирана организација на просторот, читливост но и понуда за дополнителни размислувања за темата. И заради тоа нацистичкиот погром, и прогон во 1933 година, го води прво во егзил во Чешка, па во Британија. И затоа тука, сега, и со полно право, ние можеме, и треба, да влечеме паралели со оваа „реакција“ на кабинетот како типична нацистичка СС реакција контра „Слободен печат“ / Героски / Дојранлиев. И тоа не е ништо ново за таа кабинетска банда и за растениено кое веќе непресметливо се расправа со сè и сешто што му пречи. Такво беше впрочем и целото негово марионетско „претседателствување“, во сенка и по диктат на македонската варијанта на германскиот нацизам, како самопрогласен интелектуалец. а всушност безрбетна балерина на навивање, една од најсмешните политички протуви во македонската историја!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Александар Дојранлиев